Контакт

Култура

„Кларинетска одисеја“ со уникатната музичка четворка со светско реноме – утре на Бит Фест

Објавено пред

Како нов начин на меѓуинституционална соработка, поддржана од Министерството за култура и туризам, во рамките на повикот за креативни индустрии, публиката во Битола, утревечер во рамките на БИТ ФЕСТ, ќе има можност да го проследи концертот насловен „Кларинетска одисеја“. Овој настан е резултат на многу труд и соработка помеѓу Општина Битола, КИЦ, Народен театар и Центар за култура, а во својот концепт ќе понуди незаборавна вечер со најуникатната музичка четворка со светско реноме, четворицата мајстори на кларинетот: Исмаил Лумановски, Благојче Трајковски, Горан Бојчевски и Благој Ламњов.

dobivaj vesti na viber

„Ова е плод на едногодишно договарање, преговарање, со оглед на тоа дека сите четворица еминентни кларинетисти, имаат свои турнеи, свои аранжмани. Ова е концерт во кој ќе бидат презентирани значењето, можноста и иднината на вакви заеднички концерти во Општина Битола и се надеваме дека БИТ ФЕСТ догодина ќе го претвориме и во фестивал на амбасадори на културата на Македонија и Битола“, рече Благојче Божиновски, директор на ЈОУ КИЦ Битола, на денешната прес конференција.

Градоначалникот Коњановски, ја повика публиката на заедничко уживање во Хераклеја, утревечер од 21.00 часот, нагласувајќи дека, Битола е град кој има публика за вакви манифестации.

„Ова е најава на еден спектакуларен концерт на наши виртуози, наше, а светско, именувано како „Кларинетска одисеја“, настан кој во склоп на Битолското културно лето е продолжение на она што оваа летна сезона го видовме досега. Сеуште сме под импресии на огромниот интерес на концертот на еден друг тип на музика, електронска музика со Армин Ван Бурен на Стадионот „Петар Милошевски“, кој се одржа на огромно задоволство на публиката. Она што утревечер ќе го имаме, значи многу за Битола и битолчани, имајќи предвид дека со нас се битолчани и велешанец кои ќе ни презентираат дел од нашето национално богатство и заедно со онаа креативност која ја носат, навистина е гордост да се биде утревечер на Хераклеја“, рече Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола.

Главен координатор на содржинскиот концепт на настанот е Оливер Јосифовски, кој истакна:

„Нивните животи и достигнувања се многу интересни, како и нивните растежи во музиката. И тоа е навистина интересно кога човек ќе биде заедно со бендот. Присуството утревечер на Хераклеја и самите музички теми кои што ги обработувавме овие месеци и последниве седмици посебно, нас ни вродија една нова музичка материја, врзана со времето во кое живееме, но исто овие луѓе носат и една богата музичка традиција и се културни амбасадори, во земјите во кои што се наоѓаат, онаму каде што патуваат, но и кај нас. Заедно со хорот на Марина Коруновска, кој што ќе биде дел од настанот ќе имаме едно спектакуларно доживување за утрешниот концерт“, рече Јосифовски.

„Во Битола навистина имаме една културна револуција во моментот и сите сме вклучени на некаков начин, со што имаме и инспирација да работиме и да соработуваме со вакви уметници кои што ги покажуваат своите квалитети надвор од Македонија и ја претставуваат Македонија во најдобро и најубаво светло преку музиката и она што тие го етаблираат во светот за Македонија, имаме можност сега и ние како хор „Коруновска Арс Нова“ да бидеме дел од овој проект“, рече Марина Коруновска, која најави дека концертот ќе биде спој на вокалната и инструменталната музика, преку симбиоза на македонска прекрасна музика.

„Многу сум среќен, што во Битола и во Македонија, постојат луѓе кои што ја препознаваат моќта на уметноста. Ние уметниците сме како едно цвеќе, ние зависиме од народот, а народот зависи од нас. Сами не можеме да придонесуваме во општеството, колку што човек може да го направи тоа со заедништво. Македонија има публика која препознава кое цвеќе треба да се вади. Уметноста не е забава, таа е многу повеќе од тоа“, рече Благој Ламњов.

