Култура
Скопскиот градски фестивал од 11 мај на повеќе локации
Скопје го добива четвртото издание на Скопскиот градски фестивал, кој ќе се одржи од 11 до 13 мај на повеќе локации.
Исто како и минатите три години, и ова издание на Скопскиот градски фестивал е во организација на „Баги комуникации“ и носи возбудливо музичко искуство, кое ќе го овозможат балкански и европски музичари. Сите концерти почнуваат во 20 часот.
На 11 мај (четврток) во салата „Фросина“ во МКЦ ќе настапат:
Елвис Станиќ – најпознатиот хрватски џез-музичар, извонреден гитарист, мултиинструменталист и продуцент, со долгогодишна успешна регионална и меѓународна кариера. Лидер е на групата Elvis Stanic Group, со која настапувал на џез-фестивали во САД, Англија, Холандија, Австрија, Италија, Турција, Германија, Норвешка, Грција, Унгарија, а двапати настапил и на најпознатиот и најголем светски џез-фестивал во Montreaux. 2009 година, како гостин на Lenny White, Bustera Williams и George Calligana, настапил и во престижниот Lincoln Centar во Њујорк. Како музичар и продуцент соработувал со познати имиња од регионалната и светската џез-сцена, меѓу кои со Бошко Петровиќ, Невен Франгеш, Gilberto Gil, Django Bates, Scott Kinsey, Матија Дедиќ, Тамара Обровац, Јосипа Лисац, Martin Drew, Alwin Queen, Bobby Thomas, Hadrien Feraud, Katisse Buckingham, Марио Маврин, Furio di Castri.
AJS Quartet (Albanian Jazz Society Quartet) – квартет составен од најпознатите џез-музичари во Албанија: Gent Rushi – пијано, Ermal Rodi – саксофон и флејта, Roni Gjura – бас, Emilijano Dhimo – тапани. Квартетот има успешна регионална и меѓународна кариера, настапувале на Beijing Tianchang Art Festival во Кина, Roccella Jazz Festival во Италија, Nišville Jazz Festival во Србија, Petrovac Jazz Festival во Црна Гора, Jazz in Albania Festival во Албанија, „Куманово џез-фестивал“ во Македонија, Jazz Appreciation Month. AJS Quartet е организатор на традиционалниот Balkan Jazz Show Case, на кој учествуваат музичари од Балканскиот Регион. Двајца членови на AJS Quartet се дел од академскиот тим на University of Arts во Тирана.
На 12 мај (петок) во големата сала во Филхармонијата настап ќе има најуспешниот и најпознат српски и балкански етносостав „Биља Крстиќ и Бистрик оркестар“.
Биља Крстиќ и „Бистрик“ имаат долгогодишна успешна кариера, со голем број настапи на сите континенти, со добиени голем број награди и признанија, музика создадена за филмови и ТВ-серии, 5 студиски албуми и 2 албума со филмска музика. Нивни албуми издаваат и странски дискографски куќи, меѓу кои ARC Music од Англија, Intuition Shot Music од Германија и V2 (разгранок на Virgin) од Грција. Голем дел од репертоарот на Биља Крстиќ и „Бистрик“ се обработки на македонски традиционални композиции, кои ќе бидат изведени на концертот на Скопскиот градски фестивал.
На 13 мај (сабота), во камерната сала во Филхармонијата, пијанистот Бобан Мирковски ќе го промовира својот најнов музички проект со наслов „Аалбум“, кој содржи 12 врвни македонски композиции изведени на пијано. На концертот ќе бидат изведени некои од најпознатите македонски евергрини, создадени во периодот од 1969 до 2001 година. Ќе бидат застапени дела на некои од најпознатите композитори, меѓу кои Славе Димитров, Љубомир Бранѓолица, Александар Џамбазов, Григор Копров, Влатко Стефановски, Кире Костов, Љупчо Мирковски, Тодор Бојаџиев, Димитар Масевски и Ванчо Димитров. Сите композиции ќе бидат изведени со нови аранжмани, специјално создадени за оваа пригода.
Концертната промоцијата ќе се одржи под слоганот „Ја чуваме македонската музика“.
Во периодот од 26 мај до 5 јуни во МКЦ ќе биде отворена изложба на македонски музички плакати. На изложбата ќе бидат претставени плакати на македонски музичари и групи од изминатите три децении и ќе биде своевиден пресек на музичкиот дизајн кај нас и документ за 30-годишното постоење на македонската музичка сцена.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и Комерцијална банка.
Влезници може да се набават преку платформата www.bileti.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

