Култура
Драмскиот театар не ја додели наградата „Горан Стефановски“

Драмскиот театар Скопје не ја додели наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години.
По воспоставувањето на наградата „Горан Стефановски“, годинава првпат беше распишан конкурсот за најдобар драмски текст од македонски млад автор до 30 години возраст.
На конкурсот пристигнаа четири апликации и комисијата во состав: Викторија Рангелова-Петровска, (драматург и претседател на комисијата) и членовите: Жанина Мирчевска (драматург), Венко Андоновски (книжевен теоретичар), Дејан Лилиќ (актер првенец) и Димче Николовски (режисер), по анализата на доставените дела, едногласно одлучи наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години да не се додели.
Во образложението што го прочита претседателката на комисијата, Викторија Рангелова-Петровска, се вели: „На конкурсот за наградата ‘Горан Стефановски’ за најдобар драмски текст од млад автор распишан на 5 февруари 2025 година доставени се четири драмски текста од четири автори. Комисијата аналитично и детаљно ги разгледа драмските дела, кои се доставени во рок и ги исполнуваат условите во согласност со објавениот конкурс. Авторите на доставените драмски текстови обработуваат разни теми, инспирирани од разни општествени состојби. По формата и структурата драмските текстови во најголем дел се обидуваат да ги следат класичната драмска структура и затворената форма, но не успеваат до крај да изградат цврста драмска целовитост. Драмските ликови/карактери не се јасно дефинирани и развиени во однос на ситуациите во кои се поставени. Дијалогот во драмските дела (во некои помалку, во некои повеќе) не е во целосна функција на отсликување на карактерите и не придонесува за развојот на драмското дејство. Комисијата заклучи дека доставените драмски материјали се развиени до ниво на драмски скици/зачетоци на кои им е потребна доработка за да прераснат во квалитетни драмски текстови. Одлуката да не се додели наградата не треба да се толкува како дестимулативен потег, напротив. Комисијата верува во потенцијалот и во квалитетот на младите автори, како и во нивната способност да испишат квалитетни драмски текстови и со нетрпение ги очекува во периодот што следува и во таа насока предлага да се објави нов конкурс со датум од 28.4.2025 година, на кој авторите ќе треба да ги достават драмските текстови најдоцна до 1. 2.2026 година. Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 27.4.2026 година, денот на раѓањето на Горан Стефановски“.
Директорот на Театарот, Роберт Вељановски, истакна дека и покрај недоделувањето на наградата во оваа прва година од востановувањето, целосно стои зад одлуката на комисијата и изрази верба дека преку распишувањето на конкурсот и во годините пред нас ќе се популаризира наградата „Горан Стефановски“ и ќе се привлечат многу млади автори да се пријавуваат со цел да се афирмира современата македонска драма, да се поттикне македонското драмско творештво и да се одржи континуитетот на македонското драмско писмо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
(Видео) „Убав ден“ – нова песна на Горан Папаз

„Убав ден“ е насловена новата песна на Горан Папаз.
„Посебно сум горд на овој сингл затоа што дел од музиката ја создаде Дамиан, мојот син, а Гоце Симоноски ја заокружи оваа приказна изработувајќи прекрасен аранжман. Вокалите се на Дамиан Папаз и Сара Димитрова“, сподели музичарот.
Песната е снимена и работена во студиото на Димитар Димитров и во студиото на Гоце Симоноски.
Култура
СДСМ: Колку чинат екскурзиите на Љутков во странство со цела свита?

Додека институциите на културата едвај преживуваат, а вработените и понатаму се без исплатени плати, министерот за култура Зоран Љутков, заедно со голема партиска свита, си организираа „дипломатска“ екскурзија во Јапонија, велат од СДСМ преку соопштение.
„Со него се и министерот Тимчо Муцунски со сопругата, генералниот секретар на Владата и уште неколку „културни авторитети“, наводно за поддршка на ансамблот Танец и „јакнење на културната соработка“.
Колку точно лица брои оваа луксузна делегација? Колку народни пари беа потрошени за патувањето во Осака,за авионски билети, сместување, дневници, протоколарни вечери, гардероба и подароци?
И што, всушност, ќе донесат назад во Македонија? Освен албум со селфиња, објави за „успешни средби“ и неколку звучни фрази за „интеркултурен дијалог“?
Врв на иронијата, организирале и изложба посветена на архитектот Кензо Танге, визионерот што го проектираше Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Истото Скопје кое ВМРО-ДПМНЕ, со истата оваа структура, го изобличи со стиропор и лажен барок преку проектот „Скопје 2014“.
Па кој има образ сега да го слави Кензо Танге, кога неговото дело беше грубо погазено со партиска стиропорна естетика и кич?
Граѓаните заслужуваат одговор: Колку ги чинат екскурзиите на Љутков, колку чини оваа парада? И дали културата е само алиби за туристички луксуз?“, велат од СДСМ.
Култура
Ал Пачино се плаши да го гледа култниот филм од 70-тите

Ал Пачино со децении ја изненадува публиката – не само со неговите прекрасни улоги, туку и со неговите лични преференци и необични изјави.
Иако неговото место меѓу актерските легенди е несомнено, Пачино сепак успева да ги збуни и насмее луѓето со неговото признание дека не ги гледал некои од најважните филмови на сите времиња – дури ни оние што ги направиле неговите поранешни соработници.
Еден таков случај го вклучува режисерот Вилијам Фридкин, човек чии филмови го одбележаа американскиот Нов бран, но и ги поместија границите на она што публиката може да го толерира.
Фридкин е познат по шокантните теми и бескомпромисниот стил на работа, а неговиот филм „Крстарење“ од 1980 година, со Пачино во главната улога, е запаметен по контроверзниот заплет и непријатната атмосфера.
Но, и покрај нивната професионална соработка, Пачино со години избегнуваше да го гледа еден од најпознатите филмови на Фридкин – од страв.
Филмот, кој ја шокираше публиката ширум светот и ја налути црквата, беше познат по долгите редици надвор од кината, луѓето што ги напуштаа кината поради гадење и шокантните приказни од сетот.
„Никогаш не сум го гледал „Егзорцист“.
Иако многу ја ценел работата на Фридкин, Пачино немал храброст да го гледа филмот кој се смета за еден од најстрашните на сите времиња.
Иако не се плаши да ги преземе најпребирливите улоги на екранот, овој филм го избегнува со децении. Но, со оглед на тоа колку длабоко тој филм влијаеше на културата и публиката ширум светот, можеби е само прашање на време кога Пачино конечно ќе одлучи да го види.