Култура
Утревечер гостување на Хрватскиот гитарски квартет во Македонската филхармонија
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/HGK-7.jpg)
Утревечер, во 20.30 часот, на големата сцена во Македонската филхармонија, во организација на платформата „За тебе“ за првпат ќе гостува „Хрватски гитарски квартет“ во состав: Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ.
„Со големо задоволство го најавуваме нашиот прв настап во Скопје. Нашата програма е идеална комбинација на познати дела од класичната музика до понови композиции претежно од хрватски автори. Некои од овие композиции се напишани само за нас за концертниот настап, а помеѓу другото, скопската публика ќе има можност да го слушне и познатото Фанданго од Луиџи Бокерини и неодамна компонираните Багатели од хрватскиот композитор Зоран Јураниќ, чиј втор став Онмаџо а Нино Рота сосема плени. Концертот ќе го завршиме со композиција на Астор Пјацола, што е големо задоволство и за нас што ја изведуваме, но и за сите што ќе имаат можност да ја слушнат. Бидејќи овој концерт е посветен на жената за крај од нашиот настап подготвивме и изненадување за сите дами. Со нетрпение го очекуваме Скопје и прекрасната акустика на салата во Македонската филхармонија, за која толку многу слушавме изминатиов период“, велат музичарите од Хрватски гитарски квартет.
Инаку, новооформената платформа „За тебе“ се залага во континуитет да промовира атрактивна, пред се, музичка културна содржина и меѓународни гостувања на светски и регионални докажани музички артисти.
Концертниот настап на „Хрватски гитарски квартет“ ќе биде посветен на жената, како синоним на духовноста. Недвојбено, жената како гласот на мудроста, одмереноста, грациозноста, нежноста, стаменоста, храброста и истрајноста – жената како борец, хероина против неправдата, која исправено стои, борејќи се за социјални и општествени промени.
На програмата ќе бидат изведени дела од: Луиџи Бокерини, Антонио Вивалди, Астор Пјацола, Рафет Руди, Мирослав Милетиќ, Гордан Тудор, Сергеј Прокофјев и Зоран Јураниќ.
Гитарската четворка Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ го одржале својот прв заеднички концерт во 2016 година и оттогаш имаат отсвирено бројни турнеи низ Хрватска, Италија, Словенија, Чешка… вклучително и неколку премиерни изведби на дела од композитори како Викторија Чоп, Гордан Тудор и Зоран Јураниќ, како и настапи со Загрепските солисти и Вараждинскиот камерен оркестар. Ја добија наградата „Орландо“ на Хрватската радио-телевизија за нивниот концерт на фестивалот „Дубровничко лето“ во 2017 година. Од 2020 година, овој ансамбл настапува под името „Хрватски гитарски квартет“ и истата година го објавија албумот „Guitarrismo“ за „Кроација рекордс“, кој доби две номинации за „Порин“. Во 2022 година, објавија албум под името „Багатели за домашна употреба“ („Кантус“). „Хрватски гитарски квартет“ изведува дела од сите музички епохи, со посебен акцент на делата на хрватските композитори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Култура
Почесна „Златна рамка“за актерот Тони Михајловски, продуцентот Владимир Анастасов – Вац, и филмскиот работник Марина Колоска: Утре почнува 6. издание на филмската ревија на новиот македонски филм
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/ZLATNA-RAMKA-2024_POSTER-750x375.jpg)
Во рамки на тридневната програма на филмската ревија „Златна рамка“ , која започнува утре на , на 19 јуни, на свечената церемонија почесни награди ќе им бидат доделени на тројца истакнати филмски професионалци од македонската филмска индустрија:
Тони Михајловски, истакнат филмски актер: Роден на 30 јуни 1967 г., во Куманово. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Владимир Милчин (1993). Од 1994 до 1999 г. работи во Македонскиот народен театар, а потоа преминува во статусот слободен уметник. Во 2013 г. повторно се враќа во Македонски народен театар – Скопје.
Владимир Анастасов – Вац, продуцент, ќе ја добие наградата за истакнат филмски автор. Анастасов дипломирал на катедрата за Филм, Театар и ТВ продукција при Факултетот за драмски уметности во Скопје, Македонија. Во декември 2002 година, ја основа продуцентската куќа “Сектор филм“, во чии рамки е продуцент на голем број наградувани филмови, прикажани на меѓународни филмски фестивали.
Марина Колоска, истакнат филмски работник: Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот камера. Во периодот од 2000 до 2004 година, својот кариерен пат го гради како дел од тимот на Македонската Радио Телевизија (МРТВ). До сега, Колоска била прв асистент на камера на над 60 кратки и играни филмови.
Шестото издание на “Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), ќе се одржи од 18. до 20. јуни, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Филмските ентузијасти ќе може да ги проследат најновите филмски остварувања на домашните филмски таленти. Филмската ревија “Златна рамка“ ќе започне традиционално, со свеченото собрание на ДФРМ, по што ќе следува богата тридневна филмска програма. Иницирана како дел од стратешката програма за афирмирање на филмската уметност и домашната продукција, „Златна рамка“ се етаблира како клучен настан за промоција на македонската кинематографија. Примарната цел на фестивалот е транспарентно да ја претстави годишната продукција, а со тоа да го подобри квалитетот на проектите и да генерира интерес кај домашната публика и медиумите.
