Култура
За наградата „Роман на годината“ во „трка“ 45 романи
На својата конституитивна седница жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, констатираше дека на годинашниот конкурс, што се одвиваше од 15 декември минатата година до 15 јануари годинава, пристигнаа 45 романи.
Жири-комисијата, во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата) констатираше дека и годинашната конкуренција е составена од различни жанрови и дека процесот за избор на најдобро дело воопшто нема да биде лесен.
Комисијата и годинава ќе направи неколку селекции на пристигнатите романи, а селектираните романи јавно ќе бидат објавени. Жири-комисијата е должна да го соопшти името на добитникот до 15 март.
Наградата „Роман на годината“, која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а чиј генерален спонзор е „Комерцијална банка“ АД Скопје, годинава ќе биде доделена 27-ти пат. Признанието се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Список на пристигнати книги на конкурсот за „Роман на годината“ за 2025 година
1. „Александар јава на запад“, Венко Андоновски, „Три“
2. „Лозинка за излез од пеколот“, Јадранка Бибан,самостојно издание
3. „Грст афионови зрнца“, Горан Василевски,
4. „Ноќ без враќање“, Васе Врангалоска,„Ирис Принт“, Струга
5. „Во зенитот на еден дневник“, Викторија Гаго, НУ „Григор Прличев“ – Охрид
6. „С(удба)та“, Филип Георгиевски,„Бата пресс милениум“
7. „Тринаесеттиот“, Лидија Димковска, „Три“
8. „Волкот“, Константин Дораковски, „Макавеј“
9. „Околу три по полноќ“, Димитрие Дурацовски, „Арс Либрис“
10. „Необјавен фељтон“, Владимир Илиевски, „Maкедоника литера“
11. „Баба Илка“, Жан Илиески, „Макавеј“
12. „Ќе помине и моќта“, Ирена Јурчева, „Паблишер“
13. „СФ – СН: (партизански роман)“, Моџо Килингтон, „Арс Ламина“
14. „Договорот“, Јордан Коцевски, „Антолог“
15. „Илина и тајните на бабин заб“, Хана Корнети, „Или -или
16. „И“, Кристина Краличин, „Арс Либрис“
17. „Извештајот на Рената“, Кристина Краличин, ИД – Концепт консалтинг и дизајн
18. „73“ дена“, Иво Митев – Жиле, „Арс Либрис“
19. „Годината висококосна“, Маја Мојсова, „ПНВ публикации“
20. „Кругот дупка“, Никола Наумовски, „ПНВ публикации“
21. „Касадеј“, Велко Неделковски, „Матица македонска“
22. „Не заборавај, Ангела“, Љилјана Нелковска, самостојно издание
23. „Чуварите на вистината“, Елена Николова, „Збор“
24. „Промилите на Конзулвил: (миксан роман)“, Јордан Николов, „Паблишер“
25. „Кафеана на крајот и на почетокот од универзумот“: (на почетокот беше… информацијата)“, Валентин Нешовски, „Антолог“
26. „Зара Зарина“, Лилјана Пандева, „ПНВ публикации“
27. „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“, Фросина Пармаковска, „Арс Либрис“
28. „Калуѓерки“, Димче Парталоски,„Бата пресс милениум“
29. „Потклек“, Љупчо Петрески, „Бегемот“
30. „Арагон“, Михајло Свидерски, „Антолог“
31. „Опасноста што ја љубам“, Маја Симоновска, „Читај книга“
32. „Сенката што ме чува“, Маја Симоновска, „Читај книга“
33. „Фобос: деконструиран роман“, Соња Станковска, „Или – или“
34. „Нашата Симка“, Благуна Стевоска, НУ Библиотека „Григор Прличев“
35. „Тишина што сака да викне: роман од сеќавања“, Милован Стефановски, „Ад Вербум“
36. „Траги врз песок: корисен водич за успех на менаџери за продажба, инспириран од врвните спортски тренери“, Бојан Стефановски, „Матица македонска“
37. „ Неколку тишини подоцна“ , Ана Стојаноска, „Конгресен сервисен центар – Полица“
38. „Ноќта – филм кој се чита“, Игор Трајковски Фоја, -Битола: „3Д Графопром“, самостојно издание
39. „Три Марии: (роман -басма), Оливера Ќорвезироска, „Арс Либрис
40. „Само уште еден скок“, Енис Хилми, „Светулка нова“
41. „Повратник со две лица“, Ивица Челиковиќ, „Паблишер“
42. „Изедначен“, Јован Ристов Џамбазоски, „Матица македонска“
43. „Светото светило: (роман)“, Мирче Б. Нешовски, „Менора“
44. „11 проверени начини како да ја заебеш љубовта: (роман во раскази)“, Драгана Лукан Николоски, „Чудна шума“
45. „Сѐ на овој свет“, Гордана Каракашевска, „Бата пресс милениум“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Министерството за култура и туризам на 60. јубилејно издание на Меѓународниот саем за туризам во Берлин
Македонија учествува на јубилејното, 60-то издание на најголемиот Меѓународен саем за туризам „ИТБ Берлин“ (ITB Berlin), што се одржува од денеска до 5 март 2026 година во Берлин, Германија.
