Култура
Филмот „Вратената“ го отвора 11. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“
Единаесеттото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифоини Македонија“ ќе биде отворено вечерва во 19 часот во киното „Милениум“ во Скопје со проекција на филмот „Вратената“ (L’Arminuta), во режија на Џузепе Бонито. Проекцијата е од отворен карактер и не е наменета само за учесниците на фестивалот. „Вратената“ е снимен според истоимениот роман на Донатела ди Пјерантонио. Улогите ги толкуваат: Аурора Барули, Карлота де Леонардис, Фабрицио Феракане, Андреа Фуорто и други. Филмот во 2022 година ја добил наградата за најдобро адаптирано сценарио на италијанските филмски награди „Давид ди Донатело“.
На отворањето ќе се обрати амбасадорот на Италија во Скопје, Андреа Силвестри.
Повеќе од 550 учесници од девет земји од денеска ќе бидат дел од 11. издание на „Џифони Македонија“. На добро познатите локации – Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“ до 10 октомври „џифонци“ ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе учествуваат на креативни работилници. Утрово, јуниорите, односно основците, го почнаа својот прв ден во Кинотеката, а средношколците ќе ја почнат својата програма утре во Младинскиот културен центар.
Годинава, освен од нашата земја, на фестивалот се очекуваат 40 учесници од: Италија, Србија, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и од Франција.
Петнаесет долгометражни филма во официјална конкуренција поместени во три категории, односно кадети (од 6 до 9 одделение), јуниори (I и II средно) и сениори (III и IV) ќе проследат 35 краткометражни и анимирани филмови.
„Годинава имаме 40-ина учесници од странство. Ние би сакале тој број да биде и поголем и се обидуваме да ги поттикнеме семејствата од Македонија да ги отворат своите домови за децата од странство. Не е секогаш едноставно зашто не секој имал такво искуство. Годинава, првпат тоа го правиме и со основците и можам да кажам дека изненадувачки е колку имавме убав одек при повикот. Родителите на основците беа одушевени од можноста и се надевам дека наредните години ќе можеме тој број и да го удвоиме. Учесници и од далечни земји, како Бразил и Индија, сакаат да дојдат кај нас, слушнале за ‘Џифони Македонија’, имаме многу побарувања од странски фестивали да дојдат кај нас, но првин мораме да имаме доволно семејства. Ова нека биде и апел за семејствата што годинава се двоумеле, но в година да се осмелат и да примат дете во својот дом“, истакна Деа Крстевска-Тамборини.
Ние сакаме да пречекаме што е можно повеќе учесници, меѓутоа и киносалите ни се со ограничен капацитет, истакна Дарко Башески, директор на Фестивалот.
„Како здружение, повремено организираме и други проекти. ‘Џифони патува’ веќе помина 25 општини, а за жал, годинава тој проект не беше поддржан. Имавме уште една активност што ја почнавме минатата година,’Џифони филмски денови’, со идеја да ги вратиме децата во киносалите по паузата за време на пандемијата. Одржавме такви 10 настани. Сакам да напоменам дека сите активности што ги организира нашето здружение се комплетно бесплатни за сите млади. Сите се добредојдени да уживаат“, истакна Башески.
Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе може да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерката Дина Дума (кај сениорите), рускиот режисер Олег Асадулин (кај јуниорите) и српската актерка Миона Илов (кај кадетите). Ќе бидат реализирани девет работилници – 3 за јуниори и 6 за кадети и сениори.
Програмата на фестивалот годинава е збогатена со нов сегмент наречен ЕПИК (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity). Станува збор за проектот за промоција на мирот преку креативност кај младите (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity), поддржан од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка во рамките на програмата, која има цел да придонесе за стабилизацијата во регионот и за поддршка на процесите за пристап кон ЕУ. ЕПИК предвидува серија активности, особено во рамките на 11. издание на „Џифони Македонија“, насочени кон промовирање на мирот, европските вредности и човековите права преку филм, уметност и култура и активно вклучување на младите во создавањето филмски и уметнички остварувања, кои имаат моќ да пренесат пораки за мир наменети за младата публика. Во рамките на ЕПИК ќе бидат прикажани 17 краткометражни филма, кои ќе се натпреваруваат за три награди. Ќе бидат организирани две панел-дискусии на тема ЕПИК со претставници од филмски фестивали за деца од регионот, а в понеделник ќе биде прикажан и грчко-италијанскиот документарен филм „Учениците од Умберто Примо“.
Дел од програмата ќе бидат и две презентации на нови кратки филмови од млади автори од Македонија, „Метаморфозис“ ќе одржи презентација на тема медиумска писменост, а ќе се реализира и средба со основачите на брендот Filmthusiast. Крстевска истакна дека како фестивал, „Џифони Македонија“ индиректно им помага на младите да дознаат со какви сè професии може да се занимаваат преку успешни примери од луѓе што се осмелиле да го следат својот сон.
