Култура
Убедлив театарски успех – МНТ со „Народен пратеник“ ја освои главната награда на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Србија
Главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на 45. фестивал „Борини позоришни дани“ во Врање, Србија, беше прогласена претставата „Народен пратеник“, во продукција на Македонскиот народен театар.
Со едногласна одлука, жирито во состав: Наташа Гвозденовиќ, театарска критичарка, Трајче Кацаров, драматург, и Васил Василев, театарски режисер и претседател на жирито, во образложението истакнаа дека претставата „Се издвојува како најдобра, бидејќи е комплексно и вешто режирана и е сместена во автентичен простор што го засилува доживувањето на дејствието“.

„Ова признание е потврда за континуираната посветеност и креативност на целиот ансамбл на МНТ. Горди сме што претставата „Народен пратеник“, во режија на Егон Савин, успеа да ја пренесе универзалноста на Нушиќевата комедија и да ја доближи нашата театарска енергија до публиката во регионот. Победата во Врање, не е само успех на претставата, туку и на целата институција, која постојано вложува во уметнички вредности, професионализам и меѓународна соработка. Ова е поттик да продолжиме со уште поголем ентузијазам и креативна сила.“, изјави по овој повод, директорот на МНТ, Никола Кимовски.
Во конкуренција за наградите годинава учествуваа седум претстави, а фестивалот по третпат имаше меѓународна селекција. Четири претстави беа од Србија, две од Република Српска и една од Македонија.

Ова сценско остварување, на големиот комедиограф Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин – еден од водечките театарски режисери на Балканот – беше изведено на сцената „Бора Станковиќ“ на 24 октомври.
Во претставата со брилијатна актерска игра настапуваат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.


Фестивалот „Борини позоришни дани“ годинава се одржа од 21 до 28 октомври, под слоганот „Смеење, тишина, вистина и уште по нешто“.
Веќе четири и пол децении, овој фестивал претставува значаен културен репер на српската и регионалната театарска сцена, промовирајќи висококвалитетни сценски уметности и создавајќи простор за дијалог меѓу различни естетики и културни вредности.
Со учеството и победата на овој престижен фестивал, Македонскиот народен театар уште еднаш ја потврди стратегиската ориентација кон регионална соработка, културна размена и афирмација на македонската театарска уметност пред пошироката меѓународна јавност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Излезе од печат стихозбирката „Гороцвети“ од Зора Златева
Книжевниот трезор во Охрид е побогат за уште една стихозбирка.
Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“Охрид излезе од печат третата стихозбирка „Гороцвети“ од роднокрајната авторка Зора Златева.
Над триесетте песни и уште петнаесеттината минијатури се потврда за творечкиот и стилски растеж на поетесата Златева и се огледало на нејзиниот хабитус и ракурс на животот.
Дел од песните се лична експресија запишана на хартијата а останатите се собирани духовни приказни од околината и нечии судбини кои биле доволно инспиративни за авторката за таа да ги преточи во песни.
Претходно Златева во 2022 ја издаде стихозбирката „Блесок“ и две години подоцна „Сон“ а со свои песни е често застапена во збирки поезија издадени во Охрид и низ целата држава.
„Гороцвети“ веќе можете да ја зајмите во Библиотеката во Охрид.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.

