Култура
52 учесници од 16 земји на Првата зимска школа за македонски јазик, литература и култура

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), како една од релевантните институции што се дел од националната платформа за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, ја почне новата или Блажевата 2021 со новини токму во чест на тоа одбележување.
Иницијативата за националната платформа е со цел да се усогласат сите проекти и настани предвидени на национално и на меѓународно ниво во чест на великиот Конески и таа доаѓа од двете министерства – Министерството за култура и Министерството за образование и наука. Првата зимска школа на МСМЈЛК ќе се одвива на далечина преку платформата „Зум“ во времетраење од десет работни дена (секој ден по 4 часа), во периодот од 25 јануари до 5 февруари 2021 година (со вкупен фонд од 40 часа), и тоа е вистински влог во почнувањето на прославата на овој голем јубилеј.
На Првата зимска школа ќе учествуваат 52 учесници од 16 земји (Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грција, Италија, Канада, Косово, Полска, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешка). За наставата на оваа Првата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ ангажирани се лектори (предавачи и професори) со долгогодишно искуство. Притоа организирани се лекторски групи за сите нивоа (почетно, средно и напреднато, и тоа напреднатото ги има и своите поднивоа – за јазик, за литература и за преведување). За своето учество посетувачите на Зимската школа ќе добијат и уверение, со што тие имаат можност да влезат во самата историја како први учесници на една ваква зимска школа на меѓународниот семинар. На отворањето на првата зимска школа пригодни видеообраќања ќе имаат претседателот Стево Пендаровски и министерката за образование и наука, Мила Царовска, а поздравна реч ќе имаат ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Димитрија Доксевски избран за директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Актерот Димитрија Доксевски на денешното свечено Собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) е избран за нов директор на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Според статутот на ДФРМ, мандатот на Димитрија Доксевски важи за следните две изданија на фестивалот.
Димитрија Доксевски ја презентираше предлог програмата на фестивалот и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера, соопшти ДФРМ.
Димитрија Доксевски е македонски филмски и театарски актер, сценарист и продуцент, роден на 28 јули 1983 година во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2006 година во класата на проф. Кирил Ристоски, а во 2014 година магистрирал режија на истиот факултет во класата на проф. Слободан Унковски. Својата професионална кариера ја започнал во Македонскиот народен театар во 2006 се до 2011. Продолжил кратко да работи во Кумановскиот театар во прериодот од 2011 до 2013, по што во 2014 година се приклучил на ансамблот на Драмски театар Скопје и се до денес е активен член на тој театар. Покрај настапите на матичната сцена, Доксевски има учествувано и во претстави на други театарски сцени низ Македонија, како и во филмски и телевизиски проекти во и надвор од Македонија.
Учествувал во организирање и продуцирање повеќе театарски претстави, организирање на повеќе од 20 музички настани со артисти од целиот свет, продуцирање и организација на 2 големи музички (open air) фестивали со повеќе од 20 интернационални изведувачи, продуцирање и реализација на кратки филмови, играни видеа за деца и театарски претстави.
Култура
Љуљзиме Лека-Муљаку во Чифте амам со циклусот „Метаморфоза II“

На втори април, среда, во 19.00 часот, во Чифте амам ќе биде отворена самостојна изложба на Љуљзиме Лека Муљаку со наслов „Метаморфоза II“.
Љуљзиме Лека Муљаку припаѓа на современата уметничка сцена и ја претставува генерацијата уметници кои својата дејност ја започнале со визуелен израз од 90-тите години.
Таа ќе се претстави во Националната галерија со 50 слики од различни формати, интересен циклус со дела изработени во акрилна техника.
Изложбата „Метаморфоза II“ е нов циклус на дела кој претставува реалистичен поглед на егзистенцијалните естетски вредности. Фигуративната композиција на овој циклус ја отсликува егзистенцијалната уметност на женската невиност и достоинство.
Ликовното претставување тесно се поврзува со идејата на женскиот феномен во нашето општество и го претставува нејзиното диспропорционално присуство во видлив облик.
Изложбата ќе биде поставена до 13 април 2025, а куратор е Нарона Љума Весели.
Култура
Ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини на 4 април во НОБ

На 4 април со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Марио Меникаљи ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во насловната улога ќе настапи Благица Поп Томова , во улогата на Каварадоси ќе настапи Зоран Сотиров, во улогата на Скарпија, Maрјан Јованоски, во останатите улоги настапуваат: Борко Биџовски, Драган Ампов, Никола Стојчески, Тихомир Јакимовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија.