Култура
Филмови од најрелевантните филмски фестивали годинава на ИФФК „Браќа Манаки“: Најважна е визуелната естетика бидејќи е фестивал на кинематографери
ИФФК „Браќа Манаки“ е наша гордост и годинава ќе има исклучително квалитетно издание, со квалитетна програма и доста возбудливо, оценува директорот Димитрија Доксевски.
Селектор на главната програмата на фестивалот е Слаѓан Пенев.
-Ова е фестивал на кинематограферите и најважна е визуелната естетика. И тоа е првиот критериум според кој ги проценуваме филмовите во текот на 12 месеци помеѓу едно и друго издание на фестивалот. Годинава имаме избор од филмови од најрелевантните филмски фестивали, добитници на награди, на отворањето ќе биде прикажан македонскиот филм „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, кој претходно имаше премиера на програмата „Хоризонти“ на филмскиот фестивал во Венеција, а на затворањето ќе биде прикажан македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски, наградуван на голем број фестивали, вели Слаѓан Пенев.
Програмата на главната селекција Камера 300 ја сочинуваат филмовите: „Мајка“ во режија на Теона Стругар Митевска, кинематографер Виржини Сен Мартан, „Диџеј Ахмет“ во режија на Ѓорѓи М. Унковски, кинематографер Наум Доксевски, Сништа (секс, љубов) во режија на Даг Јохан Хаугеруд, кинематографер Сесили Семек, „Сират“ во режија на Оливер Лаше, кинематографер Мауро Херсе, „Одмазничка“ во режија на Доминик Седлар, кинематографер Дејвид Мекфарланд, „Ѓаволот пуши (и ги чува изгорените кибритчиња во истата кутија)“ во режија на Ернесто Мартинез Бусио, кинематографер Одеи Забалета, „Се уште сум тука“ во режија на Валтер Салес, кинематографер Адријан Теихидо, „Посетител“ во режија/ кинематографер Витаутас Каткус, „Мирен живот“ во режија на Александрон Авранас, кинематографер Олимпија Митилинау, „Нов бран“ во режија на Ричард Линклејтер, кинематографер Давид Шамбиј, „За паѓањето“ во режија на Лаура Кареира, кинематографер Карл Киртен.
Жири комисијата на филмовите од официјалната селекција во компетиција за ЗЛАТНАТА КАМЕРА 300 го сочинуваат: Денис Ленуар, претседател на жирито, Астрид Хојбрантнер, кинематограферка, Валерио Карузо, директор на веб-страницата „Синеуропа“, Асја Крсмановиќ е босанска сценаристка, драматургинка и истакната програмерка на филмски фестивали и Митко Панов, филмски режисер.
Марија Апчевска заедно со Атанас Велковски ја селектираа интернационалната краткомрежна програма.
-Годинава ќе бидат претставени 14 наслови од целиот свет, од Европа, Америка, Азија, Австралија… Ќе има филмови од Швајцарија, Турција, Сингапур, Филипини. Оваа програма го слави краткиот филм како засебна форма и дозволува слобода, од аспект на камера и кинематограферски достигнувања. Како и досега во оваа програма, меѓу другите наслови ќе има и македонски филм „Нова енергија“ на режисерите Сара Климовска и Радован Петровиќ, а дополнително меѓу 14-те филмови ќе биде прикажана и нашата копродукција, филмот „Лојнес“, кој имаше премиера на годинашниов Канскиот филмски фестивал, вели Апчевска.
Посочува дека дел од филмовите се со социјални теми, со авантуристички приказни. Тоа се филмови кои имале премиери на големи фестивали, биле добитници на награди, но и има и филмови на нови имиња.

Во селекцијата за кратки филмови ќе бидат прикажани следниве наслови: „Боговите“, „Гаранција“, „Добредојде дома“, „Лојнес“, „Низ твоите очи“, „Нова енергија“, „Осаменоста на гуштерите“, „По изгрејсонце“, „Победа“, „Поради тебе“, „Светлината беше прекината“, „Сино срце“, „Човечки глас“, „Кога гуските летаа“.
За оваа селекција ќе одлучува жирито во состав: Тудор Владимир Пандуру, кинематографер, Марко Брдар, кинематографер и Марија Џиџева, режисерка.
Кумјана Новакова e селекторка на документарната натпреварувачка програма на „Браќа Манаки“.
-Програмскиот концепт на натпреварувачката документарна програма на овогодинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се води од неколку начела, од кои најзначајни се како и секогаш во програмската селекција за Манаки – креативната храброст и посебноста на ликовниот филмски израз, односно иновативноста во кинематографскиот пристап, но посебно за документарната натпреварувачка програма и општествената одговорност и ангажман.
Програмата ќе претстави 8 филмски остварувања од цел свет – Европа, Јужна Америка, Блискиот Исток, како и од нашиот регион, а кои ги обединуваат актуелни социјални, еколошки, економски, политички и културни теми.
Заедничко за сите филмски дела е што преку специфичниот филмски израз кинематограферите на селектираните филмови исклучително креативно успеваат да ни го отворат светот на доку-фикцијата и хибридните доку-фиктивни форми.
Она што е посебно за оваа година е што документарната натпреварувачка програма обединува долгометражни и кратки, односно среднометражни филмови. Документарниот филм е простор на експериментирање во и со формата, и од тие причини се враќаме на правилото дека во оваа натпреварувачка програма подеднакво внимание заслужуваат филмовите со сите траења, и сите се во конуренција за Железна камера: 4 среден-метар (со траење од 20 до 30 минути, и 3 долгометражни со траење над 70 минути), вели Новакова.
За железна камера 300 ќе одлучува жирито за најдобар визуелен пристап е составено од тројца членови : Лара Виланова, Карла Црнчевиќ и Роберт Јанкулоски.
Од оваа селекција на 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе бидат прикажани филмовите: CONTROL ANATOMY, Cinematographer: Mahmoud Alhaj, SLET 1988 Marta Popivoda, Cinematographer: Ivan Markovic, L’mina Randa Maroufi, Cinematographer: Luca Coassin CCS, What We Ask of a Statue Is That It Doesn’t Move Daphné Hérétakis, Cinematographer: Robin Fresson, Daphné Hérétakis, Gymnasts Frédérique Menant, Cinematographer: Guillaume Mazloum, Say Goodbye Paloma López Carrillo, Cinematographer: J. Daniel Zuñiga, The Ground Beneath Our Feet Yrsa Roca Fannberg, Cinematographer: Wojciech Staroń, When The Phone Rang Iva Radivojević, Cinematographer: Martin DiCicco
Ханис Багашов ја селектираше студентската програма.
-Студентската програма обединува филмови од млади автори од филмските училишта низ Европа и пошироко. Секој филм носи свој посебен израз, а заедно прават живописен мозаик од перспективи, култури и традиции на визуелно раскажување. Од интимни и лични приказни до формално смели експерименти, овие филмови не само што ја откриваат креативноста на една нова генерација, туку и ја истакнуваат суштинската улога на кинематограферите во обликувањето на значењето, атмосферата и емоцијата на филмот, вели Багашов.
Ќе бидат прикажани: „Сенките на Месечината“, „Во топли води“, „Ментор“, „Биково око“, „Потомство“, „Со среќа, Сара!“, „Дома ми се чини дека сакам да си одам“, „Светло месо“, „Мирисот на цвеќињата“, „Лавина“, „Костимот за капење“, „Каде одиш“, „Противпожарна вежба“, „Потруди се“, „Еднорогот во пантолони за снег одеднаш избега“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