„ИТБ Берлин“ од 1966 година е водечка глобална платформа за туризмот, каде што се среќаваат претставници од туристичкиот сектор, туроператори, авиокомпании, хотели и медиуми. Годинава земја партнер е Ангола.
Македонската делегација на Саемот во Берлин, предводена од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, придружуван од националниот координатор за туризам, Акан Махмут, ќе реализира повеќе билатерални средби со цел интензивирање на туристичката соработка, зголемување на туристичкиот промет и заеднички настап на трети пазари.
На националниот штанд од 93 м², годинава се претставуваат рекорден број учесници од туристичкиот сектор од земјава, вклучувајќи македонски туроператори за дојдовен туризам, хотелиери и ТАВ-аеродроми Македонија.
Според Државниот завод за статистика, во 2025 година земјава ја посетиле 91 290 германски туристи, а тоа претставува зголемување од 141 % во однос на 2024 година. Во истиот период се реализирани 143 138 ноќевања, а тоа е раст од 93 % споредено со претходната година. Германските туристи најчесто ги комбинираат културниот туризам, природата, гастрономијата и автентичните локални искуства, особено ги ценат Охрид и регионот околу него, како и „сити брејк“ (city-break) во Скопје со посета на кањонот Матка. Тие покажуваат значителен интерес и за вински тури, дегустации на локална храна, рурални искуства и активен туризам, што претставува силна основа за понатамошно позиционирање на земјава како атрактивна и автентична европска дестинација.
Учеството на Саемот во Берлин е уште една потврда дека како држава продолжуваме со активна промоција на туристичките потенцијали на нашата земја, со фокус на одржлив развој, диверзификација на понудата и стратегиско позиционирање на клучните пазари.
Култура
„Сила“ – концерт на Македонска филхармонија по повод Денот на жената
Во четврток, со почеток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи концерт по Повод денот на жената, насловен „Сила“ кој ќе го води диригентката Ребека Тонг од Индонезија, а како солист ќе настапи пијанистот Ендру фон Ојен од Франција.
На програмата се „Павана“, оп. 50 од Габриел Форе, Концертот за пијано и оркестар бр.2 во ге-мол од Камиј Сен-Санс и симфониската скица „Море“ од Клод Дебиси.
Ребека Тонг е резидентен диригент на Симфонискиот оркестар и уметнички и музички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. Таа ја освои Првата награда на „La Maestra“ во 2020 година во Париз, каде што, исто така ја доби и „ARTE Prize“. Нејзините настапи вклучуваат дебитантски концерти со: Симфонискиот оркестар на Барселона, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Оркестарот на Париз, Националниот оркестар на Франција, Филхармонијата и Симфонискиот оркестар на Лондон, Камерниот оркестар на Париз, Националниот оркестар на Монпелие, Кралскиот Филхармониски оркестар на Ливерпул, Би-би-си Филхармонијата…Во сезоната 2021/22 дебитираше со Националниот оркестар на Лион, Полскиот национален радиосимфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Порто…
Маестра Тонг во својата биографија запишува и дека била асистентка на диригенти како Мајкл Тилсон Томас и Франсоа Гзавие-Рот, а учествувала и на мастер-часови со врвни имиња како Туган Сокијев, Пабло Ерас-Касадо,Марин Алсоп… Таа е добитничка на Taki Award 2019 и на неколку диригентски стипендии, вклучувајќи David Effron Conducting Fellowship и Cabrillo Festival of Contemporary Music Fellowship.
Активно учествува во конципирање на програмата на Симфонискиот оркестар на Џакарта, со цел да ја запознае индонезиската публика со класични и со современи оркестарски дела. Таа е основач на Младинскиот христијански оркестар на Џакарта (2011). Родена е во музичко семејство, има кинеско потекло и уште од млада возраст ѝ се посветува на музиката и верува во нејзината моќ на поврзување на заедниците.
Ендру фон Ојен е меѓународно признат пијанист, познат по својата извонредна техника и елегантна изведба. Дебитирал со Филхармонијата на Лос Анџелес на 16-годишна возраст, а од тогаш настапувал како солист со водечки оркестри низ светот, вклучувајќи ги и Филаделфија оркестарот, Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, Берлинскиот симфониски оркестар, Прашката филхармонија, Марински оркестарот, Би-би-си симфонискиот оркестар, Симфонискиот оркестар на Токио, Симфонискиот оркестар на Сингапур и многу други.
Настапувал во најпрестижните концертни сали како Вигмор Хол и Барбикан Хол во Лондон, Линколн Центар во Њујорк, Кенеди Центар во Вашингтон, Симфониската сала во Бостон, Театарот Тони Хол во Лос Анџелес, Театарот Хербст во Сан Франциско, Тонхале во Цирих, Ројал Опера во Версај, Театро Олимпико во Рим…
Фон Ојен издава албуми за Warner Classics, вклучувајќи ги „Bach-Beethoven“ (2021) и „Angels & Demons“ (2024), кои веднаш достигнаа високи места на платформите за стриминг. Неговите снимки опфаќаат репертоар од Бах и Бетовен, до Дебиси, Равел, Лист, Сен-Санс и Месијан.
Роден во САД, со германско и холандско потекло, започнал да учи пијано на петгодишна возраст, а на десет години дебитирал со оркестар. Дипломирал на Колумбија Универзитетот и на Џулијард школата, каде што негови наставници биле Херберт Стесин и Џером Ловентал, а работел и со Алфред Брендел и Леон Флајшер. Добитник е на Gilmore Young Artist Award (1999) и на Првата награда на Léni Fé Bland Foundation National Piano Competition (2001). Денес живее во Лос Анџелес и во Париз, и поседува американско и француско државјанство.
Култура
Балканскиот рис доаѓа во Скопје: Патувачката фотоизложба на Македонското еколошко друштво се отвора во Лабораториум
По седум посетени места низ Македонија, Патувачката изложба посветена на балканскиот рис ќе биде отворена за скопската јавност во четврток (5 март) во културниот простор „Лабораториум“ во Скопје, со почеток во 19 часот, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).
Осмислена со цел да се доближи балканскиот рис до окото на љубопитните граѓани и со тоа да се подигне свеста за важноста од зачувување на оваа кревка популација, изложбата донесува дел од најефектните „уловени“ кадри, од кои повеќето се направени со фотозамки, метод што МЕД го користи на терен веќе 18 години. Истовремено, избраните дваесетина фотографии ја доловуваат и теренската работа на МЕД кое цели две децении работи на зачувување на овој подвид преку регионалната Програма за закрепнување на балканскиот рис (Balkan Lynx Recovery Programme).
Низ годините, благодарение на оваа програма, МЕД успеа да ја процени популацијата на балканскиот рис на македонска територија, да ги збогати сознанијата за неговиот природен опсег, движењето и исхраната преку ГПС-следење и да изгради доверба и партнерства со властите, ловџиите, шумарите и ловочуварите чија улога е подеднакво важна за заштитата на рисот. Програмата придонесе и за вметнување на балканскиот рис во меѓународни спогодби со што се зајакнаа заложбите за прекугранична заштита, како и за прогласување на нови заштитени подрачја во регионот, вклучително и на Шар Планина која е од суштинска важност за опстанокот на рисот кај нас.
Досега, токму во рамките на регионалната Програма, оваа изложба беше поставена во повеќе градови и региони низ Македонија, вклучувајќи ги и националните паркови „Маврово“, „Пелистер“, „Галичица“ и „Шар Планина“. Покрај тоа што им нуди можност на посетителите да му се воодушевуваат на ова прекрасно животно и да научат повеќе за неговите навики и живеалишта, изложбата отвора и простор за разговор во врска со состојбата и планираните мерки за заштита на балканскиот рис, кој иако е наш национален симбол, и натаму е критично загрозено животно во регионот, со помалку од 50 возрасни единки во природата.
Изложбата е наменета за сите возрасти, а во Скопје ќе биде отворена до 5 април.