„Годинава доаѓаме тука со веселба, со среќа. Со овие мои колеги, после 20 години, повторно се вратив во детството. Со Исмаил и Благојче растевме заедно и вежбавме некаде во визбите на Музичкото училиште, но ентузијазмот и љубовта кон музиката беа толку големи што би рекол Бог, повторно не здружи заедно“, рече Горан Бојчевски.

„Ова нема да биде само обичен концерт. Ова ќе биде настан кој изобилува со многу емоција, затоа што сите ние кои ќе бидеме како солисти на сцената, имаме многу спомени низ годините наназад, иако доста време не сме се виделе. Сепак растејќи во Битола и преку нашето образование, ние имаме многу спомени, многу приказни за она што сме го доживувале заедно. Затоа овој концерт има една посебна емотивна нишка која што ќе не води низ целиот настан. Пробите поминуваа со солзи, а сигурно и утре ќе има по некоја солза, во чест на сите оние среќни моменти кои сме ги доживеале некогаш и ќе ги доживуваме утре“, рече Благојче Трајковски, нагласувајќи дека БИТ ФЕСТ е најголемото културно летно случување во нашата држава и тоа треба да се потенцира и да се означи како еден пример како треба да функционираат општините и сите градски центри во државата.

„Мислев дека немавме толкав капацитет сите овие врвни уметници од светот да дојдат и да се соберат во еден ден. Но, ова е голем и волшебен момент. Кларинетот има сила која што ги поврзува луѓето. Кога ги спојуваме силите, цел свет може да не препознае, затоа што ние имаме традиција за овој инструмент. Ќе биде навистина голем спектакл“, рече Исмаил Лумановски.

Репертоарот на концертот „Кларинетска одисеја“ ќе понуди разновиден музички мозаик составен од традиционални, класични и модерни теми, меѓу кои: „Ако одам во Битола“, „Lily – Waltz for Chicago“, темпераментното „Flamenco“, виртуозното „Стамболско“, емотивната „Schindler’s List“, спојот на „Калеш Анѓа“ и „Калајџиско“, потоа „Кољо“, динамичното „Касапско оро“, „Sheva“, делото на Вивалди, како и композициите „Зејтинлиско“, „Пелистерско“, „Етно Via Bairot“, „EZ Pass“, како и други композиции кои произлегуваат од македонскиот фолклор..

Покрај четворицата виртуози кои ја водат оваа музичка одисеја со своите кларинети и хорот „Коруновска Арс Нова”, на сцената ќе настапат и врвни музичари кои ќе ја збогатат звучната слика на концертот: Давор Јордановски на пијано и клавијатури, Оливер Јосифовски на бас, Алек Секуловски на тапани, Зоки конги, Ади Имери на акустични и електрични гитари, Ристо Крстевски на хармоника, Илија Мицев на труба и Александар Петров на тапан.

Особено емоционален момент ќе внесе и делот збогатен со поезија насловен „Елегии за кларинетот“, чиј автор е Зоран Пејковски, а ќе бидат изведени од актерката Јулијана Мирчевска.

Култура

Овации за ангелските гласови од српскиот хор „Свети Серафим Саровски“

Објавено пред

Од

Српскиот машки хор „Свети Серафим Саровски“ од Зрењанин вчеравечер беше посебно доживување за публиката на „Охридско лето“ во рамките на традиционалната Српска вечер на фестивалот.

dobivaj vesti na viber

Кристалната чистота што прозвучи од седумте грла на овој вокален ансамбл, совршено се вклопи во акустичниот сакрален амбиент на „Света Софија“. Програмската лепеза содржеше седумнаесет нумери, руски и српски, световни и духовни, далматински, а изненадување за слушателите кои ги наградија членовите на хорот со долги и бурни ракоплескања беше и изведбата на македонската народна песна „На Струга дуќан да имам“.

