Култура
Еден од најдобрите пијанисти на денешнината настапува со Филхармонија
Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт насловен „Озвучени емоции“ на кој како солист ќе настапи еден од најдобрите пијанисти на денешнината – Лука Дебарг од Франција.
На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Фредерик Шопен, Симфонијата во три става и оркестарската суита од балетот „Жар птица“ од Игор Стравински. Диригентка е маестра Бар Авни од Израел, лауреатка на престижниот натпревар „Маестра“ во Париз.
„Не се појавил пијанист што предизвикал таква вознемиреност уште од пристигнувањето на Глен Гулд во Москва, во средината на Студената војна, или од победата на Ван Клибурн на натпреварот ’Чајковски‘“, ќе напише „Хафингтон пост“ за францускиот пијанист Лука Дебарг (1990), едно од најголемите откритија денес во сферата на пијанизмот, лауреат на 15. „Чајковски“ во 2015 година. Иако беше на четвртото место во финалето, тој беше единствениот музичар награден во сите дисциплини од страна на московската музичка критика и опишан како пијанист со „неверојатен талент, уметничка визија и креативна слобода што ги импресионира и критичарите и публиката“. Лука Дебарг е нова сензација во класичната музика.
„Тој е фантастично надарен, оригинален е и не е скротен од академизмот“, ќе напише „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Шпигел“, пак, ќе додаде: „Дебарг ѝ припаѓа на лигата на шампиони меѓу пијано-виртуозите“, а „Ле поинт“ ќе заврши со зборовите: „Моќ, суптилност, контрола, имагинација, вкус: тој има сè“. „Светот на музиката е мојот дом. Музиката е речиси мојот мајчин јазик. Ме храни…“ Со овие зборови почнува документарниот филм за Лука Дебарг, кој во едно интервју признава дека не вежбал онолку колку што треба сè додека не ја запознал неговата професорка, реномираната Рена Шерешевскаја, на 20 години. Таа го поканила да студира (потоа и да магистрира) во нејзината класа на престижната академија „Екол Нормал“ во Париз и по само четири години, како едно од највидните имиња и на „Чајковски“, неговата кариера почнува рапидно да расте. Лука Дебарг, како што самиот вели, црпи инспирација од литературата, сликарството, филмот, од џез-музиката и мошне внимателно го избира репертоарот во кој се наоѓаат и дела на помалку познати композитори. Зад себе има три изданија за „Сони класикал“, а во 2017 година ја доби врвната германска награда „ЕХО класик“.
Диригентката Бар Авни (1989, Израел) е добитничка на Првата награда на натпреварот „Ла Маестра“ во Париз во 2024 година, награда која ѝ беше доделена од страна на престижно жири предводено од влијателната Натали Штуцман. Маестра Авни ги освои и дополнителните награди, вклучувајќи ги и Наградата на оркестарот, „Арте“, „Ехо“…Ова подразбира дека во наредните две години, таа ќе биде стипендист на Академијата „Ла Маестра“, а по натпреварот за неа веќе се пројави огромен интерес за нејзината диригентска работа, односно покани да диригира со бројни светски оркестри. Ја опишуваат како диригентка со вешта и креативна програмска концепција и јасен и елегантен стил на диригирање. Во моментов, маестра Авни е главен диригент на Филхармонијата Бајер, позиција на којашто е од 2021 година, како прва жена диригент во 120-годишната историја на оркестарот. Силно е посветена на промоцијата на нови, млади таленти и тесно соработува со тимот во Бајер за развивање возбудливи музички образовни проекти. Од нејзиното диригентско деби во 2016 година, маестра Авни соработувала со различни оркестри, вклучувајќи ја Израелската филхармонија, Камерната филхармонија во Бремен, Израелскиот камерен оркестар, Ансамблот „Резонанц“, „Камерата“ од Хамбург.
Нејзината флексибилност и љубопитност при креирање програми, како и нејзината разноликост и способност да негува широк спектар на репертоар се импресивни. Една од главните поддржувачи и советници на маестра Авни е славната Барбара Ханиган, а на почетокот на 2024 година, таа дебитираше со оркестарот „ВДР Функхаус“ и Гетеборшката симфонија како асистентка токму на маестра Ханиган. Следните сезони маестра Авни ќе диригира со Националниот оркестар на Лил, Националниот оркестар на Бордо, Државниот младински оркестар на Хамбург, Радио-симфонискиот оркестар на Штутгарт…, а ќе биде и на позиција асистентка на врвниот Клаус Мекела во Париз и со Франсоа-Завие Рот во Келн. Инаку, маестра Бар Авни студирала перкусии и настапувала како перкусионистка во нејзината земја, но желбата за диригирање ќе ја однесе во Тел Авив, каде што студирала со Јоав Талми, а подоцна станала негов асистент на Израелскиот камерен оркестар. Потоа ги продолжила студиите во Грац и во Хамбург, а во 2021 година станала најмладата добитничка на награда и стипендист на Меѓународниот институт „Курт Мазур“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Џинови и снегулки“ – самостојна изложба на Христина Иваноска
На 24 декември (вторник), ќе се отвори самостојната изложба на уметницата Христина Иваноска, со наслов „Џинови и снегулки“. Изложбата ќе се отвори во 19 часот, во Музејот на Северна Македонија.
