Култура
Филолошкиот факултет при УКИМ покажа дека соживотот може да биде и поезија, на „Денови на поезијата“
Соживотот може да биде и поезија! Оваа е една од многуте пораки што одекнаа од вечерта на современа македонска поезија „Лицето на зборовите“, што Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, вчера ја одржа во рамките на манифестацијата „Денови на поезијата“ во „Скопје Сити Мол“. Заедно со македонски поети и со доајенот на македонскиот театар, Благој Чоревски, студенти што студираат македонистика, во книжарницата на „Литература.мк“ пренесоа антологиски стихови од македонски автори од сите генерации И со македонската љубовна лирика покажаа како се љуби на македонски.
Но, покрај на македонски, песни на Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Михаил Ренџов, Даница Ручигај, Евгенија Шуплинова и од уште десетина современи македонски поети, за првпат беа прочитани и во превод на албански јазик. Прводите ги подготвија студентите на кои мајчин им е албанскиот јазик, а со љубов и голема посветеност на Факултетот ги изучуваат македонски јазик, книжевност и култура, со решеност професионално да ѝ се посветат на македонистиката. Поттикот за ваквиот потфат е од наставата по современа македонска книжевност на Катедрата за македонска книжевност и култура и преку оствареното, уште еднаш се покажа – на Филолошкиот факултет при УКИМ, љубовта кон македонскиот збор ги обединува сите.
Неслучајно, вечерта започна со поезија од Петре М. Андреевски и беше насловена според негова песна. Не само поради 90-годишнината од неговото раѓање, туку како што беше нагласено и на настанот, затоа што тој во своите стихови ни кажа и покажа дека лицето на зборот не е едно. А Филолошкиот факултет со своите активности потврдува дека зборот има онолку лица колку што има и јазици.
Со оваа активност во рамките на манифестацијата „Денови на поезијата“ се покажа со колкава заедничка посветеност и взаемна почит, современата македонска книжевност ја исчитуваат и студентите на кои мајчин јазик им е македонскиот, и оние што се родени говорители на друг јазик. Обединети околу идејата дека треба да се вложат во иднината на македонистиката. А ним им се придружија и поетите Веле Смилевски и Виолета Танчева-Златева, кои со публиката што го исполни сиот простор во книжарницата „Литература.мк“ споделија дел од своите стихови.
Откако македонската љубовна лирика одекна на македонски и во превод на албански јазик, пред присутните се обратиија и деканот на Факултетот, проф. д-р Владимир Мартиновски и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, професорка по современа македонска книжевност. Тие искажаа взаемно задоволство што љубовта кон лингвистиката, книжевната наука и преводот што им се пренесува на студентите дава вакви резултати. Ваквите остварувања, како што посочија се влог и во натамошните вложувања во афирмација на македонските книжевни вредности.
Со бројни активности, манифестацијата „Денови на поезијата“ продолжува денес и утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Млади европски музичари и истакнати меѓународни уметници ќе настапуваат во Македонската филхармонија овој февруари
Овој февруари, Институтот FAME’S ја претставува својата февруарска концертна серија во Камерната сала на Македонската филхармонија, со две концертни вечери кои ја отсликуваат разновидноста и професионалниот фокус на своите оркестарски едукативни програми. На сцената ќе настапат 30 внимателно селектирани млади европски музичари, како кулминација на интензивна повеќедневна работа со меѓународни ментори.
Преку концертите „Од студио до сцена“ и „Барајќи го грувот“, серијата го истражува односот помеѓу оркестарското снимање и изведбата во живо, како и дијалогот помеѓу класичната музика и џез традицијата — два различни, но подеднакво важни аспекти на современото музичко професионално образование.
„Институтот FAME’S е создаден за да ги поддржи младите музичари токму во моментот кога преминуваат од образовниот во професионалниот свет“, вели Од Насју Мапа, основачка на институтот. „Нашите програми ги ставаат во реални работни услови, комбинирајќи интензивни проби, снимање во професионално студио и јавни концертни настапи.“
Институтот FAME’S е европска оркестарска едукативна платформа која нуди интензивни програми што ја интегрираат оркестарската обука со практично искуство во снимање и сценска изведба. Развиен во соработка со FAME’S Project и поддржан од Европската Унија преку програмата Creative Europe, како и од Министерството за култура, институтот обединува млади музичари и меѓународни ментори околу широк репертоар — од класични и современи дела, до џез и хибридни музички форми.
Февруарската концертна серија директно го одразува овој пристап. Првиот концерт, под уметничко водство на Даниел Роланд, реномиран холандски виолинист и професор на Кралскиот колеџ за музика во Лондон, се фокусира на процесот на трансформација на музичкото дело од студиско снимање до концертна интерпретација. Програмата опфаќа дела кои носат силна емоционална длабочина и оркестарска комплексност, преку музика на Рихард Штраус, Петерис Васкс и Филип Глас.
„Разбирањето како музиката се менува помеѓу студиото и концертната сала е суштинско за денешните оркестарски музичари“, истакнува Роланд. „Тој процес развива слушање, флексибилност и уметничка зрелост.“
Вториот концерт ја насочува серијата кон ритамот и меѓу-жанровската соработка. Проектот е предводен од диригентот Тим Редмонд и џез тапанарот Даглас Маринер, кои заедно истражуваат како класичниот оркестар може да комуницира со џез-јазикот преку ритам, грув и импровизациски елементи.