-Одлучивме на публиката во овој прекрасен храм да ѝ се претставиме со различна програма, пред сè, духовни композиции од руски и српски автори. Тоа е нешто што ја прави основата на нашиот репертоар, имајќи предвид дека хорот „Свети Серафим Саровски“ од Зрењанин, Србија, оваа година одбележува 35 години од постоењето. Тоа е дел од репертоарот што ние многу долго и многу често го негуваме посветено. Освен тоа, имаше и неколку обработки на руски народни композиции. Целата музика беше прилагодена на црковниот амбиент. Публиката имаше можност да слушне и две далматински клапи кои говореа за животот, љубовта, минливоста и слично. Самиот крај беше посветен на неколку обработки на српски народни песни.Сметавме дека треба да има разноликост во нашиот репертоар бидејќи знаеме дека во публиката има многу туристи кои доаѓаат од различни краишта и сакаат да слушнат нешто што е невообичаено за еден ваков мал машки хорски состав, вели диригентот на хорот „Свети Серафим Саровски“, Божидар Црњански.

Хорот „Св. Серафим Саровски“ го сочинуваат седум професионални хорски пејачи со повеќедецениско искуство, со волја и идеја наследена од првите основачи на хорот, кои на радост на публиката продолжуваат да ѝ ја даруваат убавината на хорската песна од разни жанрови и стилови – од духовни дела, преку староградски песни и популарна музика создадена за најубавиот инструмент – човечкиот глас.

Прикажи повеќе...

Култура

Битолски театар ќе игра претстава на отворено на 2.218 метри надморска височина на Пелистер

Објавено пред

Од

На 2.218 метри надморска височина утре, 9 август, љубителите на планината, природата и театарската уметност ќе имаат ретка можност, 26 – тата изведба на претставата „Ноќта кога ја убив месечината“ да ја проследат на Големо Езеро, Пелистер.

dobivaj vesti na viber

Вечерта на небото над Големо Езеро ќе има полна месечина и актерите ќе настапат на природна сцена. Јавната установа Национален парк Пелистер, во соработка со Народниот театар – Битола и Битолскиот камерен оркестар, со поддршка на Општина Битола, организира уникатен културен настан на несекојдневна локација – театарска претстава на отворено.

Под светлината на полната месечина, публиката ќе има можност да ја проследи драмската претстава во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во претставата заедно со актерот Александар Копања.

Музиката за претставата ќе биде во живо во изведба на членови од Битолски камерен оркестар.

Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.

Претставата почнува во 21:30 часот. Посетата е со претходна пријава, бројот на посетители е ограничен.

Пристап до локацијата: По некатегоризиран пат (15 км) од Информативниот центар на Пелистер (1350 м.н.в.), или по патека од С. Ниже Поле преку Дебел рид, со тежина од втора категорија.

Важно за посетителите: Поради специфичните природни услови и безбедносните протоколи (вклучително и важечката забрана за движење во шума), присуството е дозволено само со претходна најава, независно од начинот на пристап. Се препорачува соодветна планинарска опрема: Високи обувки, повеќеслојна облека (јакна, капа, ракавици), челна ламба и кутија за прва помош, храна и минимум 2 литри вода. Температурите за време на настанот ќе се движат меѓу 11–13°C.

Пријавување и дополнителни информации на телефон: 070312214

Прикажи повеќе...

Култура

Британската вечер на Охридско лето донесе концерт со наслов „Романсата сѐ уште не е мртва“

Објавено пред

„Романсата сѐ уште не е мртва“ беше наслов на концертот што вчеравечер во рамки на Британската вечер на 65. Издание на „Охридско лето“ го одржаа британскиот виолинист Џек Либек и пијанистката Катја Апекишева во црквата „Света Софија“.

dobivaj vesti na viber

Романтичната вечер која од почетокот ѝ ветуваше на публиката неповторливо музичко доживување што долго ќе се памети, започна со Соната за виолина и пијано од Франц Шуберт, а продолжи со дела од Шопен, Изаи, Менделсон и Крајслер.

За виолиниостот Џек Либек, специјализираното списание „Би-Би-Си мјузик“ пишува дека поседува „беспрекорно техничко мајсторство“ и „прекрасен филигрански тон“. Либек е професор по виолина на Кралската академија за музика во Лондон и уметнички директор на Австралискиот фестивал за камерна музика. Неговата фасцинација со сè што е поврзано со наука резултира со два нови концерти за виолина компонирани специјално за него од „Војаџер“ од Дарио Марианели и концертот „Кратка историја на времето“ компониран од Брет Дин, а во спомен на научниот феномен проф. Стивен Хокинг. Тој свири на виолината „екс-Вилхелм“ изработена од Џ. Б. Гвадагини во 1758 година која му е дадена на користење од семејството на проф. Дејвид Бенет.

Списанието „Грамофон“ ја опишува пијанистката Катја Апекишева како „неверојатно надарен уметник“, а тоа само го потврдува нејзиниот статус како еден од најнадежните европски пијанисти. Родена е во Москва во музичко семејство. Неодамнешните и идни настапи ја водат Катја во Русија, Норвешка, Јапонија, Швајцарија, Италија, Данска, Германија, Австралија и на сцените во Велика Британија, каде е постојано присутна. Нејзината деликатност, а истовремено и силно сценско присуство придонесуваат таа да е чест пијано соработник на големите музички ѕвезди како: Џанин Јенсен, Натали Клајн, Гај Џонстон, Максим Рисанов, Џек Либек, Борис Бровцин, Алексеј Огринчук и Николас Даниел.

Британската вечер на „Охридско лето“ ја отвори амбасадорот на Обединетото Кралство во Р.С.Македонија, Метју Лосон, кој истакна дека преку вакви настани се продлабочува пријателството меѓу двете земји, се зајакнува меѓусебното разбирање и се слави креативноста што ги поврзува двата народи.

-Вистинско задоволство е да се биде домаќин на Британска вечер на годинешниот фестивал „Охридско лето“, еден од најценетите културни настани во регионот и ми е драго што заедно со Британскиот совет повторно го поддржуваме овој важен фестивал, кој ги зближува луѓето преку музика, уметност и заедничко културно наследство. Горди сме што ви претставуваме еден многу посебен гостин, меѓународно познатиот британски виолинист Џек Либек. Џек настапувал на некои од најголемите светски сцени, од Лондон до Њујорк, и ни е чест што го имаме тука во Охрид. Неговата уметност, страст и способност да се поврзе со публиката навистина го претставуваат најдоброто од нашата култура, рече амбасадорот Метју Лосон.

Честитајќи го 65-годишниот јубилеј на фестивалот „Охридско лето“ , директорката на Британскиот совет во Македонија, Клер Сирс, нагласи дека е вистинска привилегија да се биде во Охрид и да се поддржи овој, како што кажа, прекрасен фестивал.

-За Британскиот совет, културата е во срцето на сè што правиме, цврсто веруваме сега, како што верувавме и кога бевме основани пред 90 години, дека споделувањето на културата, јазикот и образовните врски се најважните начини за зближување на луѓето и за нивно понатамошно разбирање. Дека чинот на споделување, на слушање и истражување идеи поврзува и обединува. Културата останува важен столб на односите меѓу Обединетото кралство и Северна Македонија и сме посветени на тоа да ја унапредиме и продлабочиме, и со задоволство можеме да го споделиме со вас вечерва овој настап со еден од водечките британски виолинисти на неговата генерација, Џек Либек, во придружба на повеќекратно наградуваната пијанистка Катја Апекишева, рече Сирс.

Дипломатските вечери на најпрестижната културна манифестација во земјава, фестивалот „Охридско лето“, и годинава ја потврдуваат успешната културна соработка на земјава со амбасадите. Пред Британската вечер се одржаа Кинеска вечер, Холандска, Грчка, Италијанска, Литванска, Австриска, Чешка, како и Вечер на ЕУ. До крајот на 65.фестивалско издание ќе се организираат и Шпанска, Унгарска и Полска вечер.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет22 минути

Зеленски остро им одговори на Трамп и Путин: Украинците нема да му ја дадат својата земја на окупаторот

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, остро ја отфрли секоја можност за територијални отстапки во замена за мир, нагласувајќи дека суверенитетот на...

Македонија49 минути

ВМРО-ДПМНЕ: Исплатени над 407 милиони денари на скоро 8.000 земјоделци

Македонските земјоделци ја добиваат заслужената грижа од државата, на скоро 8.000 земјоделци се исплатени над 407 милиони денари, директни плаќања,...

Македонија51 минута

Пронајдени неексплодирани гранати од Првата светска војна во близина на ГП Меџитлија и во Старо Градско

Припадници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) успешно реализираа две интервенции за отстранување на неексплодирани убојни средства (НУС) останати...

Свет2 часа

„Волстрит џурнал“ го објави планот за мир на Путин

Рускиот претседател, Владимир Путин, наводно му презентирал сеопфатен предлог за прекин на огнот на американскиот претставник Стив Виткоф, нудејќи прекин...

Свет2 часа

Путин и Трамп ќе се сретнат во Алјаска

Американскиот претседател, Доналд Трамп, објави на својата социјална мрежа Truth дека долгоочекуваната средба со неговиот руски колега, Владимир Путин, ќе...

Свет13 часа

Маск: Вештачката интелигенција ќе ги замени сите работни места, дури и моето

Илон Маск, извршен директор на „Тесла“ и еден од најбогатите луѓе во светот, издаде остро предупредување до секој што е...

Македонија16 часа

Клиниките за Токсикологија, Неврологија и Кардиологија добија нови директори

Министерството за здравство информира дека се именувани нови в.д. директори во четири јавни здравствени установи. На Универзитетската клиника за токсикологија...

Свет17 часа

Објавено е што е подготвен Путин да направи

Русија и САД  се обидуваат да постигнат договор што би ја запрел војната во Украина и би ја потврдил руската...

Топ18 часа

Крадци украле акумулатори и нанеле штета од над 10 милиони денари на ЈП за железничка инфрастрактура

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за тешка кражба. За...

Топ18 часа

Убиство во Штип: пијан со нож ја избол мајка си во врат, па сам пријавил на 112

Основното јавно обвинителство соопшти детали за убиството во Штип што се случи утрово. Од таму велат дека против С.З. (54)...

Македонија21 час

Мицкоски: Карпалак е обврска да изградиме држава во која нема да има место за омраза и поделби

Слава за хероите од Карпалак. Нивното дело и пожртвуваност се памети, нивната храброст и одлучност се почитува, напиша на социјалните...

Македонија22 часа

Одбележана 24-годишнината од загинувањето на десеттемина армиски припадници кај месноста Карпалак

Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од државниот секретар Елизабета Чуповска-Ристова и директорот на Генералштабот, бригаден...

Македонија22 часа

Семејна заштеда и помал притисок за родителите: Дурмиши за поевтинувањето на училишниот прибор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја промовира новата владина мерка „Училишна кошничка“, насочена кон намалување на трошоците...

Македонија1 ден

Надлежните со препораки до граѓаните поради најавата за температури до 39 степени во периодот до 13 август

Министерството за здравство информира дека, според најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од 8 до 13 август 2025...

Македонија1 ден

Четири цени за паркинг во Клинички, просторот ќе се прошири двојно

Министерот за здравство, Азир Алиу, информира дека во Клиничкиот центар ќе има четири различни влезови со различни ценовници за паркирање...

Свет1 ден

Израел се подготвува за целосна окупација на Појасот Газа

Израелскиот безбедносен кабинет го одобри планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за преземање воена контрола над Газа, што претставува нова голема...

Свет1 ден

Либанската влада го поддржа американскиот план, луѓето на Хезболах ја напуштија седницата

Министерот за информации на Либан објави дека владата ги одобрила целите на американскиот предлог за разоружување на Хезболах до крајот...

Hitech1 ден

„Опен ВИ“ го претстави „Чат ГПТ 5“, дава поточни одговори за медицината, науката, финансиите

Компанијата „Опен АИ“ денес официјално го претстави својот долгонајавуван модел на вештачка интелигенција „ГПТ-5“, кој сега е достапен бесплатно за...

Македонија2 дена

Германски државјанин протеран од државата: на натпреварот Шкендија-Карабаг во Скопје веел знаме „Голема Албанија“

По извршена идентификација и поднесена кривична пријава, Основното јавно обвинителство Скопје по итна постапка процесуираше државјанин на Германија за кривично...

Македонија2 дена

Одложени активности на отворено: Министерството за здравство со препораки поради најавите за високи температури

Министерството за здравство информира дека во согласност со најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во периодот од 8...