Култура
11 претстави обединети под концептот „Ново читање“ на програмата на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“
Единаесет претстави во продукција на националните театри и шест претстави во придружната програма се селектирани на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 7 до 14 јуни во Прилеп. „Ново читање“ е именувана програмата на уметничкиот директор Ана Стојаноска, која денеска на прес-конференција ја образложи својата селекција во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Иницијалната позиција од која почна селекцијата е да се дефинира сериозна голема театарска претстава која е во контекст или со годинешниот Автор во фокус – Горан Стефановски или во контекст на современиот пристап во третирањето на театарот денес, вели Стојаноска.
Собранието на фестивалот одлучи наградите за животно дело да ги добијат актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов.
Мотото на фестивалот годинава е „Промени се, промени сè“.
– Се решив да го прикажеме тоа што е современо и актуелно, истовремено во корелација со европските театарски трендови. Она што доминира во програмата е потребата да се најдат нови читања на стари теми, истовремено создавајќи поинаков третман на просторот. Доминантно во продукцијата беа повеќе камерните или „мали“ сцени наспроти големата сцена. Имаше неколку впечатливи камерни претстави работени според домашни автори, но не одговараа на концептот на ова издание на фестивалот. Тоа не значи дека беше естетички ограничена, туку создаде ново гледање и на драмите и на просторот. На македонската театарска продукција како и да ù фали сериозно истражување и на современите театарски тенденции, но и на сопствените театарски капацитети. На нашите театарски сцени им треба промена која се надевам ќе ја иницира фестивалот годинава, рече Стојаноска и додаде дека „промената е најблиската потрага по сопствениот креативен потенцијал. Таа е првата победа во битката со конформизмот, старите навики, инертните или наследени ситуации“.

Концептот „Ново читање“ ги опфаќа двете потпрограми: „Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски“ и „Ново читање на класиците“. Во потпрограмата „Новото читање на драмите од авторот на фокус – Горан Стефановски“, селектирани се:
1.„Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп; 2.„Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, продукција на Албански театар – Скопје; 3.„Демонот од Дебар Маало“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Центар за култура „Ацо Шопов“ – Штип; 4.„Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, продукција на ЦК „Антон Панов“ – Струмица. Во „Ново читање на класиците“ го гледаме авангардниот пристап во третманот на драмите што се класични/лектирни, а истовремено и потенцијалниот нов моментум во третирањето на театарот.
Во оваа програма се претставите:
1.„Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен, во режија на Васил Христов, продукција на Драмски театар – Скопје; 2.„Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, продукција на Ц.К „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес; 3.„Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Македонскиот народен театар; 4.„Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, продукција на Турски театар – Скопје; 5.„На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Народен театар – Битола; 6.„Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Театар Комедија; 7.„Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, продукција на Театар за деца и младинци – Скопје.
Во придружната програма ќе бидат презентирани неколку претстави кои се во контекст на концептот на комплетната селекција:
1.„Кенди“ од Лук Дејвис, во режија на Тамара Стојаноска, продукција на Театар „Златен Елец“; 2.„Лекција“ од Ежен Јонеско, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Motion Network и НТ Штип; 3.„Црна дупка“ од Горан Стефановски, дипломска претстава по театарска режија на Александар Јовановски, во класата на проф. м-р Зоја Бузалковска, ФДУ Скопје; 4.„Натчовек“ од Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев, продукција на Драмски театар „Стојан Бочваров“ – Варна; 5.„Поол“ од Марк Рејвенхил, во режија на Шенај Мандак, продукција на МКЦ и Хибрид. 6.„Арт“ од Јасмина Реза, дипломска претстава на студентите по актерска игра од класата на проф. Дејан Пројковски, Универзитет „Еуропа Прима“ – Скопје.
Фестивалот ќе биде отворен со настан во чест на добитниците на наградата за животно дело, што ќе се одржи во Центарот за култура, а потоа ќе следува изведбата на претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар.
„И годинава сакаме Прилеп да биде град-театар, ќе има уште фестивалски зони што ќе ги откриваме постепено. Им се заблагодарувам на сите што го помагаат фестивалот“, рече Стојаноска.
За време на фестивалот ќе се одржи еден ден комплетно посветен на Авторот во фокус – Горан Стефановски, на кој ќе се презентираат сите актуелности поврзани со зачувувањето на ликот и делото на Горан Стефановски во македонската култура.
Ќе бидат одржани пет работилници, освен презентацијата на едукативната програма: Работилницата за драмско пишување што ќе ја води Ана Трпеноска, Работилницата за читање на Горан Стефаноски што ќе ја води проф. д-р Јелена Лужина, Работилницата за следење на фестивал што ја води тимот на Умно.мк, Работилница за тело – говор – простор што ја води Искра Шукарова и Работилницата за костимографија што ја води Александар Ношпал. Повиците за учество на овие работилници ќе ги објавиме наскоро.
Ќе бидат одржани промоции на повеќе изданија од театарска и театролошка литература од македонски и странски автори. Ќе бидат активни сите фестивалски зони како минатата година, ќе имаме и некои нови кои ќе ги откриваме постепено во текот на следните денови на фестивалот.
За наградите на фестивалот и годинава ќе одлучува тричлено меѓународно жири, во состав: д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

