Култура
Јавор Грдев го поставува „Бесачи“ во МНТ
Во Македонскиот народен театар, во рамките на годишната програма поддржана од Министерството за култура, почнаа подготовките на претставата „Бесачи“ по текст на актуелниот британско-ирски автор Мартин Мекдона, а во режија на Јавор Грдев.
Премиерата се очекува кон средината на септември и ќе биде одиграна на големата сцена во МНТ.
Авторот на текстот, Мартин Мекдона, е познат по неговите црни комедии кои се поставени во голем број театри низ светот. „Сакатиот од Инишман“, „Поручникот од Инишмор“, „Човек перница“, „Убавицата од Линејн“, а за неколку од нив е и номиниран на престижните награди „Тони“ и „Лоренс Оливие“. Тој не е само драматург со одлична креативна моќ, туку е и етаблиран сценарист и режисер на филмовите: „Six-Shooter“, „Во Бриж“ и „Седум психопати“.
Во светот на театарот, тој е познат по тоа што вовел нов жанр, таканаречениот „in-your-face theatre“ (театарски правец со презентирање на бесрамно агресивни, вулгарни или провокативни текстови), а неговите драми и сценарија се крајно духовити и сурово реалистични.
За бугарскиот режисер Јавор Грдев ова е прва соработка со МНТ. Тој е еден од најзначајните бугарски и современи европски театарски режисери. Досега поставил повеќе од 35 театарски претстави во повеќе земји низ Европа и добитник е на повеќе од 45 награди. Овој пат Грдев го одбира текстот „Бесачи“, кој за првпат ќе биде поставен пред македонската публика.
„Основната причина што текстот ’Бесачи‘ го поставувам на сцената на Македонскиот народен театар е што театарот располага со актерски ансамбл кој е во состојба да понесе проект со таква тежина. Уште од 2015 година ја имам предвид оваа пиеса и трагав по соодветно место и ансамбл каде што ќе ги имам сите можности за поставување таков голем проект. Друга, многу важна, мотивација за поставување на овој текст е неговата тема. Пиесата се занимава со тема која привидно веќе е решена и во Македонија и во Бугарија, а и во многу други држави. Станува збор за смртната казна, но Мекдона почнал да се занимава со темата откако таа веќе била излезена од фокусот на јавноста. Причината за тоа е што тој верува дека покрај укинувањето на смртната казна, сепак, човечките инстинкти и импулси за насилство продолжуваат да го водат и да го владеат човековиот дух. Во таа смисла, ние секојдневно во нашето општество сме сведоци на акти на насилство на еден човек кон друг и како такви тие многу добро се опишани во пиесата“, објаснува режисерот Грдев.
Во претставата игра веќе докажаната актерска екипа од ансамблот на МНТ: Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Владо Јовановски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски, Трајче Ѓоргиев.
Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, драматург е Дејан Дуковски, а преводот на текстот го направи Благоја Бошковски. Сценограф е Никола Тороманов, костимографијата е на Свила Величкова, композитор на музиката е Калин Николов, инспициент Вукица Александрова и суфлер Тања Ивановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

