Култура
„Манаки“ прикажува бесплатни проекции на филмови на зимското издание на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион
Пет значајни регионални филмови ќе бидат бесплатно достапни за публиката во Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија. Програмата почнува на 17. јануари во кината, а од 18. до 26. јануари на ондименд платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba
Зимското издание на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион, заеднички проект на водечките регионални филмски фестивали (Сараево филм фестивал, Фестивал на авторски филм Белград, Љубљански меѓународен филмски фестивал, Загреб филм фестивал, Филмски фестивал Херцег Нови и ИФФК „Браќа Манаки“), ќе се одржи од 17. до 26. јануари 2025 година.
Публиката од земјите чии фестивали се членки на Мрежата, од 17. до 26. јануари ќе има прилика бесплатно да погледне пет регионални наградувани филмови. Дел од програмата ќе бидат „Екскурзија“ на режисерката Уна Гуњак, „М“ на Вардан Тозија, „Набљудување“ на Јанез Бургер, „Работничката класа оди во пеколот“ на Младен Ѓорѓевиќ и „Само кога се смеам“ на Вања Јураниќ.
Програмата почнува во петок, 17 јануари, со бесплатна проекција на филмови во кината во Сараево, Белград, Хецег Нови, Љубљана, Загреб, Битола и Скопје, а потоа, од 18 до 26 јануари сите филмови ќе бидат достапни онлајн на ондеманд платформата на линкот: https://ondemand.kinomeetingpoint.ba/. Зимското издание на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион е единствена можност за публиката во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија и Македонија бесплатно онлајн да ги погледне наградуваните филмови.
Почетокот на програмата ќе го означат проекциите на филмот „Екскурзија“ на Уна Гуњак во 3Д киното на Центарот за култура во Битола и во кино салата на Кинотеката во Скопје на 17. јануари во 20 часот. Дејството на филмот го следи Иман (Асја Зара Лагумџија) која додека нејзиниот клас во деветто одделение се подготвува за екскурзија, го привлекува вниманието на едно постаро момче. По играта на вистината и предизвикот, низ училиштето се шири гласина дека Иман е бремена. Ќе ја загрози и екскурзијата. Иман се наоѓа во бура од очекувања и ограничувања, предизвикани од настани кои се надвор од контрола. Улогите во филмот ги толкуваат: Асја Зара Лагумџија, Наѓа Спахо, Маја Изетбеговиќ, Медиха Муслиовиќ, Изудин Бајровиќ и Мухамед Хаџовиќ. „Екскурзија“ е првиот долгометражен филм на Уна Гуњак, која е наградена на Сараевскиот филмски фестивал со „Срцето на Сараево“ за најдобар краток филм „Кокошка“ во 2014 година, и со наградата на Европската филмска академија за најдобар краток филм.
Еден час пред почетокот на проекцијата во Кинотека, во 19 часот, ќе биде отворена изложба на сите досегашни 45. плакати од 45-те изданија на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
По завршувањето на проекцијата во Кинотека, публиката ќе има можност да поразговара со кинематограферот на филмот „Екскурзија“, Матијас Пилц.
На програмата е и македонскиот филм „М“ на Вардан Тозија, дистописки психолошки трилер за растењето. Во една затскриена шума, младиот Марко живее под будното око на неговиот презаштитнички настроен и мистериозен татко. Нивното заштитено постоење е сè што тој знае. Марко наоѓа утеха во својата скапоцена сликовница, барајќи мир и одговори на нејзините страници. Еден ден, средбата со едно добродушното и беспомошно момче по име Мико носи трошка топлина и поврзаност со изолираниот свет на Марко. Како што расте неговата љубопитност, Марко почнува да копнее да ги открие тајните што лежат надвор од границите на дивината. Суровата комбинација на околности прави неговата желба да се оствари порано отколку што очекуваше. Пред него е темен пат, исполнет со непознати опасности и поглед на светот кој засекогаш е променет. Во филмот играат Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Тони Михајловски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Борис Дамовски, Благој Веселинов…
Во филмот „Работничката класа оди во пеколот“ на Младен Ѓорѓевиќ, играат: Тамара Крцуновиќ, Леон Лучев, Силвија Крижан, Иван Ѓорѓевиќ, Лидија Кордиќ, Момо Пиќуриќ, Оливера Викторовиќ, Мирсад Тука Томислав Трифуновиќ, Добрила Стојниќ. Фабриката во која некогаш се вработуваа жители на целиот град и околните села, беше затворена поради сомнителна приватизација и трагичен инцидент во кој група нејзини работници загинаа во намерно запален пожар. Останатите работници, уништени од загубата на своите најблиски и последователната коруптивна продажба на фабриката, иницираат протести, но нивните напори изгледаат залудни и не даваат конкретни резултати. Чувствувајќи се напуштени од властите, па дури и од Црквата, тие бараат утеха и одговори во натприродното.
