Култура
Концерт на Курт Елинг и Националниот џез-оркестар во МНТ
Светската мега-ѕвезда на вокалната џез музика, двократниот добитник на Греми награда, Курт Елинг, доаѓа во Скопје.
За него „Њујорк Тимес“ ќе напише дека токму тој е „извонредниот машки џез-вокал на нашето време.“
Според „Вашингтон Пост,“ „“Од средината на 1990-тите, ниту еден џез-пејач не бил толку смел, динамичен или интересен како Курт Елинг”, додека ББС Артс оценува дека тој „… ја турка напред уметноста на џез пеењето, повеќе од било кој друг машки изведувач од неговата генерација“.
Елинг има вкупно десет номинации за Греми награди, од кои има освоено две награди за најдобар вокален џез албум за изданијата Dedicated to you (2009) и Secrets are the best story (2021).
Во 2012 година е прогласен за прв почесен џез амбасадор на Шлезискиот џез фестивал во Полска, а добитник е и на германската награда Ехо џез и Шкотската награда за џез – меѓународна категорија. Во 2013 година е прогласен за Меѓународен џез -изведувач на годината на доделувањето на наградите Jazz FM Awards.
Во текот на својата кариера соработува и снима со Вејн Шортер, Данило Перез, Дејвид Амрам, Ренди Бахман, Боб Белден, Џоан Бракин, Оскар Браун Џуниор, Џоди Кристијан, Били Корган, Орберт Дејвис, Џорџ Фримен, Бади Гај, Јон Хендрикс, Чарли Хантер, Боб Минцер, Бред Мелдау, Ли Ритенур, Џон Пицарели и Боб Шепард. Покрај неговиот бенд со кој најчесто настапува, Курт Елинг бил и член на Квартетот на Бранфорд Марсалис.
Доколку на првите албуми композициите повеќе наликуваат на класичните џез стандарди, звукот на Елинг во последните години добива димензија плус, внесувајќи екстраваганција во музичкиот израз и експериментирајќи со класичните џез музички форми.
Концертот на Курт Елинг со Националниот џез оркестар ќе се одржи на 15 мај, 2024 година во Македонскиот народен театар, со почеток од 20 часот. Диригент на концертот ќе биде Џијан Емин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Младите доаѓаат“ – концерт на новите музички таленти
Овој четврток (6 јуни) со почеток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе го одржи традиционалниот концерт насловен „Младите доаѓаат“, посветен на новите музички таленти од земјава. Под диригентство на маестро Ангел Спироски, на концертот ќе настапат ученици од музичките училишта од Скопје, Струга, Охрид и Битола.
На програмата се инспиративни и комплексни дела од Ј. С. Бах (Двоен виолински концерт во d-moll), К. Дитерсдорф (Концерт за контрабас и оркестар бр. 2), С. Меркаданте (Концерт за флејта и оркестар бр. 2), К. Сен-Санс (Концерт за виолончело и оркестар бр.1), Д. Кабалевски (Концерт за виолина и оркестар во C-dur), К. М фон Вебер (Кончертино за кларинет и оркестар во Es-dur), Ф. Шуберт (Erlkönig), В.А. Моцарт (Концерт за пијано и оркестар во d-moll), Џ. Верди („Saper Vorreste“ – aрија на Оскар од операта „Бал под маски“) и Д. Шостакович (Концерт за пијано и оркестар бр. 2).
Ќе настапат учениците: Марија Џуклеска и Андреј Наумоски, виолини (проф. Милена Крстевска), Летиција Кондратенко, контрабас (проф. м-р Благој Маротов), Ана Матеска, флејта (проф. Александар Стефановски), Ева Малиновска, виолончело (проф. Маре Видевска), Виктор Србиноски, виолина (проф. Елица Рашкова), Александар Ристовски, кларинет (проф. Благојче Трајковски), Матеа Стојаноска, соло пеење (проф. Маја Митровска), Анастасија Петреска, пијано (проф. Татјана Божиновска), Анастасија Милеусниќ, соло пеење (проф. Александра Коцевска) и Џеврие Туле, пијано (проф. Весна Ангелова Христов).
