Култура
Голем сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“ Made in МNT

На 13 ноември во 20:00 часот премиерно ќе се одржи голем сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“ Made in МNT, од истакнатиот режисер Дејан Пројковски, информираат од Македонскиот народен театар.
„Во оваа претстава ќе се доживее спојот на минатото и сегашноста преку клучните вредности на Македонскиот народен театар – љубов, умeтничка храброст, посветеност, визија, тимска работа, чување на традицијата и создавање нови вредности за иднината. Претставата ќе претставува аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност. Емотивна приказна посветена на сите големи актери, режисери, драматурзи, но и на сите оние луѓе кои се позади кулисите и помагаат во создавањето на сценскиот универзум во МНТ“, се наведува во соопштението.
Во претставата ќе учествува огромна актерска екипа од ансамблот на Македонскиот народен театар, соло пејачи, воздушни акробати и балетски играчи.
„Публиката ќе биде на едно големо патување во театарот на сонцето. Овој голем сценски спектакл ќе спои повеќе изразни средства со посебен акцент на воздушната акробатика и 3Д-видеомапингот. Идејата е преку создавањето на мултимедијални сцени на оригинален начин пред сѐ преку силно визуелен израз да се раскаже за 80- годишното театарско постоење на МНТ“, велат од театарот.
Во авторскиот тим на овој голем спектакл се потпишуваат: Дејан Пројковски – режисер, Валентин Светозарев – сценограф, Горан Трајкоски – композитор, Сергеј Светозарев – дизајнер на 3Д-видеомапингот и Марија Пупучевска – костимограф.
Премиерата е на 13 ноември, следните изведби се на 14 и 17 ноември 2025 година. Билетите за изведбите на спектаклот ќе бидат пуштени во продажба од денес, 4 април, преку веб-страницата, www.mnt.mk, како и на билетарницата во МНТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
МНТ со претставата „Народен пратеник“ ќе гостува во Народно позориште – Белград

Македонскиот народен театар со претставата „Народен пратеник“ ќе гостува во Народно позориште – Белград.
„Со особена радост и официјално ја примивме веста од Народно позориште во Белград, за гостувањето со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин. Претставата која е од најсвежата продукција на МНТ, го доживува својот успех и надвор од границите. Овојпат, директорот Никола Кимовски со особена чест го прифати ова гостување да се случи на 4 јуни 2025 година. Претставата со фантастичната актерска екипа ќе се одигра на сцената „Раша Плаовиќ“.“, соопштија од МНТ.
Од таму велат дека ова е едно позитивно надополнување во патувачката агенда и организираната турнеја на Македонскиот народен театар, кое дава посебна динамика, ги обединува уметничките изрази, културните разлики и емоционалните искуства на различните сцени.
„За актерите, продукцискиот тим, пред сѐ за публиката, тоа е исполнување на инспиративни, креативни предизвици. Секој нов град и секоја нова публика носи нови искуства и возбуда кои го трансформираат и го осветлуваат доживувањето на уметноста. Таа е мост меѓу различни култури и традиции, овозможувајќи размена на идеи“, се наведува во соопштението.
Култура
МНТ со две претстави гостуваше во Црногорското народно позориште

