Култура
87 дела од колекцијата на МСУ – Скопје ќе бидат изложени во Љубљана
Уметнички дела од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје ќе бидат изложени во Модерна галерија + Музеј на современа уметност Метелкова во Љубљана, Словенија на 24 април 2025 година. Конципирана од 87 дела од колекцијата на МСУ, во најголем дел од македонски автори, изложбата е насловена „Ткаење светови: Колекции во разговор“ и ќе биде отворена десет месеци. Проектот е во рамките на програмата од национален интерес на Министерството за култура и туризам на РС Македонија и конципирана е како реципроцитетна изложба.
Куратори на изложбата се: Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски од МСУ-Скопје и Бојана Пишкур од Љубљана. „Ткаење светови: Две колекции во разговор“ ја градат дела од 87 автори и тоа најмногу од РС Македонија и од речиси сите поранешни југословенски републики (посебно во делот на наивната уметност), дополнети со дела од уметници од Бразил, Полска, Боливија, Судан, Уругвај, Албанија, Јапонија, Јужноафриканска Република, Иран, Куба, Шпанија и од Романија. Изложбата е резултат на конструктивен дијалог помеѓу специфични колекции – колекцијата на солидарноста на МСУ-Скопје и колекцијата „Артист 2000+“ како и националната колекција на Модерна галерија, Љубљана. Поставката ги истакнува само делата изработени од природни материјали, како и дела кои го одразуваат ангажманот на уметниците со природата. Таа се фокусира на еманципацијата на уметничките медиуми, истражувајќи го односот помеѓу културата и природата, додека критички се осврнува на горливите еколошки прашања од времето на Капиталоценот. Кураторите како појдовна точка го земаат антропоцентричното надвладување на природата под влијание на капиталистичките апетити кои ја искористиле природата речиси до последните капацитети.

„Потценувањето на важноста на релацијата човек – нечовек, култура – природа, нè доведе до досегашната асимилација и уништување на природата. Антропоценот или Капиталоценот сфатен како прекумерно влијание на човекот во природата под влијание на ексцесивните апетити на капиталот ја измени структурата на природата до ниво на речиси целосно исчезнување. Дали веќе експлоатацијата на природата и екстракцијата која нè води во катаклизма го бара назад спасот во сè уште преживеаните и драгоцени искуства на симбиозата на човекот со природата? Но, што е тоа што земјата, водата, отфрлените дрва, волната, живиот свет – вончовечкото – може да нè научат ако внимателно слушаме, т.е. ако не се поставиме како узурпатори, туку како соработници, како можност за етичко поврзување кое конституира мрежи на интерконекција со сите форми на живот?“, го објаснуваат кураторите својот концепт.

Изложбата во Љубљана зборува преку три сегменти. Таа произлегува од делот „Заборавен свет“ – дела кои користат природни материјали: земја, вода, отфрлени дрва, волна, живиот свет или пак реферираат на нив во конципирањето. Делот насловен „Свет налик“ го градат инсталации инспирирани од односот кон природата или тематски или визуелно, користејќи ги ресурсите на локалното поднебје, на некаква локална продукција која секогаш била во спрега со традиционалното (означено како народна традиција). Навраќајќи се на односот кон природата „Свет во настанување“ го градат дела од наивната уметност и дела кои се стремат кон враќање на односот кон природата и се критички кон индустријализацијата и искористувањето на природата. Сите 87 дела се групирани во овие три категории.
Отворањето на изложбата во Љубљана е закажано за 24 април во 20 часот и ќе трае до 8 февруари 2026 година. Наесен дел од колекциите на словенечкиот музеј ќе биде изложен во Скопје.