Овие концерти се мошне интересни и секогаш оставаат силен впечаток, затоа што носат нова енергија, елан, ентузијазам, младешки дух, и ја најавуваат новата генерација македонски музички уметници.
Култура
Се одржа третото издние на фестивалот на јапонска култура Сакура
Во сабота 1 jуни во младинскиот културен центар се одржа третото издние на фестивалот на јапонска култура Сакура.
Фестивалот се одвиваше на повеќе сцени и вклучуваше изложби, боречки вештини, балетски перформанс, пијано концерт, гејминг натпревари, мода, штандови за продажба и храна, презентации и панел дискусии.
Поголем дел од учесниците беа Македонци инспирирани од јапонската култура, а во панел дискусии, презентации и работилници беа вклучени и јапонски граѓани кои живеат во Скопје.
Од организацијата нагласија дека целта на овој настан е да се покаже дека со желба и ентузијазам може се да се оствари преку граѓанско здружување и многу работа. Јапонската култура е инспирација за нив да го зголемат значењето на општествената одговорност – која е на многу високо ниво во Јапонија.
Работа за унапредување на општеството преку личен пример во областа на културата е она што ги мотивира да организираат вакви настани.
Организацијата Јапан.нет.мк е граѓанско здружение кое има за цел унапредување на културата во земјава преку организирање настани од сите области на културата инспирирани од јапонското чувство за одговорност, почитување на природата и посебна почит кон естетиката.
Култура
Кратките филмови и спотови на Милчо Манчевски в четврток во Кинотека
На 6 јуни, четврток, со почеток во 20.15 часот во Кинотека, македонската публика ќе има можност да види селекција од кратките филмски дела на Милчо Манчевски.
Станува збор за разновидна селекција составена од дваесетина аудиовизуелни дела. Покрај наградуваните кратки филмови ЧЕТВРТОК /Thursday (2013) и КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО/The End of Time (2017), ќе имаме можност да ги погледнеме музичките спотови кои се работени за најголемите издавачки куќи: Атлантик, Ворнер брадерс, Сони, Еми, РЦА, Крисалис, Валјд Пич… Би го споменале спотот Тенеси/Tennesse на легендарниот хип хоп состав Arested development од 1992 година, за кој Манчевски ја има добиено наградата на МТВ за најдобар музички рап спот и е прогласен за најдобар спот за 1992 година, според магазинот Билборд. Спотот исто така е влезен во листата на стоте најдобри спотови на сите времиња на магазинот Ролинг Стоун. Во селекцијата ќе можеме да ги видиме и рекламите од рекламните кампањи за Скопско и Macedonia Timeless…
„Милчо Манчевски ја користи својата режисерска вештина и во музичките спотови, создавајќи визуелно и емоционално богати минијатури кои оставија длабок впечаток на македонската и светската музичка сцена. Неговите спотови се карактеризираат со иновативни визуелни решенија, длабока симболика и умешно раскажување приказни, правејќи го секој спот уникатно аудиовизуелно искуство. Манчевски е познат по својата визуелна естетика, што се пренесува и во неговите музички спотови. Неговата употреба на светлина, сенки и кадрирање создава специфична атмосфера која го подобрува искуството на слушање музика. Секој спот е внимателно конструиран со цел да го пренесе чувството и пораката на песната, користејќи богат спектар на визуелни техники. Манчевски честопати користи природни пејзажи и урбани сцени како позадина, што му придава дополнителна димензија на наративот“, велат од Кинотеката.
Како што додаваат, музичките спотови на Манчевски не се само визуелно импресивни, туку и симболично богати. Тој успева да раскаже сложени приказни во краток временски формат, користејќи симболи и метафори кои ги прошируваат значењата на песните. Неговите спотови често ги истражуваат темите на љубовта, загубата, надежта и човечката природа, нудејќи длабоки емоционални искуства за гледачите. Способноста на Манчевски да спои визуелна поезија со музиката го прави секој спот своевидно уметничко дело, се вели во најавата за настанот.