„Сакаме да им покажеме на децата што се во публика дека нема невозможни професии, дека сè што ги интересира, необична работа, што ним им претставува задоволство, може да им стане професија. Дека во креативната индустрија има милион работи со кои можат да се занимаваат. На пример, сите тие луѓе што работат на филмовите, чии имиња ги гледаме на завршните кајрони на филмовите, тоа сè се убави професии иако можеби на родителите не им изгледаат како посакувана иднина за нивното дете. Честопати имаме примери на деца што велат: моите родители сакаат да студирам право, а јас сакам филм. На „Џифони“ дознаваат дека тоа е возможно.
Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во киното „Милениум“ кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории, а ќе бидат доделени и наградите од конкурсот ЕПИК. Ќе бидат прикажани творбите и сценските изведби подготвени од учесниците на креативните работилници.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: „Џифони експириенс“, Агенцијата за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотеката на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје и многубројни институционални и приватни поддржувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.
Култура
Улогите по кои ќе го паметиме Роберт Дувал
Роберт Дувал, оскаровец и еден од најкарактерните актери на американскиот филм, почина на 96-годишна возраст. Веста ја потврди неговата сопруга Лусијана Педраса Дувал, наведувајќи дека починал мирно во својот дом во Вирџинија. Семејството соопшти дека нема да има јавна погребна церемонија.
Кариерата на Дувал, долга седум децении, не може да се сведе на еден наслов или еден тип улога. Иако публиката често го памети како Том Хејген, тивкиот и пресметлив адвокат на семејството Корлеоне, неговиот актерски опсег беше многу поширок.
Од раните театарски години во Њујорк, преку подемот во шеесеттите и седумдесеттите, Дувал создаваше ликови на авторитети, војници, проповедници и луѓе на работ на распад, со ист занаетчиски фокус. Оскарот за главна улога во Tender Mercies само формално потврди дека може сам да понесе филм.
Во продолжение се десет филмови по кои ќе го паметиме.
To Kill a Mockingbird (1962)
Филмската адаптација на романот на Харпер Ли е раскажана од детска перспектива, но зборува за длабок општествен судир: адвокатот Атикус Финч брани Афроамериканец обвинет за силување на бела жена на сегрегираниот американски Југ.
Улогата на Дувал е мала, но клучна. Со воздржана телесност и тивки погледи, тој создава лик кој од урбана легенда постепено станува вистинска, ранлива личност.
MAS*H (1970)
Филмот на Роберт Алтман е воена приказна што функционира како антивоен коментар, сместена во мобилна болница за време на Корејската војна.
Дувал го толкува мајорот Френк Бернс – офицер кој ја сфаќа својата позиција премногу сериозно. Наместо карикатура, Дувал го игра со целосна сериозност, а токму од контрастот со циничната околина произлегува хуморот.
The Godfather (1972)
Филмот на Френсис Форд Копола е епска студија за моќта и семејството.
Том Хејген е адвокат и стратег на семејството Корлеоне – човек кој не вика и не се заканува, но разбира системи и правила. Тој е фигура меѓу два света: правниот и криминалниот. За оваа улога доби номинација за Оскар за споредна машка улога.
Apocalypse Now (1979)
Филмот го претвора војувањето во психолошки лавиринт.
Дувал го игра потполковникот Бил Килгор – харизматичен командант кој војната ја доживува како сцена за личен стил. Неговата интерпретација покажува човек на кој насилството му станало рутина. За улогата беше номиниран за Оскар.
Tender Mercies (1983)
Тивка драма за поранешен кантри музичар кој се обидува да го обнови животот по алкохолизмот.
Дувал го игра Мек Слеџ без патетика и претерување. Со минимализам и внатрешна напнатост создава лик на човек кој се бори со минатото. За оваа улога го освои Оскарот за најдобар актер.
Days of Thunder (1990)
Приказна за млад возач кој учи дека брзината бара контрола.
Дувал е Хари Хог – искусен шеф на тим и ментор. Во филм исполнет со адреналин, неговиот лик е симбол на стабилност и практична мудрост.
The Apostle (1997)
Драма за проповедник кој по личен пад се обидува да почне одново.
Дувал го режира и го игра Џулиус Ф. „Сони“ Дјуи – харизматичен, но нестабилен човек, способен и за инспирација и за деструкција. За улогата доби номинација за Оскар.
Jack Reacher (2012)
Акционен трилер за поранешен воен истражител кој открива сложена мрежа зад наизглед едноставен случај.
Дувал се појавува како Мартин Кеш – сопственик на стрелиште со сопствен кодекс и искуство што ја продлабочува приказната.
The Judge (2014)
Судска драма што се претвора во семејна приказна.
Дувал го игра судијата Џозеф Палмер – човек кој целиот живот бил авторитет, а сега се соочува со слабоста и стареењето. Улогата му донесе уште една номинација за Оскар.
The Pale Blue Eye (2022)
Готски трилер сместен во 1830 година, во кој се истражуваат мистериозни убиства во Вест Поинт.
Дувал го толкува Жан Пепе – лик со знаење и сложена историја, чие присуство ѝ дава тежина на мистеријата. Ова беше неговата последна филмска улога.
Роберт Дувал зад себе остави редок опус: без разлика дали играше адвокат, војник, музичар или судија, секогаш внесуваше мирна сила и внатрешна прецизност што ги правеше ликовите незаборавни.

