Култура
(Фото) Од минатото за сегашноста – „Нушиќ лично“ на „Бит-фест“
На Малото плато пред Офицерски дом во Битола, синоќа на Бит фест гостуваше театарската претстава „Нушиќ лично“ на Народен театар на Тимочка Краина „Зоран Радмиловиќ“ од Заечар и Фондацијата „Нушиќ“ од Белград.

Текстот и режијата на претставата се на Миодраг Илиќ, кој во освртот кон своето дело нагласува:
„Каде е денес Нушиќ?“ – е прашање што често го слушаме кога се соочуваме со апсурдите на времето во кое живееме. Понекогаш некој современ писател со духовити забелешки и хумористичен стил го нарекуваме „новиот Нушиќ“, но таквото споредување не опстанува во јавниот дискурс, бидејќи никој досега не успеал да го заземе местото на таков мајстор на комичната сцена каков што беше Бранислав Нушиќ“, вели Миодраг Мија Илиќ.
Писателот посебно ја истакнува благодарноста до актерот Милош Танасковиќ, кој храбро се зафати со градењето на ликот на веќе остарениот комедиограф, како и до актерите што ги позајмија своите гласови за имагинарните дијалози во претставата. Целиот изведувачки тим на театарот од Заечар – дизајнерите на звук, светло, костимите и авторот на визуелното сценско решение – заслужуваат признание за инспирацијата и професионалниот придонес во севкупниот ефект.
Монодрамата која синоќа со внимание беше проследена од битолската публика на БИТ ФЕСТ е во официјалната конкуренција на Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“.

Вечерва како дел од програмата на Битолското културно лето, на Малото плато пред Офицерски дом ќе се одигра театарската претстава „Сега му е мајката“, во продукција на Алтернативен театар „Пробатон“ од Свети Николе. Претставата е по текст на Горан Стефановски, во режија на Владо Денчов. Музиката е на Дарко Станојков, а за светло и тон е задолжен Иван Гичев. Улогите ги толкуваат Стефан Ѓорчев и Антониј Ѓорѓиев.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Виртуози на хорна“ – завршен концерт на јубилејното издание на Скопскиот Брас Фестивал
На 29 декември 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во малата сала на Филхармонија ќе се одржи концертот „Виртуози на хорна“, последниот настан од петтото јубилејно издание на Скопски Брас Фестивал.
Покрај домашниот хорнист Благоја Василевски, на концертот ќе настапат и реномирани музичари од регионот: Михајло Булајиќ, прва хорна во Лондонски симфониски оркестар и Оркестарот на РТВ Словенија, Никола Чириќ, прва хорна во Белградска филхармонија, Илир Кодима, прва хорна во Косовска филхармонија и професор на Факултетот за музичка уметност во Тирана, како и Милан Роксандиќ од Театарот во Нови Сад.
Настанот претставува пример за меѓународна соработка и културна размена, со фокус на камерната музика за хорни и современ пристап кон брас сцената во регионот. Публиката ќе има можност да слушне програма што ги истакнува изразните можности на инструментот, со дела од класичниот репертоар и божиќни аранжмани за ансамбл хорни.
На програмата се најавени „Унгарска рапсодија бр. 5“ од Јоханес Брамс, „Радецки марш“ од Јохан Штраус, како и избор на божиќни композиции во аранжмани за хорни.
Култура
Белград се сеќава на Зафир Хаџиманов: музичка вечер во македонскиот КИЦ
Македонскиот КИЦ во Белград во своите простории на Македонска 30, на 26 декември 2025 година во 19 часот, организира музичка вечер посветена на Зафир Хаџиманов.
Настанот ќе го отвори директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, со краток осврт за културата на сеќавање кон големиот бард на културата Зафир Хаџиманов, за огромното културно наследство кое го остави како на македонската, така и на српската култура.
„Јас сонувам, јас творам, јас водам љубов на двата јазика”, знаеше често да каже Зафир, во неговите интервјуа за српските и македонските медиуми.
Вечерта посветена на Зафир Хаџиманов, ќе започне со неколку одбрани музички инсерти и грст фотографии, меѓу кои неколку и за првпат јавно презентирани, а ќе продолжи со интимен концерт посветен нему, со неговите најблиски, Бисера Велетанлиќ и Васил Хаџиманов.
Потретот на Зафир Хаџиманов е инициран и организиран од македонскиот КИЦ во Белград и поддржан од Министерството за култура и туризам.
Зафир Хаџиманов е роден на 25 декември 1943 година во Кавадарци. Дипломирал на Факултететот за драмски уметности во Белград, во 1967 година. Тој речиси целиот животен век го поминал во Белград, во брак со една од најпознатите југословенски пејачки Сенка Велетанлиќ – Хаџиманов, со која го добиле синот Васил Хаџиманов, познат џез-музичар. Значаен е како пејач кој настапувал на голем број фестивали, композитор, поет и актер, со препознатлив придонес во македонската и српската култура, особено преку спојот на традиционалните македонски музички елементи со современи и популарни форми. Во 1991 година, Хаџиманов бил еден од основачите на друштвото за македонско-српското пријателство „Шар Планина“ и на здружението на Македонците во Белград, „Македониум“. Поради неговите заслуги за промоцијата на македонската култура во Србија, во 2007 година, тој бил промовиран во почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.
Хаџиманов почина на 27 март 2021 година, на 77-годишна возраст, од компликации предизвикани од Ковид-19. Постхумно беше одликуван со „Златен медал за заслуги“ од претседателот на Србија, како и со „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“ од претседателот Стево Пендаровски, за неговиот исклучителен придонес во уметничкото и музичкото творештво.
Култура
Кога тишината и допирот зборуваат погласно од сликите: Премиера на „Толку е тивко“ на Театар Пи во Ѓорче
На 27 декември со почеток од 19:00 часот, во Центар за култура Ѓорче Петров, ќе се одржи премиерата на најновата театарска претстава „Толку е тивко“ на Театар Пи.
„Толку е тивко“ е филозофска и длабоко сензитивна театарска исповед во која светот се открива низ внатрешниот поглед на девојче што го изгубило видот. Наместо визуелни слики, просторот се гради од звуци, допири, тишини и сеќавања, претворајќи ја сцената во жив лавиринт на чувства и мисли. Претставата ја води публиката низ детството, загубите и растењето на главниот лик, каде темнината не е празнина, туку место во кое се раѓаат светлина, пријателство и смисла.
Со несекојдневни сценски средства и силна емотивна нарација, „Толку е тивко“ ја преиспитува перцепцијата за гледањето, постоењето и значењето на тоа што навистина значи да се „види“ светот.
Режијата и концептот се на Златко Митрески и Македонка Илиевска Митреска, а претставата е работена по автобиографски разкази на Борка Тадиќ.
Проектот е поддржан од Општина Ѓорче Петров, а учесници се ученици од основните и средните училишта од Ѓорче Петров и корисници на ЦПЛИП Порака Скопје. Организаторите упатија благодарност до Александар Стојкоски, Сара фешн, ЦПЛУП – Порака Скопје.
Билети за претставата се достапни на: https://www.karti.com.mk/tolku-e-tivko-teatar-pi.nspx

