Култура
Филхармонијата гостува со „Петре и волкот“ во Прилеп

Оркестарот на Филхармонијата, в петок, 17 септември, ќе гостува во Прилеп, каде што ќе ја изведе симфониската поема „Петре и волкот“ од Сергеј Прокофјев. Концертот наменет за најмладата публика ќе се одржи во Домот на културата „Марко Цепенков“ со почеток во 20 часот. Диригент е Борјан Цанев, а наратор е актерот Мартин Јордановски, кој ќе ги води децата низ авантурите на Петре.
„Петре и волкот“ е едно од најпознатите дела на рускиот композитор Сергеј Прокофјев и е неизоставен дел од репертоарот на сите симфониски оркестри, особено во театрите за деца. Делото е напишано за наратор и оркестар, чии одделни инструменти или групи инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. На тој начин младите слушатели се запознаваат со составот на оркестарот.
Приказната го следи Петре, кој поминува некое време во куќата на својот дедо сместена во шума. Еден ден тој не сакајќи, ќе ја остави вратата од дворот отворена и покрај тоа што дедото ќе го предупреди да не го прави тоа бидејќи во шумата живее опасен волк. Петре во тоа нема да верува, но кога навистина ќе се појави волкот, тогаш почнува неговата авантура обидувајќи се да го фати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Сиљан“ на Тамара Котевска со премиера во Венеција

По историскиот успех на „Медена земја“ – со три награди на Sundance и две номинации за Оскар – и интернационалниот успех на документарецот „The Walk“, македонската режисерка Тамара Котевска се враќа на голема врата. Нејзиниот нов филм „Сиљан“ [The Tale of Silyan] ја доби честа да ја има својата светска премиера на престижниот филмски фестивал во Венеција 2025, во официјалната селекција Out of Competition.
„Сиљан“ е визуелно маестрална, поетска и емотивна приказна за животот на еден фармер од Македонија и неговата неочекувана врска со бел штрк со скршено крило. Филмот е длабоко вкоренет во македонскиот фолклор, инспириран од народната легенда за момчето Сиљан, кое по расправија со татко му, се претвора во штрк.
Со зачудувачка фотографија на кинематографот Jean Dakar, „Сиљан“ нè носи низ заборавените пејзажи и нежноста на секојдневието, преточени во кадри што би можеле да бидат изложени во музеј. Фармерите Никола и Јана, со нивната игрива љубов и тивка болка, стануваат живи сведоштва за тоа како економските сили ги разнебитуваат традиционалните животи.
Филмот е снимен во период од три години, и започна како лична идеја која Котевска ја развиваше и ја водеше до целосна реализација. Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија Concordia и британската The Cornershop. Останати продуценти се Jean Dakar и Јорданчо Петковски со кој моментално Котевска го снима нејзиниот прв долгометражен филм „Човек против јато“.
Том Пауерс, селекторот на документарни филмови на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто и уметнички директор на најголемиот американски фестивал за документарци – DOC NYC за Котевска вели: „Котевска работи во свој сопствен поетски регистар, користејќи го филмот не за да поучува, туку за да отвори очи и срца кон животи кои инаку би останале невидливи.“
Култура
„Мајка“ на Теона Стругар-Митевска ја отвора селекцијата „Хоризонти“ на фестивалот во Венеција

Филмот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска ќе ја има честа да ја отвори програмата „Хоризонти“ на првиот натпреварувачки ден на годинешното издание на Венецискиот филмски фестивал.
Македонија повторно ќе биде дел од еден од најстарите и најпрестижни филмски фестивали во светот, а со „Мајка“ ќе се натпреварува за награди во повеќе категории – режија, сценарио, најдобар филм, актерски остварувања и други.
Ова е третпат како Теона Стругар-Митевска се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција по „Најсреќниот човек на светот“ (селекција „Хоризонти“, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ (селекција „Авторски денови“, 2023).
„‘Мајка’ е филм инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ги оствари својата визија и хумана мисија. Идејата за филмот почна да се развива пред повеќе од десет години за време на подготовките и снимањето на документарниот филм ‘Тереза и јас’, проект финансиран од Македонската радио-телевизија. Делото што го остави зад себе оваа жена, како и нејзината духовна енергија, што сè уште се чувствува во Колката, длабоко ја допре Теона и ја разбуди нејзината авторска потреба за ново филмско истражување. Оттаму почна нејзината соработка со еден од најистакнати македонски писатели, Гоце Смилевски, кој по години посветено истражување и пишување, го создаде сценариото за филмот ‘Мајка’“, изјави Лабина Митевска, продуцент на филмот.
Никола Ристановски ја толкува улогата на отец Фредерик покрај шведската актерка Номи Рапас („Девојката со тетоважа на змеј“, 2011) во улогата на Мајка Тереза и Силвија Фокс во улогата на сестра Агнешка.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Босна и Херцеговина и Данска. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, „Креативна Европа – МЕДИЈА“, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови, Филмскиот фонд од Сараево и Индиската канцеларија за повраток на данок.
Директор на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија, долгогодишен соработник на Митевска. Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар-Митевска и Елма Татарагиќ.
Селекцијата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал, која годинава ќе биде отворена со македонскиот филм „Мајка“, е наменета за филмови што внесуваат нови естетски и изразни правци во современата кинематографија. Особено се вреднуваат дела со иновативен пристап во раскажувањето, визуелниот стил и филмскиот јазик.
Култура
„Бич филм фестивал“ го најавува своето 8. издание во Охрид: повеќе од 60 европски филма под ѕвезденото небо

Од 23 до 27 јули, Охрид повторно ќе стане живо гледалиште на новиот европски филм.
Осмото издание на Beach Film Festival ќе се одржи на четири внимателно избрани локации: главното отворено кино на плажата Славија, култната плажа Сараиште, Брод Армада и Младинскиот центар во Охрид.
Фестивалот годинава носи повеќе од 60 филма од современата европска кинематографија – внимателно селектирани, со свежи авторски гласови. Отворањето на фестивалот е закажано за утре вечер, со проекција под отворено небо на плажата Славија – почеток на петдневна филмска авантура покрај езерото.
Фестивалот има и натпреварувачки карактер, со доделување награди за: најдобар долгометражен филм, најдобар краткометражен, најдобро актерско остварување, како и специјално признание за најдобар студентски краткометражен филм.
За главната награда ќе одлучува четиричлено меѓународно жири составено од: Хуан Албарацин (режисер и сценарист, Шпанија), Танасис Неофотистос (режисер и писател, Грција), Натан Силвер (режисер, САД) и Патрик Бихтинг (режисер и продуцент, Германија).
Првпат оваа година, ќе додели своја награда и младото жири во состав: Агнес Лахтова, Димитриј Мартиновски и Иво Георгиески.
Beach Film Festival не е само платформа за филмови, туку и за идеи – за поврзување преку култура. Во магичниот амбиент на Охридското Езеро, помеѓу старото јадро и ноќните проекции под отворено небо, фестивалот ја оживува визијата за култура која не е затворена во сали, туку дише заедно со градот и со публиката. Ова издание се реализира со поддршка од: Агенција за филм, Општина Охрид, Шпанска амбасада, Гете Институт, Француски институт, Италијанска амбасада, Халкбанка и Соко.
Сите продадени карти и доброволни донации ќе бидат донирани на погодените семејства од пожарот во Кочани.