Култура
„Француски бакнеж“ – љубовен концерт со оркестарот на Филхармонија
„Француски бакнеж” е насловен концертот кој ќе се одржи в петок, на 11 февруари, 20 часот. Диригент е Џијан Емин, а како солисти ќе настап момците од француското трио „Ана Кап”, кои воедно се и автори на музиката која ќе биде изведена. Гости на концертот се и виолистот Оливие Самуилан и вокалистката Бети Жарден, и двајцата од Франција.
Пјер Миле – труба Мануел Декок – виолина Жан Мишел Трото – хармоника Во ова лудо и поетско шоу, „Ана Кап“ триото свири, пее, танцува и „распарчува“ и ништо не е оставено на случајноста. Слушаме наизменични трогателни и хумористични моменти, со прецизност на швајцарски часовник. Феноменалното шоу на француското трио „Ана Кап“ е вистинско камелеонско, инспиративно патување во кое се комбинираат виртуозна музика, чудесна комедија и дадаистички песни. Тоа се тројца извонредни музичари: фасцинантен трубач кој по секоја цена покажува неизвесност, среќен хармоничар со биполарна тенденција и срамежлив и измачуван виолинист, кој се обидува, најдобро што може, да ја спаси фарсата.
Оливие Самуилан е роден 1976 година во Тулуз. Студира музика на конзерваториумот во Тулуз, а потоа продолжува со студии на Колеџот за музика „Беркли“ во Бостон. Тој е композитор, мултиинструменталист и неуморен патник. Покрај неговите интензивни и различни активности како изведувач, тој пишува и музика за филм и телевизија. За да ги сублимира своите пасии, ја создава и издавачката куќа „ Art Melodies“, специјализирана за издавање музика за филм. Оливие Самуилан соработува и со издавачката куќа „Cezame“ како композитор уште од 2004 година.
Бети Жарден е француска пејачка која живее во Нормандија веќе седум години. Едуцирана е како џез-пејачка ( таа е дел од биг-бендот на Монпелије) во јужна Франција од 1999 година. Шест години студирала и џез-теорија на Конзерваториумот за џез во Каен, Нормандија. Исто така ја изучувала и индиска музика, во Јужна Индија каде престојувала 12 години. Интеракацијата меѓу џезот и индиската музика ѝ даваат препознатлив вокален сензибилитет и уникатност. Најчесто таа ги пишува своите песни, кои ги изведува со различни музичари и групи во Каен.
Џијан Емин е човек со (без) име и презиме. Токму онака како што своевремено пееше „Архангел“, група во којашто едно време и самиот беше член. Име и презиме кое се запаметува на прва, човек за кого и светот слушна. Неговата силна желба сето она што како музички уметник во младоста го стекнал и го практикувал да го преточи еден ден во, велат, најкомплексниот сегмент од најубавата уметност – диригирањето нему му се оствари. Џијан Емин застана зад пултот со Македонска филхармонија во повеќе значајни проекти изминатите неколку години, во дел од нив и како оркестратор, привлекувајќи го силно вниманието на јавноста.
На пример, масовните концерти „Скопје за Боуви“ и „Пинк флојд“ во Градскиот парк на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“, музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“ во охридскиот Антички театар со еден од пионерите на детроитската техносцена Дерик Меј и повторно Македонска филхармонија, проект со кој го прошета светот (САД, Австралија, Франција), потоа се памети и настапот со Белградскиот симфониски оркестар и американскиот диџеј Јуан Аткинс – уште еден експериментален влог во кој фузијата на електронската и класичната музика се покажа мошне инспиративна, минатогодишниот концерт „Париз те сакам“ по повод Денот на вљубените на кој француски познати шансони беа во негови аранжмани, проект со кој, исто така, излезе надвор од нашите граници (Прага, Будимпешта), мултимедијалниот проект „Neuland Sensorium“ што се одржа во „Мала станица“, а кој се издвои како еден од иновативните звучни проекти и во авторска, но и во продукциска конотација, како диригент на Симфониски концерти за деца, на новиот и мошне активен ансамбл на Здружението на џез-музичари на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.