Култура
Јубилејниот 40. Скопски џез фестивал од 22 до 24 октомври
Годинешниот 40. Скопски џез фестивал ќе се одржи од 20 до 24 октомври. Единаесет познати изведувачки имиња од САД, Куба, Европа и Македонија ќе одржат концерти во живо во салите на Националната опера и балет и Младинскиот културен центар.
Фестивалот ќе го отвори супер-херојот на скандинавската џез сцена Матс Густафсон со свој специјален соло рецитал на саксофони. Од САД ни доаѓа квартетот на новата голема ѕвезда на џезот, басистката Линда Меј Хан О, како и култната музичарка, поетеса, активистка и ем-си Мур Мадер, во придружба на легендарниот перкусионист од „Арт ансамбл оф Чикаго“ Дуду Којате и Матс Густафсон.
Од Данска, САД и Шпанија ни гостува квартетот на извонредниот гитарист Јакоб Бро, од Португалија многубројниот Лисабонскиот андерграунд музички ансамбл Л.У.М.Е., од Грција триото на исклучителната џез-пијанистка Тања Џанули, а од Австрија експлозивните Шејк Сту.
Еден од ексклузивитетите на јубилејното издание на Скопскиот џез фестивал е специјалниот проект „Ну Мјузик 4“ посветен на џез-легендата Дон Чери, со Кристер Ботен, Горан Кајфеш, Матс Густафсон и Окај Темиз, како и настапот на проширениот ансамбл на нашиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов. Фестивалот ќе го заокружи концертот на славниот кубански пијанист Роберто Фонсека и неговото трио.
Придружната програма на фестивалот годинава опфаќа изложба на плакати на Скопскиот џез фестивал под наслов Complicate Simply!, потоа премиерно прикажување на две значајни документарни филмски остварувања: Aretha Franklin: Amazing Grace и Blue Note: Beyond the Notes, како и настап на најпознатиот албански џез-состав во моментов – AJS Quartet.
Во рамките на фестивалот ќе бидат промовирани две нови ЦД-изданија на SJF Records – најновите албумски објави на Јордан Костов ансамбл и Светлост + одрон ритуал оркестра, а ќе биде доделена и веќе традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