Во „Ткаење светови: Колекции во разговор“ се застапени дела од македонските уметници: Борка Аврамова, Владимир Аврамчев, Македонка Андонова, Томе Андреевски, Ибрахим Беди, Гордана Вренцоска, Јордан Грабул, Евгенија Демниевска, Драгослава Јанева, Војко Јаневски, Гоце Јосифов – Ромбо, Ристо Калчевски, Димитар Кондовски, Димче Коцо, Михаил Лазаров, Доне Милјановски, Душко Мишевски, Вангел Наумовски, Петре Николоски, Аџем Нихат, Душан Перчинков, Раде Перчуклиевски, Илија Прокопиев, Кристина Пулејкова, Исмет Рамиќевиќ, Крсте Славковски, Мира Спировска, Мена Спировска-Менче, Глигор Стефанов, Душко Стојановски, Игор Тошевски, Марија Туша Иљовска, Симон Узуновски, Петар Хаџи Бошков, Ѓорѓи Цапев, Симон Шемов, Томо Шијак и Ѓорѓе Шијаковиќ, словенечките Јернеј Вилфан, Дружината од Шемпас, Маја Смрекар, Вадим Фишкин, потоа Стјепан Басталец, Антун Бахунек ,Фрањо Вујчец, Стјепан Кичин, Иван Кузмиак, Иван Лацковиќ-Кроата, Јулије Папиќ, Ханибал Салваро, Матија Скурјени, Петар Смајиќ, Иван Рабузин, Боривоје Максимовиќ, Стјепан Столник и Јосип Хорват од Хрватска, српските автори Јанко Брашиќ, Јано Вењарски, Oндреј Вењарски, Богосав Живковиќ, Милосав Јовановиќ, Јано Књазовиќ, Сеад Казанџиу од Албанија. Застапени се и Јоланта Овидска и Јузеф Сарновски од Полска, Јон Григореску од Романија, Маноло Милјарес од Шпанија, непознат автор од Иран, Вифредо Лам (Франција/Куба), Питер Кларк од Јужноафриканската Република, Мохамед Абдала Ахмед (Судан/Велика Британија), Ример Кардиљо од Уругвај, бразилските уметници Мариа Бономи, Валдемар де Андраде-Силва, Лухдес Гуанабара, Силвиа де Леон Чарлео, Ладир Харис Домше-Пулу, Луциа Кан, Мариа Осилијадора Силва, Жусара Пимента де Падуа, Еленос Силва, Педро Соарес Фогаса, Жералдо Триндаде Леал, Вилма Хамос, боливиските автори Макс Арукипа Чамби и Патриција Веласко Уалин и Јозо Хамагучи од Јапонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Вечер на новоприбрани архивски материјали во Кинотеката
На 27 декември, сабота, со почеток во 20 часот, во Кинотеката ќе се одржи Вечер на новоприбрани архивски материјали, во која ќе бидат прикажани дел од филмовите набавени во 2025 година преку откуп на материјал или меѓу-архивска размена. Проекцијата на оние филмски материјали кои намаат звук ќе бидат прикажани со музичка придружба во живо на ИВЛ.
Една од основните дејности на Кинотеката, поточно на Филмскиот архив (односно Одделението за прибирање, заштита, обработка и чување на филмови и филмски материјали) при оваа институцаја е токму прибирањето на филмови и филмски материјали кои се поврзани со Македонија. Кинотеката години наназад води истражување, идентификација, пронаоѓање и прибирање на филмови и филмски материјали кои се однесуваат или се снимени во Македонија со цел збогатување на збирките, фондовите на кинотека и нивно зачувување.
Вечерта на 27 декември, сабота, ќе бидат прикажани дел од набавените архивски материјали – репортажите на „Филмске новости“ и патеписната репортажа „Од Сава до Вардар“ преземена од Белгискиот филмски архив.
Музичка придружба: ИВЛ.
Влезница: 150 мкд.
Култура
„Виртуози на хорна“ – завршен концерт на јубилејното издание на Скопскиот брас-фестивал
На 29 декември 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во малата сала на Филхармонија ќе се одржи концертот „Виртуози на хорна“, последниот настан од петтото јубилејно издание на Скопски Брас Фестивал.
Покрај домашниот хорнист Благоја Василевски, на концертот ќе настапат и реномирани музичари од регионот: Михајло Булајиќ, прва хорна во Лондонски симфониски оркестар и Оркестарот на РТВ Словенија, Никола Чириќ, прва хорна во Белградска филхармонија, Илир Кодима, прва хорна во Косовска филхармонија и професор на Факултетот за музичка уметност во Тирана, како и Милан Роксандиќ од Театарот во Нови Сад.
Настанот претставува пример за меѓународна соработка и културна размена, со фокус на камерната музика за хорни и современ пристап кон брас сцената во регионот. Публиката ќе има можност да слушне програма што ги истакнува изразните можности на инструментот, со дела од класичниот репертоар и божиќни аранжмани за ансамбл хорни.
На програмата се најавени „Унгарска рапсодија бр. 5“ од Јоханес Брамс, „Радецки марш“ од Јохан Штраус, како и избор на божиќни композиции во аранжмани за хорни.
Култура
Белград се сеќава на Зафир Хаџиманов: музичка вечер во македонскиот КИЦ
Македонскиот КИЦ во Белград во своите простории на Македонска 30, на 26 декември 2025 година во 19 часот, организира музичка вечер посветена на Зафир Хаџиманов.
Настанот ќе го отвори директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, со краток осврт за културата на сеќавање кон големиот бард на културата Зафир Хаџиманов, за огромното културно наследство кое го остави како на македонската, така и на српската култура.
„Јас сонувам, јас творам, јас водам љубов на двата јазика”, знаеше често да каже Зафир, во неговите интервјуа за српските и македонските медиуми.
Вечерта посветена на Зафир Хаџиманов, ќе започне со неколку одбрани музички инсерти и грст фотографии, меѓу кои неколку и за првпат јавно презентирани, а ќе продолжи со интимен концерт посветен нему, со неговите најблиски, Бисера Велетанлиќ и Васил Хаџиманов.
Потретот на Зафир Хаџиманов е инициран и организиран од македонскиот КИЦ во Белград и поддржан од Министерството за култура и туризам.
Зафир Хаџиманов е роден на 25 декември 1943 година во Кавадарци. Дипломирал на Факултететот за драмски уметности во Белград, во 1967 година. Тој речиси целиот животен век го поминал во Белград, во брак со една од најпознатите југословенски пејачки Сенка Велетанлиќ – Хаџиманов, со која го добиле синот Васил Хаџиманов, познат џез-музичар. Значаен е како пејач кој настапувал на голем број фестивали, композитор, поет и актер, со препознатлив придонес во македонската и српската култура, особено преку спојот на традиционалните македонски музички елементи со современи и популарни форми. Во 1991 година, Хаџиманов бил еден од основачите на друштвото за македонско-српското пријателство „Шар Планина“ и на здружението на Македонците во Белград, „Македониум“. Поради неговите заслуги за промоцијата на македонската култура во Србија, во 2007 година, тој бил промовиран во почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.
Хаџиманов почина на 27 март 2021 година, на 77-годишна возраст, од компликации предизвикани од Ковид-19. Постхумно беше одликуван со „Златен медал за заслуги“ од претседателот на Србија, како и со „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“ од претседателот Стево Пендаровски, за неговиот исклучителен придонес во уметничкото и музичкото творештво.