Исто така, оваа филмска ревија нуди платформа за филмските професионалци да разговараат за релевантни прашања и да ги споделат нивните достигнувања. Во текот на следните три дена, „Златна рамка“ ќе служи како енергично место за средба на филмаџиите, актерите и кино ентузијастите. Присутните може да очекуваат да уживаат во програма со различни долгометражни филмови, кратки и документарни филмови од најновата македонска филмска продукција. „Златна рамка“ ја симболизира основната кинематографска „рамка“, суштинската единица на филмската технологија. Оваа филмска ревија која веќе традиционално се одржува секоја година, продолжува да ги промовира македонските филмски дела и да придонесува за енергичниот културен дијалог што ги надминува лингвистичките и културните граници.
ПРОГРАМА
Долгометражни филмови:
– 18 јуни, 20:30 часот: “Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова, во продукција на “ДНФ филмска продукција“.
– 20 јуни, 20:00 часот: “Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов, во продукција на “Мајнд продукција“.
– 20 јуни, 22:00 часот: “Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски, во продукција на “Лист продукција“.
Краткометражни филмови:
На 19 јуни во 18 часот ќе бидат прикажани девет кратки филмови. На програмата се остварувања на режисерите: Александра Кардалевска, Ангела Димеска, Јован Саркањац, Јане Спасиќ, Ѓорче Ставрески, Сандра Георгиева, Сабедин Селмани, Берат Асани, Јане Алтипармаков и Гоце Трајковски.
Документарна програма:
– 18 јуни, 18:00 часот: “Бисер“ во режија на Драган Кумев, “Кумев Бротхерс продукција“.
– 18 јуни, 18:00 часот: “Последниот каубој на Балканот“ во режија на Сабедин Али, во продукција на “Визиони Плус д.о.о.е.л.“.
– 19 јуни, 12:00 часот: “Живот на крстосница“ (Недопирливи) од Зоран Димов, во продукција на “Супер Продукција БТР“ и „Емигрант сум или…“ од Сенад Абдули, “Арнел Продакшн д.о.о.е.л.“.
– 20 јуни, 18:00 часот: “Дневник по многу години“ (Јанsа) во режија Никола Т. Калајџиски, а во продукција на “Контраст Филм“. Социјална програма „Фокус“: Специјални проекции кои ќе се одржат на 20 јуни во Домот за стари лица “Мајка Тереза“ за публиката која не може да го посети киното “Фросина“.
Дополнителни настани:
– 19 јуни, 20:00 часот: Презентација на филмската камера на “Sony“.
– 20 јуни, 12:00 часот: Трибина на тема “Зачувување на аудиовизуелното наследство“ на која учествуваат експерти како Владимир Ангелов, проф. Владимир Павловски, Игор Старделов и Роберт Јанкуловски.
Култура
Заврши снимањето на филмот „Мизантроп“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/mizantrop.jpg)
Продуцентската куќа Контраст Филм го заврши снимањето на краткометражниот игран филм „Мизантроп” по сценарио и во режија на Бранко Kостески.
Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм.
Филмот е современа комедија која претставува обид да се портретира мизантропот од денешна перспектива, приказна за осаменоста и отуѓеноста на еден човек кој се противи на лагата и лицемерието во современото општество, но истовремено и на сопствената среќа.
Улогите во филмот ги толкуваат: Сашко Коцев, Ана Стојановска, Габриела Петрушевска, Анастас Тановски и Тинка Ристеска.
Директор на фотографија: Дејан Димески; Сценограф: Дејан Ѓошевски; Костимограф: Жаклина Крстевска; Шминкер: Игор Петрески; Продуцент на филмот e Дејан Димески – Контраст филм, а копродуцент е Роберт Јазаџиски – Кавал филм.
Култура
Трагедија: на 35-годишна возраст почина една од најдобрите оперски пејачки во светот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/Screenshot-2024-06-17-134740.jpg)
Почина Џоди Девос, сопранистка од Белгија и една од најдобрите оперски пејачки во светот, со меѓународно реноме.
Причина за смртта, како што се наведува, е рак на дојката. Џоди имаше 35 години.
Пред десет години таа го освои второто место на натпреварот на кралицата Елизабета.
Ова доведе до улоги во Opera Comique во Париз и други компании во Франција и Белгија. Таа ја испеа „Кралицата на ноќта“ во Бастилја и многу други опери.
Еден критичар на „Тајмс“ еднаш напиша за Џоди: „Нема висока нота што не може да ја достигне“.
„Со голема тага и емоции ја објавуваме смртта на Џоди Девос. Џоди храбро се бореше со ракот неколку месеци. Таа се врати на сцената во театарот на 30 април со голема решителност, но нејзиното здравје наеднаш се влоши пред неколку дена. Оваа вест, толку нереална и неправедна, е длабоко шокантна за сите нас. Џоди имаше 35 години и беше на врвот на својата уметност. Знаеме колку ја сакаа колегите, целата музичка заедница и, се разбира, јавноста“, се вели во соопштението за смртта на уметницата, пренесува slippedisc.com.