Култура
Шунтаро Таникава: Чувствувам блиско сродство и длабока почит за историјата од кои е настаната наградата
Иако не сум во можност да бидам со вас тука како физичко битие, за среќа можам да ве поздравам во моментов како зборовно битие. Многу сум горд што ја добив наградата која во минатото била доделувана на голем број сјајни поети со најразлични мајчини јазици, порача во аудио пораката годинешниот лауреат на „Златниот венец“, јапонскиот поет Шунтаро Таникава на денешната прес-конференција на „Струшките вечери на поезијата“.
Лауреатот Шунтаро Таникава, поради својата поодмината возраст (91 година) и поради здравствени ризици не присуствува на фестивалот.
– Се присетувам дека сите ние, макар со одредена неверица, сепак веруваме дека поезијата постои дури и во оваа нејасна и несигурна епоха, исто како што постоела уште од античките времиња, и дека поезијата не произлегува од редот и поредокот, туку од вителот на нејаснотијата. Чувствувам блиско сродство и длабока почит за природата и историјата од кои оваа награда настанала. Не сум убеден дека зборовите што ги имам напишано навистина ја заслужуваат наградава, но не можам, а да не бидам исполнет со радост, радост која на мојава 90-годишна возраст одекнува со спонтана „joie de vivre“ или радоста на животот од моите детски денови. Ве молам простете што ви се обраќам само како глас, и прифатете ја мојата благодарност од дното на срцево – порача Таникава.
Своја благодарност за наградата изрази и синот на лауреатот, Кенсаку Таникава, а обраќање имаше и директорот на фестивалот.
![]()
– Чувствувам голема благодарност што по две години вонредни околности, кои го погодија целиот свет, па и „Струшките вечери на поезијата“, оваа година имаме можност да го имаме со физичко присутство лауреатот од 2020 година, но и синот на Шунтаро Таникава. Се надевам дека годините со предизвици и глобални турбуленции се зад нас и дека ќе можеме да продложиме со вообичаените изданија на „Струшките вечери на поезијата“ – изјави директорот Тодорче Тасевски.
Израелскиот поет Амир Ор, пак, истакна дека се надева дека се гледа крајот на пандемијата, којашто го спречи да присуствува на „Струшките вечери на поезија“ во 2020 година кога беше прогласен за лауреат.
– Дозволете ми најпрвин да изразам благодарност за честа што ја добивам оваа преподобна награда за поезија, „Златниот венец“. Се чувствувам привилегиран и многу почестен што станав член на избрана група лауреати – претходници. Традицијава започна овде, во земја што ја сака и цени поезијата, во родниот град на браќата Миладиновци и на фестивалот каде започна оваа реномирана агора на поезијата. Ова несомнено е традиција што ја става Македонија на почесно столче во салата на културното значење и на Европа и на светот. Ништо слично не може да го надмине признанието кога во 2020 година бев прогласен за лауреат, признание дека моите дела се наградени преку ушите и срцата што ги заслужува поезијата. Згора на тоа, како Израелец, не можам да заборавам дека мојот народ, Евреите, дојдоа во земјава уште пред 1800 години и придонесоа за неа најдобро што можеа. Не можам да заборавам ниту дека нивната долга историја овде заврши во Втората светска војна, кога во 1943 година речиси сите Евреи од Скопје и Битола, мажи, жени и деца, беа депортирани во Треблинка и убиени во гасните комори. Сакам да го прогласам токму овој момент, посветен на просветлената страна на човечкиот живот, за уште една станица во обновата на нашата меѓусебна поврзаност – рече израелскиот поет.
Свеченото отворање на 61. издание на фестивалот ќе се случи вечерва со почеток во 20:30 часот. Поради најавите за дожд наместо на платото пред центарот за култура „Браќа Миладиновци“, свеченоста ќе се одржи на терасата во хотелот „Дрим“.
На „Струшките вечери на поезијата“ најавено е присуство на 24 поети од странство и 30-тина од државата.
Манифестацијата се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“, со кое се потенцира исконската врска меѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската меѓу поезијата и музиката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

