Култура
46. издание на Млад отворен театар ќе се одржи во два блока
Со огромно задоволство тимот на МКЦ го најавува 46-тото издание на Млад отворен театар – МОТ, во два блока – од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември, изведби во живо, односно целосно физичко издание на фестивалот со програма од 26 внимателно селектирани претстави.
„Ова издание на МОТ е особен предизвик бидејќи се обидуваме да го зачуваме духот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивал во регионот во овие несигурни времиња кога многу фестивали се принудени да ги откажуваат своите активности, а самите театри се борат да ги одржуваат своите редовни репертоари. Ние одлучивме храбро да го правиме 46-от МОТ, и тоа во два блока: првиот посветен на меѓународна програма, во која ни гостуваат претстави од Австрија, Словенија, Бугарија, Турција, Србија и Хрватска и, вториот на домашната независна продукција“, изјави Русе Арсов во име на тимот на МКЦ.

Фестивалската програма почнува на 18 ноември во МНТ со „Како крајот и да не е сосема блиску“ – екпериментална претстава на Театар „Битеф“, инспирирана од суптилните поместувања на светот, односите и човечката интеракција во дигиталната реалност. Претстава во која нема актери, а публиката може да биде изведувач, гледач и да го избира аголот на гледање.
Куриозитет на ова издание е што ќе имаме можност да одгледаме три изведби на расказите на Румена Бужаровска, „Мојот маж“, кој одамна ги надмина границите на нашата земја, а речиси истовремено среде пандемија се поставувше на три сцени: Југословенското драмско позориште, Белград (СРБ), Словенечкото народно гледалишче, Љубљана (СЛО) и во Драмскиот театар во Скопје.