„Кога музичари од различни традиции работат заедно, ритамот станува заеднички јазик“, објаснува Редмонд. „Се работи за слушање, реакција и доверба меѓу музичарите.“
Маринер додава дека ваквите проекти создаваат простор за вистински дијалог меѓу жанровите, без бришење на нивниот уметнички идентитет.
Преку двата концерта во Камерната сала на Македонската филхармонија, февруарската концертна серија на Институтот FAME’S нуди редок увид во современиот модел на оркестарска едукација во Европа — каде што образованието, практиката и јавната изведба се неразделно поврзани. За публиката, тоа е можност да се доживее музиката не само како финален производ, туку како жив процес на создавање и уметнички развој.
Картите за концертите се достапни преку продажната мрежа на MK Tickets.
Култура
Бесплатни проекции на регионални филмови на Зимското издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион
Зимското издание на Мрежата на фестивали на Јадранскиот регион ќе се одржи од 22 јануари до 5 февруари, со што публиката во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Северна Македонија ќе има можност бесплатно да гледа избор на наградувани регионални филмови – во кината и онлајн.
Публиката на земјите-членки на Мрежата ќе има можност да гледа шест наградувани регионални филмови: „Семејна терапија“ од Соња Просенц, „Fiume o morte!“ Игор Безиновиќ, „After the Summer“ од Данис Тановиќ, „Мајка Мара“ од Мирјана Карановиќ, „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан.
Програмата започнува на 22 јануари со бесплатни кино проекции во Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Херцег Нови и во Скопје, додека сите филмови ќе бидат достапни онлајн од 23 јануари преку платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba.
Во рамките на програмата, во Скопје ќе биде прикажан филмот „Мајка Мара“ во режија на Мирјана Карановиќ. Проекцијата ќе се одржи во „Синеплекс“ на 22 јануари со почеток во 19 часот. На проекцијата ќе присуствува режисерката и главна актерка Мирјана Карановиќ, актерот Вучиќ Перовиќ, кој ја толкува главната машка улога и кинематограферот Игор Маровиќ.
„Мајка Мара“ е приказна за средовечна успешна бизнисменка и самохрана мајка, уништена од прераната смрт на нејзиниот син единец. Таа емотивно се отуѓува и одбива да комуницира со семејството и пријателите, но кога го запознава блискиот пријател на покојниот син, Милан (Вучиќ Перовиќ), наоѓа утеха и мир во односот со него. Заедно тие откриваат сè повеќе факти за животот и смртта на Немања, што и дава можност на Мара да се соочи со сопствениот живот и емоции.
Меѓу филмовите во програмата е и „Fiume o Morte!“ Игор Безиновиќ – документарна драма за шеснаесетмесечната окупација на Риека и контроверзната историска фигура на италијанскиот поет, новинар, аристократ и воен офицер, фашистот Габриел Д’Анучи, раскажана преку гласовите на современите жители на градот, кои го доведуваат во прашање наследството од тој период и неговото влијание врз денешниот идентитет на Риека. Филмот „По летото“ од Данис Тановиќ носи комична драма за млада жена која доаѓа на островот по наследство, но се соочува со сопственото минато, семејни тајни и прашања за идентитетот. „Мајка Мара“ во режија на Мирјана Карановиќ е интимна драма за загубата, тагата и неочекуваната блискост помеѓу мајка и пријател на нејзиниот починат син. Филмот „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ, приказна за свадба што се случува и покрај одлуката на невестата да се откаже од бракот, ќе додаде горчливо-духовита нота на програмата. Семејна и топла приказна донесува „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан, филм за едно момче кое, со помош на еден необичен пријател, се обидува да ги поправи раскинатите односи во своето семејство.
Зимското издание се реализира како заеднички проект на водечките филмски фестивали во регионот – Белградскиот филмски фестивал, Сараевскиот филмски фестивал, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Загрепскиот филмски фестивал, Херцег Нови филмскиот фестивал и фестивалот „Браќа Манаки“ од Северна Македонија. Ова е четврто зимско издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион, организирано со цел поголема видливост, достапност и промоција на квалитетна современа регионална кинематографија.
Култура
Националниот џез оркестар ја почнува концертната сезона на 30 јануари
На 30 јануари, со почеток во 20:00 часот, во Македонската филхармонија, Националниот џез оркестар ќе ја отвори концертната сезона со концерт насловен National Jazz Orchestra with String Ensemble.
На концертот, Националниот џез оркестар ќе настапи заедно со гудачки ансамбл составен од музичари на Националната опера и балет. Во овој редок и внимателно обликуван спој, оркестарскиот звук се проширува и продлабочува, создавајќи нова звучна димензија.
Под диригентство на маестро Џијан Емин, ќе бидат изведени авторски композиции на Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески. Како солисти ќе настапат Кирил Кузманов на саксофон и флејта, како и Бојан Цветковиќ на пијано.
Како гостин на вечерта ќе настапи Георги Шарески — гитарист и композитор, чиј израз и музички сензибилитет природно се впишуваат во звучниот карактер на оваа концертна целина.
Со овој концерт, Националниот џез оркестар ја започнува новата концертна сезона, поканувајќи ја публиката на вечер во која музиката зборува сама за себе и нè носи надвор од секојдневниот ритам.
Билетите за концертот се достапни онлајн на платформата MKTickets, како и на нивните продажни места.

