Култура
Учениците од средното музичко и балетско училиште на фестивал на млади музичари од Медитеранот
Во Државниот музичко-балетски училиштен центар ,,Илија Николовски – Луј” не постои зборот распуст. За разлика од најголемиот број училишта, кои се испразнети, а наставниците се посветени на обврските по завршувањето на наставната година, тоа не е случај со ова училиште. Неуморно секој ден голем број ученици работат со своите наставници и се подготвуваат за нивните настапи.
Пред само две недели, во периодот од 20 до 24 јуни, на покана на CREART, 23 ученици и наставници од Насоката за традиционална музика и игра гостуваа на Интернационален фолклорен фестивал ,,Традицијата и музиката на Букурешт” . Учениците се претставија на високопрофесионални сцени и беа дел од интернационалното дефилирање низ централниот дел на Букурешт, заедно со фолклорни ансамбли од Кина, Србија, Украина, Црна Гора, Словачка и Романија.

А веќе денес нова група од 10 ученици и наставници заминаа во Италија, каде заедно со нашите ученици учествуваат и ученици од Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Словенија, Црна Гора, Грција, Шпанија, Романија и Италија. Станува збор за Фестивал на млади музичари од Медитеранот, проект за соработка меѓу музичките училишта од Источна и Западна Европа кој има за цел да ги надмине меѓусебните разлики и да развива и поттикнува вистински вредности преку заедничко музицирање.
Проектот кој беше регионален и започна со бесплатен семинар и концерти во Призрен, прерасна во голем меѓународен проект. Секоја година неколку ученици заминуваа во Призрен, а потоа неколку од нив беа одбирани да настапат со оркестарот кој работи и одржува концерти во неколку градови во Италија. ДМБУЦ ,,Илија Николовски -Луј” веќе неколку години е партнер-училиште со организацијата Ipsia, Forli-Cezena, Италија, претставувано од Тереза Инделикати, кои се организатори на мастеркласи и концерти за ученици од музичките училишта од Балканскиот Регион. По повеќе години меѓусебна успешна соработка Wunderkammer orkestra,претставувано од Стефано Готи од Песаро, Италија, во соработка со организаторите на проектот Musica: a bridge among people, Forli-Cezena, поканети беа двајца ученици од нашето училиште, Дани Жоговска -пијано и Даниел Мојсоски – виолина, да одржат концерт во прекрасно уредениот простор за концерти во катедралата Сент Анунсиа во Песаро, Италија. На концертот присуствуваше многубројна публика, како и претставници од општина Песаро. Даниел имаше чест концертот да го изведе на виолина стара стотини години, со голема уметничка и парична вредност. Дани и Даниел од организаторите добија паричен износ во вид на стипендија за поддршка на нивното понатамошно образование. Концертот се одржа на 9.12.2018 година, ни изјави одговорниот наставник од училиштето за овој проект, Николина Тодоровска.
„Посебно ме израдува поканата во декември 2018 година, која ја добија двајцата наши ученици, Дани Жоговска на пијано и Даниел Мојсоски на виолина, да одржат концерт во Италија. Сон на секој ученик и музичар е да има можност за рецитал во некој концертен простор. Концертот помина одлично, публиката воодушевена, а местата во салата исполнети до последно место. Затоа, и понатаму ќе се вложувам максимално за најдобрите ученици да бидат видени на големите сцени во европски градови, а не да останат во своите училници и да настапуваат само пред своите најблиски пријатели и роднини. Навистина е за гордеење да се биде директор на вакви ученици”, вели директорот Јован Бицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