Реализирањето на меморандумот за продолжување на соработката меѓу Црногорско народно позориште (ЦНП) и Македонскиот народен театар (МНТ), започна со гостување на две претстави од Македонија.
Изминатите две вечери на големата сцена на ЦНП публиката ги гледаше претставите „Народниот пратеник“ од Бранислав Нушиќ во режија на Егон Савин и „12“ според Реџиналд Роуз во режија на Синиша Евтимов.
Директорот на ЦНП, Илија Суботиќ, го изрази своето задоволство од почетокот на реализацијата на договорот, како и од фактот што публиката во Подгорица виде исклучителни изведби од најновата продукција на МНТ во годината кога го слави својот голем јубилеј – 80 години од своето постоење и работа.
„Меморандумот за продолжување на соработката меѓу националните театри на Црна Гора и Република Северна Македонија, потпишан кон крајот на минатата година во Скопје, покрај меѓусебните гостувања, отвора можност и за реализација на заеднички проекти, за што особено може да придонесе членството на двата театри во Европската театарска конвенција“, истакна Суботиќ и го честиташе престојното учество на Македонскиот народен театар на Стериино позорје, во чија натпреварувачка селекција е претставата „Наличје“ од Борис Лијешевиќ од актуелната театарска сезона на нашиот национален театар.
Директорот на МНТ, Никола Кимовски, истакна дека по потпишаниот меморандум за соработка меѓу Црногорско народно позориште и Македонскиот народен театар, по речиси изминати десет години, повторно се случува меѓународна соработка.
„Посебно ме радува што меморандумот за соработка на овие две големи театарски куќи почна да се реализира со гостувањето на Македонски народен театар во Црногорско народно позориште и тоа со најактуелните претстави од големата и од малата сцена. Тоа се претставите: „12“ по мотивите на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов, која се одигра на 9 април и „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин, која се одигра на 8 април. Двете претстави се прикажаа пред преполна сала, а црногорската публика со долгостоечкиот аплауз и овации ги награди извонредните изведби на претставите.
Претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, а во продукција на МНТ, на 31 мај 2023 година беше одиграна на сцената на Црногорското народно позориште во Подгорица – пред потпишување на меѓународната соработка.
Нашата цел е и понатаму да се стремиме кон зацврснување, унапредување и развој помеѓу нашата заедничка соработка, со збогатување на културолошката програма, а на публиката со тоа ќе ѝ дадеме можност и посебна привилегија да доживее различни уметнички пристапи и креативност.“
Да потсетиме, со одлука на членовите на Генералното собрание минатиот петок во Атина, Македонскиот народен театар стана членка на Европската театарска конвенција – најзначајната паневропска театарска асоцијација, каде што Црногорско народно позориште учествува од 2023 година.
Култура
„Македокс“: Платформата „Некстас“ го носи документарниот филм во училница

Употреба на документарниот филм како едукативна алатка во формалното образование е силна мисија на Здружението за промоција на документаристиката „МакеДокс“. Оваа децениска посветеност резултира со бројни успеси, а новитет во едукативната програма на „МакеДокс“ е „Некстас“, платформата за наставници кои се стремат да поттикнат критичко размислување кај младите луѓе и се подготвени да иновираат со нови аудиовизуелни средства во наставата.
Во насока на претставување на платформата „Некстас“ пред професори од средните училишта во Скопје, во петок, 11 април, во просториите на „Јуроп хаус Скопје“, со почеток во 11:00 часот, „МакеДокс“ ќе одржи презентација и кратка обука проследена со дискусија. Свои обраќања ќе имаат Надица Таневска Јанева, социолог и професорка во СУГС „Георги Димитров“ – Скопје, и Сашо Алушевски од „МакеДокс“.
Настанот е од отворен тип, но пријавувањето за присуство на настанот е задолжително. Линк за пријавување: https://forms.gle/cpEnERjVx4etdAsm8
Оваа образовна платформа на наставниците и учениците им нуди бесплатен пристап до динамична дигитална средина која содржи обемна колекција на документарни филмови од целиот свет, придружени со помошни материјали во насока на наставните планови на речиси секој предмет во средното образование. „Некстас“ е достапна на неколку јазици, отсега и на македонски јазик, а користењето на оваа платформа како ново аудиовизуелно средство е одобрено од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука на РСМ.
„Некстас“ е партнерски проект на „Docs Barcelona“ (Шпанија), „DOK.fest Munich“ (Германија), „Thessaloniki Film Festival“ (Грција), „Indie Lisboa“ (Португалија), „Sottodiciotto Film Festival“ (Италија) и „МакеДокс“ (С Македонија), а проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ – потпрограма Медиа.
„Некстас“ веќе ја користат над 10.000 наставници и професори ширум Европа. Линк до платформата: https://nextus.global/mk