Култура
Холандски бит и филмски ритам на „Скопје Синема Сити 2025“: Лауреат е култниот фотограф и режисер Антон Корбајн
 
																								
												
												
											Филмот „Контрола“ (Control, 2007) е биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк бенд Џој Дивижн ( Joy Division) , кој го обележа звукот на една генерација.
На 29 и 30 октомври, во киното „Фросина“ во МКЦ, ќе се одржи 11. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“, кој оваа година ја поставува Холандија во фокус.
Свеченото отворање ќе биде со култниот филм „Контрола“ на Антон Корбајн – легендарен холандски режисер и фотограф, познат по своите впечатливи портрети на светски музички ѕвезди и по своите влијателни музички видеа. Корбајн е лауреат на овогодинешното издание, а фестивалот ќе му ја додели наградата за животно дело за неговите достигнувања во областа на фотографијата, музиката и филмот.
Филмот „Контрола“ (Control, 2007) е биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк бенд Џој Дивижн ( Joy Division) , кој го обележа звукот на една генерација. Снимен во впечатлива црно-бела фотографија, филмот ја истражува тенката линија меѓу славата, внатрешната осаменост и автодеструкцијата, претставувајќи го Кертис како симбол на младешкиот немир и уметничката ранливост. Корбајн, кој и самиот бил фотограф на Joy Division, создава интимен, емотивен портрет што прераснува во визуелна поезија на меланхолијата.
Покрај „Контрола“, публиката ќе може да ги погледне и документарниот филм „Бимхаус блуз“, посветен на легендарниот џез клуб Бимхаус во Амстердам; краткиот анимиран филм „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска; како и „Македонски дневник во рими“, проект на Види Вака кој го истражува светот на домашниот хип-хоп.
Во рамките на фестивалот, на 1 ноември во 19 часот, во Јавна соба, ќе биде отворена фотографската изложба на Ненад Георгиевски со наслов „Географии, лица и улици“, која го поврзува визуелниот израз со урбаните и културните простори низ кои патува музиката.
„Скопје Синема Сити 2025“ е поддржан од Амбасадата на Холандија во Македонија и од Министерството за култура и туризам.
Дизајнот на плакатот за 11. Издание е дело на Милица Коцева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Култура
Јапонската амбасада со концерт и филмови ќе го прослави „Денот на културата“ во Скопје и Битола
 
														Амбасадата на Јапонија ќе го прослови „Денот на културата“ (се прославува секоја година во Јапонија) првпат со концерт на јапонска минјо музика и недела на јапонски филмови и анимации во Скопје и Битола.
Секој 3 ноември на „Денот на културата“ (Бунка но Хи) во Јапонија се прославува слободата и мирот промовирајќи ја културата, уметноста и науката.
Во Јапонија се одржуваат голем број на настани на овој ден, меѓу кои и церемонијата за доделување на „Орден за култура“ во Царската палата во Токио. Царот ги доделува наградите на добитниците со извонреден придонес во науката, уметноста и културата.
Околу овој датум се одржуваат многу фестивали за уметност и култура, доделувања на награди во организација на приватни и јавни установи во земјата. Тука ќе го прославиме со:
04.11. | 19 ч. | Музеј на македонската борба за независност | НИХОН МИНЈО КОНЦЕРТ
13.11. | 19 ч. | во Кинотека проекција на „Под отворено небо“
14.11. | 19 ч. | во Кинотека проекција на „Нико од рибарското пристаниште“
15.11. | 11 ч. | во Кинотека проекција на „Пингвински автопат“
15.11. | 19 ч. | во Кинотека проекција на „ВОТАКОИ: Љубовта е тешка за отаку“
17.11. | 19 ч. | во Кинотека проекција на „Изнајми мачка“
18.11. | 19 ч | во Кинотека проекција на „Бурманската харфа“
19.11. | 19 ч | во КИЦ – Битола проекција на „Под отворено небо“
20.11. | 19 ч | во КИЦ – Битола проекција на „ Бурманската харфа “
Влез слободен.
Култура
Виенски валцери и нем филм во КИЦ: мултимедијална вечер со Пламенка Трајковска посветена на Јохан Штраус
 
														Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска на 5 ноември во Културно-информативниот центар – Скопје ќе направи уникатен спој на класична музика и нем филм во чест на „кралот на валцерот“
Уникатниот, мултимедијален концерт, насловен како „Јохан Штраус во филмот: Концерт и проекција на немиот филм ‘Веселата војна’“ претставува редок спој со кој гудачкиот квартет ќе ја изведува музиката на Јохан Штраус во живо, додека на платното ќе се проектира нем филм на режисерот Роберт Вине. Филмот, инспириран од виенската култура, нуди визуелно и музичко патување низ духот на европската култура од крајот на 19 век.
Публиката ќе има можност да доживее едно несекојдневно уметничко искуство во кое валцерот, некогашниот белег на европската култура, повторно ќе заживее преку звук, слика и емоција.

Концертот е замислен како омаж на двојното наследство на Штраус – како симбол на музичката елеганција и како инспирација на кинематографијата. Поводот е одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на славниот виенски композитор и 30 години камерно музичко творештво на виолинистката Пламенка Трајковска.
Концертот е во рамките на фестивалот фестивалот „Есенски музички свечености“.
На концертот ќе настапи гудачкиот квартет во состав: Пламенка Трајковска – виолина, Сандра Крстевска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска – виолончело.
Култура
Концерт на ансамблот „Македониум“ во КИЦ Белград
 
														Вечерва во 19 часот, КИЦ Белрад ќе биде домаќин и организатор на концерт на музичкиот ансамбл „Македониум“ од Белград, со наслов „На срце ми лежи, мила мамо“. И самиот наслов асоцира дека на вечерашнава програма ќе се најдат грст изворни и новосоздадени македонски песни, со кои ансамблот веќе повеќе од 10 години стекнува симпатии како меѓу публиката од македонската заедница во Србија, така и меѓу српската публика, каде и да настапува.
Концертот кој се организира во партнерство со Здружението на Македонците во Белград „Македониум“, ќе го отвори директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, а овој концерт е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Ансамблот „Македониум“ е основан во 2015 година, со цел да бидат сочувани, негувани и популаризирани старите македонски изворни песни, да се сочуваат и почитуваат старите обичаи, како и да се афирмираат песните од современото македонско музичко творештво.
Ансамблот има настапувано скоро на сите поголеми манифестации во рамките на македонската заедница во Србија, како што се „Деновите на македонска култура“ во Нови Сад, централните македонски прослави поврзани со нашите големи празници, како што традиционалните празнувања на Илинден во Јабука и Качарево, а ансамблот бил и претставник на Македонскиот национален совет во рамките на Саемот на националните малцинства во Белград, како и претставник на меѓународниот фестивал „Експлорес“.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											