Насловот на изложбата „Џинови и снегулки“, реферира на истоимената поема од книгата поезија „Егејска барутна бајка“ на писателот Славко Јаневски, која е објавена во 64-тиот број на „Македонка“ од 1950 година.
Христина Иваноска, преку својата уметничко-истражувачка практика, се фокусира на прашањата за потиснување, контрола и конструирање на колективната меморија во однос на стратегиите и политиката на отпор на жените. Таа создава објекти, текстови, цртежи, видеа, перформанси и инсталации, честопати работејќи интердисциплинарно, и критички го истражува искуството на денешните социјални и политички системи и нивната врска со теоријата и историјата. Иваноска им дава важност на рачната работа, како што се везот, ткаењето, грнчарството и пачворк-техниката, како медиуми на политичка и социјална вредност преку кои е изразена индивидуална борба и ограничувањата. Нејзините дела биле изложени во многубројни значајни институции и независни простори во земјава и во странство. Во моментов, Иваноска е докторски кандидат на Академијата за ликовна уметност во Виена. Заедно со Јане Чаловски, во 2024 година, се основачи на платформата за уметничко истражување и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“ во Скопје.
Славчо Димитров, кој ѝ беше соговорник на Иваноска низ процесот на создавањето на оваа изложба, а воедно, е и автор на текстот за изложбата, вели:
„Ако пишувам за уметничката пракса на Христина Иваноска, пишувам затоа што таа секогаш се испречува пред мене и ме заведува со мешавина на чувства помеѓу нелагодност и љубопитност. Неудобност и тешкотија кои ја одржуваат дистанцата кон нејзините дела, како нужна за да го одложи или оневозможи нивното врамување во веќе постојните рамки на практична, целисходна и афективна навика на препознавањето, додека истовремено го поместуваат моето тело принудувајќи ме да ги изместам и приспособам моите перцептивни, идејни, чувствени схеми и параметри на разбирање привлечен од силата на лудата љубопитност, зачуденост и восхит од ветувањето кое го нуди другоста, новото, или ексцесивната непознатост на хоризонтот што го отвораат нејзините дела. Оваа нелагодност и сетилна/интерпретативна неволја во којашто ме навлекува и афективно наштимува и оваа најнова изложба на Иваноска, произлегува од соочувањето со ужасно познати и препознатливи материјали, како што се текстот, писмото, знаците, буквите, текстилот, везот, сликите, фустанот, традиционалните историски референци, женските работни пракси, цветовите итн. од една страна, и нивното отворање, дуплирање, преклопување, отсекување, нелинеарност, контекстуално изместување, деконструирање, естетско трансформирање, историски критичко прераскажување или фабулирање, и темпорално и семантичко наслојување/расејување, од друга страна.
Како богохулна верничка и непослушна ќерка, Иваноска знае дека соочувањето со сегашноста и замислувањето на поинаква иднина е невозможно преку репродукција на изабените, истрошените, неподносливо досадни и истрајно насилни големи историски маскулинистички наративи за џиновите на нацијата. Потребен ни е поглед наназад кон „сѐ уште неосвестените“ капацитети и нереализирани ветувања и алтернативни имагинации на ефемерните и кревки ко снегулки траги на женската историја, со пристап обележан и со иронија свесна за „противречности кои не се разрешуваат во поголеми целини, дури ни дијалектички, за напнатоста на држењето на некомпатибилните нешта заедно, бидејќи и двете или сите се неопходни и вистинити“, бидејќи иронијата вклучува и „хумор и сериозна игра“.“
Култура
Чествување на великаните Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски во КИЦ – Софија
На 20 декември, со почеток од 18:00 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи настанот „Чествување на великаните Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски“ со проф. д-р Кристина Николовска.
Реномираната литературна теоретичарка, критичарка, писателка и промоторка на македонската култура и македонистиката, проф. д-р Кристина Николовска на 20 декември (петок) во Македонскиот КИЦ во Софија ќе беседи за поезијата на великаните на современата македонска литература и култура преку настанот „Чествување на великаните Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски“.
Култура
Отворање на изложбата „Регенерација“ на Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска во Тирана
Ликовната изложба „Регенерација“ на авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска ќе биде отворена во понеделник, 23 декември 2024 во 19 часот во Културно информативен центар на Република Северна Македонија во Тирана, Албанија. Љубителите на уметноста ќе можат да ја посетат до 27 декември.