Трите режисерки, Јована Томиќ, Ивана Ѓилас и Нела Витошевиќ, првпат ќе имаат можност да се сретнат на панел-дискусија во рамките на МОТ.
Отстапивме простор за три продукции курирани од нашите долгогодишен соработник „Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата“, а ќе ги гледаме и „Скопје танцовиот театар“ со „Искричаво“, Турскиот театар „Вишновата градина“ и копродукциите на Македонскиот народен театар со претставите на Ѓорѓи Јолевски – „Последната лента на Крап“ и македонската премиера на „Нема да биде крај на светот“ – копродукциски проект со САРТР од Сараево, БиХ, во режија на Нина Николиќ.
Задоволство е да се биде домаќин и на ансамблот на Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ со „Глембаеви“ на Бранко Брезовац и Народниот театар Битола и претставата History of motherfuckers на Андраш Урбан.
МОТ ќе биде домаќин и на австриската продукција Theater am Lend со претставата „Кабли“, во која учествуваат и двајца македонски автори – Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски, а при крај на првиот блок се гледаме со Словенечкото младинско гледалишче (СЛО) и нивната „Уметноста е орман“ во режија на Иван Петернељ.
Вториот дел од МОТ почнува на 2 декември и во него го гледаме одразот на незвисната домашна продукција, која во периодот на пандемија се покажа како исклучително активна и токму затоа го заслужува вниманието и овој мотовски репертоар.
Ќе ги гледаме претставите на Лука Кортина – „Дневна доза мазохизам“, Сибел Абдиу – „Модиљани“, Ангела Стојановска со „Срам“, Борис Василески – „Вистинскиот запад“, Нела Витошевиќ – „Работи за кои не зборуваме“, Јован Ристовски – „Три“, Ана Батева – „Шапка, анус, чоколадо и уште нешто“, Пандорината кутија: Наследството на ќерката на Ришард Ниечим, „Мајсторот за спомени“ на Јане Спасиќ, „ПодГотвено“ на Дејан Спасовиќ, „Имагинарен, ти“ на Блерим Дардишта и „Јовано, Јованке“ на Јована Зајкова и Бобан Русески.
46-тиот Млад отворен театар ќе се одржи на шест сцени, Младинскиот културен центар (сала „25 Мај“ и сала „Фросина“), Драмскиот театар, Театар „Комедија“, МНТ и Домот на АРМ.
Повеќе информации за целата програма и распоред на www.mot.mk и www.mkc.mk. Билетите за претставите изнесуваат 300 денари. Тие ќе бидат достапни преку www.bileti.mkc.mk и на билетарница во МКЦ од 15 ноември (понеделник).
Сите настани ќе се одржуваат според важечките протоколи за одржување настани. Сепак, тимот на МОТ го задржува правото на измени во програмата за што навремено ќе биде известена јавноста.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Бесплатни проекции на регионални филмови на Зимското издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион
Зимското издание на Мрежата на фестивали на Јадранскиот регион ќе се одржи од 22 јануари до 5 февруари, со што публиката во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Северна Македонија ќе има можност бесплатно да гледа избор на наградувани регионални филмови – во кината и онлајн.
Публиката на земјите-членки на Мрежата ќе има можност да гледа шест наградувани регионални филмови: „Семејна терапија“ од Соња Просенц, „Fiume o morte!“ Игор Безиновиќ, „After the Summer“ од Данис Тановиќ, „Мајка Мара“ од Мирјана Карановиќ, „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан.
Програмата започнува на 22 јануари со бесплатни кино проекции во Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Херцег Нови и во Скопје, додека сите филмови ќе бидат достапни онлајн од 23 јануари преку платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba.
Во рамките на програмата, во Скопје ќе биде прикажан филмот „Мајка Мара“ во режија на Мирјана Карановиќ. Проекцијата ќе се одржи во „Синеплекс“ на 22 јануари со почеток во 19 часот. На проекцијата ќе присуствува режисерката и главна актерка Мирјана Карановиќ, актерот Вучиќ Перовиќ, кој ја толкува главната машка улога и кинематограферот Игор Маровиќ.
„Мајка Мара“ е приказна за средовечна успешна бизнисменка и самохрана мајка, уништена од прераната смрт на нејзиниот син единец. Таа емотивно се отуѓува и одбива да комуницира со семејството и пријателите, но кога го запознава блискиот пријател на покојниот син, Милан (Вучиќ Перовиќ), наоѓа утеха и мир во односот со него. Заедно тие откриваат сè повеќе факти за животот и смртта на Немања, што и дава можност на Мара да се соочи со сопствениот живот и емоции.
Меѓу филмовите во програмата е и „Fiume o Morte!“ Игор Безиновиќ – документарна драма за шеснаесетмесечната окупација на Риека и контроверзната историска фигура на италијанскиот поет, новинар, аристократ и воен офицер, фашистот Габриел Д’Анучи, раскажана преку гласовите на современите жители на градот, кои го доведуваат во прашање наследството од тој период и неговото влијание врз денешниот идентитет на Риека. Филмот „По летото“ од Данис Тановиќ носи комична драма за млада жена која доаѓа на островот по наследство, но се соочува со сопственото минато, семејни тајни и прашања за идентитетот. „Мајка Мара“ во режија на Мирјана Карановиќ е интимна драма за загубата, тагата и неочекуваната блискост помеѓу мајка и пријател на нејзиниот починат син. Филмот „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ, приказна за свадба што се случува и покрај одлуката на невестата да се откаже од бракот, ќе додаде горчливо-духовита нота на програмата. Семејна и топла приказна донесува „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан, филм за едно момче кое, со помош на еден необичен пријател, се обидува да ги поправи раскинатите односи во своето семејство.
Зимското издание се реализира како заеднички проект на водечките филмски фестивали во регионот – Белградскиот филмски фестивал, Сараевскиот филмски фестивал, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Загрепскиот филмски фестивал, Херцег Нови филмскиот фестивал и фестивалот „Браќа Манаки“ од Северна Македонија. Ова е четврто зимско издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион, организирано со цел поголема видливост, достапност и промоција на квалитетна современа регионална кинематографија.
Култура
Националниот џез оркестар ја почнува концертната сезона на 30 јануари
На 30 јануари, со почеток во 20:00 часот, во Македонската филхармонија, Националниот џез оркестар ќе ја отвори концертната сезона со концерт насловен National Jazz Orchestra with String Ensemble.
На концертот, Националниот џез оркестар ќе настапи заедно со гудачки ансамбл составен од музичари на Националната опера и балет. Во овој редок и внимателно обликуван спој, оркестарскиот звук се проширува и продлабочува, создавајќи нова звучна димензија.
Под диригентство на маестро Џијан Емин, ќе бидат изведени авторски композиции на Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески. Како солисти ќе настапат Кирил Кузманов на саксофон и флејта, како и Бојан Цветковиќ на пијано.
Како гостин на вечерта ќе настапи Георги Шарески — гитарист и композитор, чиј израз и музички сензибилитет природно се впишуваат во звучниот карактер на оваа концертна целина.
Со овој концерт, Националниот џез оркестар ја започнува новата концертна сезона, поканувајќи ја публиката на вечер во која музиката зборува сама за себе и нè носи надвор од секојдневниот ритам.
Билетите за концертот се достапни онлајн на платформата MKTickets, како и на нивните продажни места.
Култура
Оперскиот бисер „Кавалерија рустикана“ на сцената на МОБ на 28 јануари
Трагичната приказна за љубовта, страста, честа и одмаздата, раскажана преку операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, повторно ќе оживее на сцената на Националната опера и балет на 28 јануари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова оперско дело претставува едно од најзначајните остварувања на италијанскиот композитор Маскањи и останува еден од најизведуваните наслови на светските, како и на домашната оперска сцена.

Изведбата ќе биде под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари (Италија). Сценографијата е на Зоран Николовски, костимографијата на Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Благица Поп Томова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков во улогата на Алфио, Александра Лазаровска Василевски како Лола и Марика Поповиќ во улогата на мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер во кој човечките страсти и неминовната судбина се прикажани со директна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес.

