Култура
„Џифони филмски денови“ во Кинотека
Во пресрет на новото издание на Филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“, во периодот од 9 април па сè до 11 јуни, секоја сабота од 10 часот, во Кинотеката ќе се одржува програмата „Џифони филмски денови“ (Giffoni Movie Days).
Филмската програма е намената за учениците од скопските основни училишта и предвидува секоја сабота да се прикажува по еден европски игран филм наменет за младата публика, проследен со дискусија и средба со филмски автор или актер. Заинтересираните ученици можат да се пријават на следниот линк.
Филмовите опфаќаат теми што ја засегаат младата генерација. На првиот ден од манифестацијата ќе биде прикажан филмот „Патешествието на принцот“ (Le voyage du Prince) кој успешно допира две важни теми: првата се однесува на предрасудите во општеството и стремежот да се пронајде место за креативност и слободна мисла, а втората тема се однесува на зачувувањето на животната средина.
Гостинка на средбата ќе биде Леона Јариќ, добитничка на наградата Green Competition во организација на Europe House. Таа ќе го претстави своето најново остварување и ќе разговара со младата публика за тоа како започналa да снима филмови, а ќе се осврне и на освоената награда – професионална камера.
Потоа на програмата ќе следува „Филмска училница“ – работилница која Кинотеката ја организира веќе трета година. Работилницата која ќе се реализира под менторство на режисерката Марија Џиџева ќе биде фокусирана на поттикнување на креативноста на младите кои сакаат да ја раскажат својата кратка приказна со аудиовизуелен јазик близок на новите генерации. „Филмската училница“ се организира под покровителство на Кинотеката на Северна Македонија, а во соработка со „Планет-М“ и „Џифони Македонија“. Пријавувањето за „Филмската училница“ е на следниот линк.
Филмовите што ќе произлезат од работилницата ќе бидат прикажани за време на 10. издание на „Џифони Македонија“ и заедно со филмовите направени на фестивалот ќе се натпреваруваат за главната награда – професионална камера.
Проектот „Џифони филмски денови“ (Giffoni Movie Days) е поддржан од Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони експириенс“.
„Патешествието на принцот“ е француско-луксембуршки филм од 2019 година, во режија на Жан-Франсоа Лагиони и Ксавие Пикар.
Лорен, стариот принц на мајмуните, по една бродска несреќа, се буди на непознат брег на земјата Ниокус. Него го наоѓа 12-годишниот Том, а неговите родители ќе му пружат засолниште. Родителите на Том се научници во прогонство: нивната заедница ги протерала, зашто се осмелиле да веруваат дека постојат и други мајмунски цивилизации.
Принцот најпрвин ќе биде предмет на истражување, а потоа во придружба на Том, ќе шета низ главниот град и блиската џунгла, каде што ќе открие непознат и волшебен свет, но и крутите правила кои владеат со него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