Преку своите дела трите авторки се осврнуваат на периодот полн со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата Ковид 19, кој неизбежно се рефлектираше во нивните дела. Тие ја преиспитуваат релацијата на видливиот свет со невидливите опасности. Се однесува на сопствената трансформација, како и на емоциите и чувствата поттикнати од промените на животниот тек предизвикани од пандемијата и новите наметнати стандарди во секојдневното живеење, и воедно, го преиспитува сопствениот обновувачки процес (регенерација) од настанатата ситуација.
„Делата на Ана Ивановска се засноваат врз истражување на тема глобалната пандемија како и реакција на моменталните тенденции и глобални случувања во светот, кои несомнено оставаат траг врз секојдневието на луѓето. Фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата. Тие претставуваат визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот. Настанати се преку процесот на експериментирање и комбинација на фотографија, принт и други материјали (жилети, ќибрити, плексиглас, колаж). И покрај тоа, низ делата провејува нишка на оптимизам, бидејќи периодот на изолација, исто така, допринесе за развивање на чувството на исполнетост преку пронаоѓање на внатрешниот мир, со надеж за одново обновување и регенерација во времето кое што допрва доаѓа. Целта е да се поттикне поголема свесност за работите кои забораваме да ги забележуваме и создавање на нова перцепција за нашето опкружување. Тој порив произлегува од постојаната потрага за спознавање на сопствената природа и чувството на обединување со универзумот.
Регенерацијата како тема е тесно поврзана со генетиката на секоја постоечка единка, но голем дел од нејзините процеси зависат и од времето и условите во кои таа единка се развива… Овие влијанија делуваат на нејзиното обновување, нејзините последици и опстојување во дадената физичка форма. Христина Зафировска, преку своите дела, на апстрактен и сликовит начин го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата. Серијалот го интерпретира биолошкиот процес од една страна, кружниот строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување, а од друга страна, преку визуелно прикажаниот регенеративен процес, делата ја претставуваат „последицата“ и процесот на физичко и ментално обновување настанато поради периодот на принудната изолација. Во делата комбинира повеќе начини на изразност – објекти со поп-артистички колористички изведби, текстуална игра на зборови, плошни плакатски решенија, каде што дводимензионалноста на геометриските форми и поединечните секвенци стануваат целини, а со тоа самите форми стануваат своевидни објекти во просторот.
Маја Кировска претставува воздушести човечки фигури изработени од лесен природен материјал (скелети од листови од дрво), кои навидум лебдат во слободниот простор. Овие фигури наликуваат на костими кои ја следат анатомската форма на телото, а немаат екстремитети и глави слично на остатоците од пронајдените антички скулптури. Скелетите од листовите всушност го претставуваат циркулаторниот ситем на листот од дрво, тоа е оној систем кој ги снабдува со вода и ги одржува во живот. Тоа на еден симболичен начин се врзува за темата на изложбата „Регенерација“. Овие човечки фигури со својата транспарентност истовремено наликуваат на кожа која змијата ја отфрла откако ќе и стане тесна. Формата на човекот е присутна како остаток, како сведоштво за некоја негова преходна состојба, а тој не изчезнал туку пораснал, се трансформирал, ги пребродил предизвиците. Како паралела, на ѕидот се поставени слики во повеќе нијанси на црвена боја која потсетува на крв. Крвта е таа која го снабдува човекот со сите потребни материи и го одржува во живот, слично како водата преку системот за циркулација на растенијата.“ – Авторите Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска.
„Помеѓу зборовите, мислите и битието отсекогаш постои бездна… Делата на конкретниве три уметници нè водат преку симболичен мост на невозможната мисија. Со атрибутот го отелотворуваат глаголот, а со глаголот атрибутот. Регенерација на кодот… регенерација на езотерична естетика… регенерација на времето кое ни доаѓа. Регенерација на просечно и болно, е она што нуди и прави емпатија, регенерација на минорното и грдото, е она што не ни се допаѓа. Забележливо е дека, јас авторот со ситниов број напишани зборови тешко се регенерирам во својот слободен пад помеѓу мислите и битието… сепак, во хармонијата на вкрстување на информации од било кој тип добиваме: машина, тело и дело кое се регенерира во веќе постоечка квантна состојба од варијантите. Непоколебливо присутни со своите регенеративни идеи се: Христина Зафировска, Ана Ивановска и Маја Кировска кои го даваат своето себство спојувајќи се во просторот на Галерија МКЦ. Просторот е битен… во него времето минува и се отелотворува заедно со визиите на објектите кои ќе бидат поставени во него. Транспарентно видлива стварност на одреден код, кој ќе биде отелотворен во свеста на посетителот. А, посетителот ќе суди, и пресудата ќе важи само за него.
П.С. Секој пишан збор (кој не вреди колку мисловниот) е во интерес на антиципирање на настанот. “ – Горјан Ѓорѓиев.