Култура
„Јас Селма“ и „ЗОО приказна“ во Велешкиот театар
Во рамки на манифестацијата „Нов културен бран“ 2018 поддржана од Министерството за култура, на сцената на Театарот „Јордан Х.К-Џинот“, Велес ќе гостуваат претставите „Јас Селма“ и „ЗОО приказна“.
В недела, на 14 октомври, на Малата сцена на театарот со почеток во 20 часот, ќе биде изведена монодрамата „Јас Селма“ на актерката Симона Спировска, во режија на Милош Б. Андоновски и монтажа на звук на Сашко Потер Мицевски. Монодрамата „Јас, Селма“ е колаж од девет парчиња за бегалката од Дамаск и актерката Симона од Скопје: за нивната прва средба, за вљубувањето на Селма во едно момче од протестите, за (не)вклопувањето во скопскиот живот, но и за нејзината желба да замине од овде. Оваа претстава можеби и не зборува толку за Селма, колку што зборува за нас. Постојаното „губење“ на линијата кој е кој во претставата и дали говори актерката или бегалката, го нагласува нашето (не)прифаќање на сличностите што ги имаме со младата Селма.
В понеделник пак, на 15 октомври, исто така на Малата сцена на театарот со почеток во 20 часот, актерот Здравко Стојмиров ќе го изведе перформансот „ЗОО приказна“, работен по текст на Едвард Олби. Оваа навидум комична приказна раскажана од забавниот, комичен, интелигентен и себеироничен лик-Џери, завршува трагично заради неговата ненадејна смрт кога ,,Питер’’ изреволтиран од него, несакајќи го убива. Човекот-отфрлен од општеството е мртов човек. Стравот како оружје за себеуништување. Стравот на поединецот кон општеството и обратно. Дали убиецот е самиот поединец или општеството? Овој перформанс ја освои наградата за театарски експеримент на фестивалот за камерни театарски форми во Враца, Бугарија во мај 2017 година.
Билетите за двете претстави се веќе во продажба на билетарницата на театарот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Дон Кихот“ на Дино Имери и Дијана Илкоска-Имери премиерно и во Битола
По фантастично успешната премиера во Скопје и меѓународната премиера во Париз, Франција, делото „Дон Кихот во Скопје“ ќе ја има и својата битолска премиера.
В недела, на 14 декември, во Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 20 часот, овој разновиден проект инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес ќе биде претставен и пред битолската публика.
Делото е создадено по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври, и е силно поддржано од Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Станува збор за концерт за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават:
· Дино Имери – пијано,
· Ади Имери – гитара,
· Тина Иванова – наратор и автор на текст.
Како што кажува и самиот наслов, главната инспирација е едно од најзначајните дела во светската и шпанската книжевност – „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес. Музиката е програмска и ја следи приказната за замисленото патување на Дон Кихот и неговиот верен придружник Санчо Панса низ современа Северна Македонија, каде што тргнуваат во потрага по нови авантури и со намера повторно да се борат против „ветерниците“. Звучниот пејзаж е силно инспириран од шпанскиот и македонскиот фолклор, кои се преплетуваат и создаваат специфична, автентична атмосфера.
Текстот на нараторот, кој ја дополнува концертната форма, се провлекува низ делото како сценски контрапункт. Приказната, чија авторка е Тина Иванова, служи како поддршка и проширување на програмската музика.
Премиерата во Битола се реализира со поддршка од ЈОУ Културно-информативниот центар – Битола.
Култура
Охрид домаќин на министерската конференција на Советот на министрите за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој
Охрид и Република Македонија на 11 и 12 декември 2025 година се домаќини на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“.
Конференцијата официјално ќе биде отворена на 12 декември во 10:00 часот со воведно обраќање на министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Свои обраќања ќе имаат и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, министри за култура, заменици-министри и претставници од земјите од ЈИЕ.
На конференцијата ќе биде усвоена Охридската декларација „Одржливи културни модели за иднината“.
Република Македонија го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ во 2024 година за време на министерската конференција што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.
Култура
Проекција на исклучителниот шпански трилер ПИГИ во Кинотеката
Специјалната проекција на вознемирувачкиот и исклучителен шпански трилер „ПИГИ“ во Кинотеката на Македонија. Филм што ѝ го отвори патот на режисерката Карлота Переда кон меѓународната сцена и ја утврди како едно од најзначајните имиња во современиот хорор.
Настанот се реализира како соработка на Кинотеката на Македонија и Амбасадата на Шпанија во нашата земја.
Во задушливото лето на рурална Екстремадура, тинејџерката Сара – маестрално интерпретирана од Лаура Галан – секојдневно се соочува со сурово врсничко насилство. Нарекувана „свинче“ и запоставена дури и во сопствениот дом, таа живее во изолација. Но, еден случаен и сериозно вознемирувачки настан кај локалниот базен ја втурнува во мрачен круг на одмазда, претворајќи ја потиснатата болка во шокантно, но и катарзично ослободување.
„ПИГИ“ е маестрален спој на психолошки трилер и хорор, создаден врз основа на наградуваниот краток филм на Переда од 2018 година. Филмот храбро ги отвора темите на телесната стигма, малтретирањето и траумата, градeјќи атмосфера натопена со напнатост, која кулминира во незаборавно кинематографско финалe.

