Култура
Концерти и претстави во втората недела на „Скопско лето“

„Скопско лето“ продолжува оваа недела со неколку концерти и претстави на различни локации.
Денеска ќе се одржи јубилеен концерт на „Баклава“ со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
Групата „Баклава“ слави две децении музичко творештво со специјален концерт на „Скопско лето“. Препознатлива по својот автентичен акустичен звук, Баклава ќе ве прошета низ богатиот и разновиден музички свет создаван во текот на нивната 20-годишна кариера.
На концертот ќе бидат изведени песни од сите пет албумски изданија: „Баклава“, „Калемар“, „Ме манкас мучо“, „IV“ и „За Скопје со љубов“ – како музичко патување низ љубовта, традицијата и урбаниот ритам.
Влезницaта по цена од 500 денари, ќе се продава на влезот на Куршумли ан, пред почетокот на настанот.
На 24.06.2025г. (вторник) има три настани на фестивалот „Скопско лето 2025“.
Со почеток во 18:00 часот во Драмски Театар ќе се одигра театарската претстава „Гидионовиот јазол“. Билетите се во продажба на karti.com.mk
Со почеток во 20:00 часот во Младинскиот културен центар ќе се одигра театарската претстава „Добри луѓе“. Билети: bileti.mkc.mk или на билетарницата од МКЦ Скопје.
Со почеток во 20:30 часот во Музеј на македонската борба за самостојност ќе се одржи пијано рецитал на Горјана Стојановска. На програмата ќе бидат изведени дела од Ј.С. Бах, Шуберт, Лист, Чајковски, Володос, С. Рахмањинов и А. Скријабин. Билетите ќе се продаваат пред почетокот на настанот, на влезот на салата во Музејот на македонската борба за самостојност по цена од 300 денари.
На 25.06.2025г. (среда) ќе се одигра детска театарска претстава „Куќа на духовите“ со почеток во 19:00 часот во Театар за деца и младинци. Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Исто така во среда, ансамблот Арт Нет (Србија) во Музејот на македонската борба за самостојност ќе ја претстави концертната изведба на првото сценско дело на Џакомо Пучини – Le Villi, со либрето на Фердинандо Фонтана. Влезот ќе биде регулиран со влезници по цена од 300 денари, кои ќе се продаваат пред почетокот на настанот пред влезот на салата во Музејот на македонската борба за самостојност.
На 26.06.2025г. (четврток) со почеток во 20:30 часот во Сули ан Ансамблот Консонанс ќе одржи музичка приказна „Песна за жирафата“. Во оваа музичка приказна преку приказна и интеракција, децата ќе можат да се заапознаат со музиката од периодот на класицизмот и да ги слушнат аранжманите напишани специјално за овој концерт, кои нè едуцираат за познатата музика на Ф. Ј. Хајдн изведена од квинтет сочинет од следниве инструменти: виолина, флејта, англиски рог, кларинет и бас кларинет. Сите овие инструменти се солистички инструменти кои можат да настапуваат и сами, но најчесто се употребувани во поголеми ансамбли, во голем симфониски оркестар, оперска и балетска музика.
Влезот ќе биде регулиран со влезници по цена од 300 денари (родител+дете), кои ќе може да се купат пред почетокот на настанот на влезот на Сули ан.
На 27.06.2025г. (петок) со почеток во 20:30ч. во Сули ан ќе се одржи детска театарска претстава „Во царството на другарството“ во продукација на Театар „Хит“ – Скопје.
Влезот ќе биде регулиран со влезници по цена од 300 денари, кои ќе се продаваат пред почетокот на настанот, на влезот на Сули ан.
Исто така, на 27.06.2025г. (петок) со почеток во 20:30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи концерт насловен „Звуците на љубовта низ италијанскиот романтизам“ на Марија Ташевска (сопран) и Анастасија Кочева (пијано).
Влезот ќе биде регулиран со влезници по цена од 300 денари, кои ќе се продаваат пред почетокот на настанот на влезот на салата во Музејот на македонската борба за самостојност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.