Култура
Филмскиот фестивал „Скопје Синема Сити“ почнува вечерва во Кинотеката

Вечерва, со почеток во 19 часот, во дворот на Кинотека, ќе започне 6. издание на филмскиот фестивал „Скопје Синема Сити“ со филмот за бендот Њу Ордер, „Декади“.
Оваа година Њу Ордер се артисти во фокус на фестивалот и овој филм е еден вид посвета за бендот. Секое издание на „Скопје Синема Сити“ го отвора филм за одреден артист, на кого му се посветува изданието и му се доделува Награда за животно дело за заслуги за музиката и филмот.
Оваа година тоа се Њу Ордер, на кои фестивалот им ја испрати наградата во Манчестер. Со филмот „Декади“ на Мајк Кристи ќе започне првиот дел од фестивалот, односно проекциите на 19 и на 20 септември.
За време на овој прв дел од фестивалот, ќе бидат прикажани четири филмови.
Вечерваќе бидат прикажани филмовите „Њу Ордер – Декади“ и „Антон Корбејн: Изнесено на виделина“, додека утре вечер, која ќе биде всушност џез-вечер, ќе се прикажат филмовите „Го викав Морган“ и „Бил Фрисел – Портрет“. Помеѓу овие два филма, со свој сет ќе настапи реномираниот гитарист Сашо Поповски со соло гитара.
Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт Скопје, а визуелните решенија се дело на Дијана Димитриевска. Фестивалот е помогнат од Агенцијата за филм на РСМ и е организиран во соработка со Кинотека на С. Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Неколкудневна турнеја на Театар Провокација низ регионот со „Земја на штркови“

Театар Провокација ја најавува својата неколкудневна турнеја низ регионот, со претставата „Земја на штркови“, која започнува на 13-ти мај, со учеството на фестивалот „Друмеви театрални празници“ во Шумен, Р. Бугарија, по кое следуваат и гостувањата во Србија (од 15.05 до 18.05) низ градовите: Белград, Вршац и Панчево.
Претставата „Земја на штркови“ отворено зборува за големиот бран на иселување на македонците во последниве неколку години и за очајната потреба од системски промени, како главна причина за заминување на младите во поразвиените земји.
Скопската публика оваа претстава ќе може да ја погледне во среда, 23-ти април во МКЦ со почеток од 20:00.
Во претставта играат: Мирјана П.Ристов, Радо Алексовски, И.Јакимова и Р. Ристов. Текстот е работен по мотиви од „Топлината во ноември„ од Јана Добрева, костимите се на Елена Лука, автори на музиката е на Оливер Јосифовски и Давор Јордановски, вокалот е на Вера Милошебвска – Љубојна, сценските движења на Кренаре Невзати а адаптацијата на текстот, сценографијата и режијата се на Роберт Ристов.
Култура
Почина Тоше Поп-Симонов

Истакнатиот македонски композитор, продуцент и аранжер, Тоше Поп – Симонов почина денеска на 63 годишна возраст.
Поп-Симонов својата музичка кариера ја започна во 1980-тите, како еден од основачите и гитарист на култната скопска рок група „Бастион“, а потоа и гитарист на рок бендот „Асторија“.
Тој остави силен белег на македонската музика во периодот на 1990-тите, кога соработуваше со речиси сите позначајни имиња од поп, рок, како и од фолк сцената во земјава и изведувачи од регионот, меѓу кои и Тоше Проески, Мизар, Архангел, Меморија, Анастасија, Дарио, Верица Пандиловска, Силви бенд, „Фрајле“ и Алка Вуица.
Неговите пријатели и соработници се простуваат од него со објави на социјалните мрежи.
Погребот на Поп-Симонов ќе се одржи во вторник, на 22 април 2025 година, на градските гробишта во Бутел од 11:30 часот.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ се прикажува на меѓународниот филмски фестивал во Москва

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ на Гоце Цветановски синоќа беше премиерно прикажан во Москва, во рамки на престижниот Moscow International Film Festival (Меѓународен филмски фестивал – Москва).
Московскиот фестивал важи за еден од најголемите во светот и е класифициран во А листата на филмски фестивали, заедно со Кан, Берлин, Венеција.
Основан е во 1935 година, a редовно почна да се одржува од 1959 година. Фестивалот е познат по тоа што комбинира светски премиери, авторски филмови и амбициозни независни продукции од различни земји.
„Јон Вардар против галаксијата“ денес ќе има уште една проекција во Москва.
Првиот македонски долгометражен анимиран филм успешно го продолжува својот фестивалски живот, откако минатата недела се прикажуваше и на меѓународниот фестивал во Буенос Ајрес, БАФИЦИ, кој се смета за најголемиот и најважен фестивал за независен филм во Латинска Америка.
„Јон Вардар против Галаксијата“ е поддржан од Агенцијата за филм, со копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо од „Линкс студио”, Ева Конрад, браќа Калинови и Ладо Скорин, арт директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Во главните улоги настапуваат Жарко Димовски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.