Култура
Aнтологија на српскиот филм во Кинотека

Од 5 мај (четврток) до 11 мај (среда) 2022 година во Кинотеката на Р.С.Македонија ќе бидат прикажани 11 класични наслови од српската кинематографија, продуцирани од раните 60-ти до средината на 80-тите години на минатиот век.
Се работи за насловите КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ? (Ko to tamo peva? / Who is Singing There?), МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ (Maratonci trče počasni krug / The Marathon Family), ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68 (Varljivo leto ’68 / The Elusive Summer of ’68), БАЛКАНСКИ ШПИОН (Balkanski špijun / Balkan Spy), НАЦИОНАЛНА КЛАСА (Nacionalna klasa / National Class Category Up to 785 Ccm), ПЛАСТИЧЕН ИСУС (Plastični Isus / Plastic Jesus), КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ (Kad budem mrtav i beo / When I Am Dead and Gone), ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО ПТТ (Ljubavni slucaj ili tragedija sluzbenice P.T.T. / Love Affair, or The Case of the Missing Switchboard Operator), ВЕНЕЦОТ НА ПЕТРИЈА (Petrijin venac / Petria’s Wreath), ЉУБОВ И МОДА (Ljubav i moda / Love and fashion) и ДАВИТЕЛ ПРОТИВ ДАВИТЕЛОТ (Davitelj protiv davitelja / Strangler vs. Strangler).
Автори на филмовите се Слободан Шијан (Slobodan Šijan), Горан Паскаљевиќ (Goran Paskaljević), Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević), Божидар Николиќ (Božidar Nikolić), Горан Марковиќ (Goran Marković), Лазар Стојановиќ (Lazar Stojanović), Живоин Павловиќ (Živojin Pavlović), Душан Макавеев (Dušan Makavejev), Срѓан Карановиќ (Srđan Karanović ) и Љубомир Радичевиќ (Ljubomir Radičević).
Филмовите во овој избор се дел од стоте антологиски наслови снимени од српски режисери во периодот од 1911 до 1999, а кои во 2016-та беа прогласени за национално добро од големо значење во Србија. Тие се дел од проектот „VIP Кинотека“ чија цел е да се сочуваат и заштитат филмовите кои ја одбележале српската кинематографија; процесот на дигитална реставрација на српското филмско наследство е реализирано во Одделението за дигитализација и дигитална реставрација при архивот на Југословенската Кинотека во Белград.
ЉУБОВ И МОДА е генерациски „исписник“ со веќе етаблираниот модернизам во литературата, театарот, џез и поп музиката. КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ, ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО ПТТ и ПЛАСТИЧЕН ИСУС како фиданки на „црното семе“ на реализмот кореспондираат со мрачните тонови во литературата, сликарството и другите уметности.
Насловите: ВЕНЕЦОТ НА ПЕТРИЈА, НАЦИОНАЛНА КЛАСА, ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’68, КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ?, МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ, БАЛКАНСКИ ШПИОН и ДАВИТЕЛ ПРОТИВ ДАВИТЕЛОТ – се продуцирани во почетокот на 1980-тите години. Не може, а да не се повлече паралела со вистинската експлозија на новите трендови во рокенролот („новиот бран“ на бендовите од Белград, Загреб и Љубљана) и театарот (врвот на БИТЕФ-Белградски интернационален театарски фестивал, ЕУРОКАЗ-Загреб) меѓу останатите уметности, но и мултимедијалноста како израз.
Овој златен пресек на српската кинематографија секако не може да мине и без потенцирањето на филмовите на некогашните студенти на прочуената филмска академија ФАМУ од Прага, Чешка. Филмовите на Срѓан Карановиќ, Горан Марковиќ и Горан Паскаљевиќ се дел од таа неформална „чешка школа“ во ексјугословенската кинематографија, иако се понекогаш сосем различни според авторските интереси.
Југословенската Кинотека, основана во 1949 година, денес спаѓа во петте најзначајни филмски архиви во светот. Покрај богатата збирка филмови од југословенската и српската национална кинематографија, оваа Кинотека располага и со огромен фонд странски филмови, добиени како размена со другите странски архиви, депонирани од физички и правни лица, како и преземени од широката киноприкажувачка мрежа.
Настанот е во организација на: Кинотеката, Југословенска Кинотека, Српската Амбасада во Скопје, и СПОНА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Викендов концертна серија Musica Viva на отворено на Факултетот за музичка уметност – Скопје

Факултетот за музичка уметност – Скопје почнувајќи од денеска до 29 мај организира концертна серија „Musica Viva на отворено“ како дел од научно-истражувачкиот проект NIP.UKIM.21-22.15 поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Програмата на концертите ја сочинуваат дела од светската музичка литература во изведба на студентите од класите на проф. м-р Марија Муратовска Наумовска, проф. м-р Катерина Гелебешева Костадиновска, проф. м-р Живко Фирфов, проф. м-р Страшо Темков, проф. м-р Олег Кондратенко, проф. д-р Марија Ѓошевска, проф. д-р Горан Начевски, проф. м-р Зорица Каракутовска, проф. м-р Весна Ѓиновска Илкова, вонр. проф. д-р Кристина Светиева, вонр. проф. м-р Марија Вршкова, вонр. проф. д-р Елена Атанасовска Ивановска, вонр. проф. м-р Сара Пројковска, доц. м-р Дино Имери, доц. м-р Димче Белчовски, м-р Бисера Чадловска, м-р Александар Поп Христов.
Концертите ќе се одржат на Платото пред НУ Национална Опера и Балет во следниве термини:
27 мај: ПРЕЛУДИУМ (пијано, хармоника)
28 мај: SONARE (виолина, тромбон, соло пеење, корепетиција практика)
29 мај: ПРОЛЕТНИ ПЕСНИ (соло пеење, вокално студио, флејта, виолина, виолончело, контрабас, корепетиција практика)
Почеток на сите концерти е во 19 часот.
Влезот е слободен. Резервација на седиште на тел. (02) 3134345 или на [email protected]
a
Култура
Трибина за глаголицата и кирилицата вечерва во Кисела Вода

Во седмицата кога уште еднаш се одбележува големото дело на браќата Кирил и Методиј, суштински поврзано со почетокот на создавањето на македонскиот книжевен јазик, Општина Кисела Вода организираше трибина насловена „Глаголицата и кирилицата низ призмата на богатото македонско културно наследство и нивната примена“.
На вечерашниот настан панелистите д-р Елка Јачева-Улчар, Лазе Трипков и Ласко Џуровски, поттикнаа интересна дискусија околу историските збиднувања врзани со настанокот на двете писма, како столбови на македонскиот јазик и култура. Се зборуваше за Кирил и Методиј, за Климент и Наум, за глаголицата и кирилицата од 9-тиот век до денес. Се отвори дебата и за проблемите и грешките што се појавуваат кај поголем број нестандардни фонтови при испишување на определени букви од македонската кирилица, во услови на опкруженост од кирилските азбуки на другите словенски национални јазици. Посебен интерес меѓу присутните пробудија темите поврзани со предизвиците што доаѓаат однадвор и свесноста која треба да постои кај институциите за зачувување на македонското писмо и јазик, како едни од најважните елементи според кој се препознава и македонскиот национален идентитет.
Во Домот за култура “Билјана Беличанец” каде се одвиваше вечерашната трибина, се’ уште е поставена изложбата “Македонска глаголица, македонска кирилица”, на авторите Лазе Трипков и Ласко Џуровски, која претставува модерна визуелна интерпретација на двете писма. Истата беше дел од настаните со кои Општина Кисела Вода го одбележа својот патронен празник, 6 Мај-Ѓурѓовден. Воедно, преку организирани посети, изложбата ја видоа и сите ученици од основните училишта на територија од овој дел на градот.
Култура
Почина актерот Реј Лиота

Американскиот актер Рејмонд Ален Лиота почина денеска на 67-годишна возраст.
Лиота, кој беше најпознат по својата главна улога во криминалистичката класика на Мартин Скорсезе од 1990 година „Goodfellas“, почина во сон во Доминиканската Република додека снимаше нов филм, пренесува „Инденпендент“
Актерот зад себе ја остави ќерката Карсен.
Пред неговата смрт, тој беше во Доминиканската Република каде што го снимаше проектот наречен „Опасни води“.
Тој е роден во Њу Џерси на 18 декември 1954 година и бил посвоен шест месеци откако бил оставен во сиропиталиште. Неговата филмска кариера траеше четири децении.