„Набљудување“ на Јанез Бургер ја следи Лара, специјализант на итна медицина, која помага да се донесе млад човек во болница по бруталното претепување што било емитувано во живо на Фејсбук. Иако младиот човек е во кома, Лара почнува да добива видеа од неговиот Фејсбук профил на кои се гледаат неидентификувани луѓе како го гледаат тепањето. Кога ќе го пријави случајот кај детективот, тој ја започнува истрагата. Сите набљудувачи од снимката ќе и станат ноќна мора во животот, а Лара набрзо сфаќа дека и таа е учесник во тој страшен настан. Улоги: Дијана Коленц, Владимир Влашкалиќ, Бенјамин Крнетиќ, Јуре Хенигман, Наташа Кесер.
„Само кога се насмевнувам“ на Вања Јураниќ, е филм инспириран од вистински настан, ја следи Тина, која живее во навидум идиличен брак во град на јадранскиот брег. Таа е домаќинка која се грижи за својата шестгодишна ќерка, додека нејзиниот сопруг Фране заработува за семејството. Нивната врска почнува да се менува кога Тина искажува желба да го заврши факултетот, кој го напуштила поради бременост. И покрај првичниот договор и поддршка, Фране почнува да покажува незадоволство, кое на почетокот се сведува на ситна саботажа. Со текот на времето, конфликтите стануваат се почести, а расправиите стануваат пожестоки. Во филмот играат Тихана Лазовиќ, Славко Собин, Јасна Ѓуричиќ, Елоди Палека, Марина Реџеповиќ, Надин Мичиќ, Ивана Јерковиќ Вукаловиќ, Глорија Дубељ…
Ова е трето Зимско издание на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион, организирано со цел да ги промовира и направи повидливи квалитетните регионални филмски остварувања, а прво во кое е вклучен ИФФК „Браќа Манаки“ и прво кое се одржува и во Македонија и чии филмови на ондименд платформата се достапни и за македонската публика.
Мрежата на фестивали од јадранскиот регион е поддржана од потпрограмата МЕДИА на програмата Креативна Европа на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Приказната за Брижит Бардо и синот што не го посакувала: се помириле дури во подоцнежните години
Филмската икона Брижит Бардо, која почина на 91-годишна возраст, зад себе остави еден син – Никола-Жак Шарије, дете чијшто доаѓање никогаш не го посакувала. Нивниот однос со децении бил исполнет со горчина, дистанца и судски спорови.
Бардо го родила синот во 1960 година, во брак со актерот Жак Шарије, нејзин колега од филмот „Бабет оди во војна“. Бременоста ја доживувала како најголема трагедија во животот и никогаш целосно не ја прифатила улогата на мајка. Во тоа време абортусот во Франција бил нелегален, а актерката, преплашена и очајна, безуспешно се обидувала да најде лекар што би ѝ помогнал да ја прекине бременоста.
Во своите мемоари „Initiales B.B.“ од 1996 година, Бардо го опишала детето што го носела како „мал тумор“. Напишала: „Го гледав мојот рамен, виток стомак во огледало како драг пријател, на чиј ковчег токму требаше да го спуштам капакот“. Во едно интервју изјавила дека „подобро би родила мало куче“.
За време на бременоста се удирала во стомакот, а од лекарите барала морфиум со надеж дека ќе предизвика абортус. Патела од мачнини и депресија и се криела од јавноста, бидејќи не сакала никој да ја види бремена.
Породувањето било вистински медиумски циркус што дополнително ја трауматизирало. „Беше лудило. Во мојата куќа беше поставена импровизирана породилна сала, фотографи зад прозорците, некои маскирани како лекари. Немаше никаква приватност. Беше ужасно“, напишала таа. Само осум месеци по породувањето, Бардо се обидела да си го одземе животот.
По разводот со Шарије во 1962 година, целосното старателство над синот му припаднало нему. Никола со години не ја гледал мајка си, а кога на 12-годишна возраст побарал да живее со неа – таа го одбила.
Односот со децении бил напнат. Никола не ја поканил мајка си на својата свадба во 1984 година, а по објавувањето на нејзината автобиографија целосно го прекинале контактот. Поради навредливите изјави ја тужел и добил отштета. Во 1990-тите се судриле и поради алиментација, кога судот ѝ наложил да му исплати 250.000 франци.
Сепак, во подоцнежните години односите се подобриле. Во интервју за „Var Matin“ во 2018 година, Бардо изјави: „Редовно се слушаме. Живее во Норвешка и ме посетува еднаш годишно, сам или со семејството, сопругата и моите внуки“. Додаде: „Го сакам на посебен начин. И тој ме сака мене“.
Никола-Жак денес има 65 години, живее во Норвешка со сопругата, има две ќерки и во меѓувреме станал и дедо.
Фото: Илустративна фотографија (Pexels)
Култура
Герасимовски: „Џез под ламба“ ги сплоти скопјани, незаборавна џез вечер и празнична магија во Центар
На пјацетата пред Италијанската амбасада граѓаните уживаа во музика, греано вино и печени костени.
Настанот „Џез под ламба“, во организација на Општина Центар, создаде пријатна празнична атмосфера, исполнета со џез верзии на познатите божиќни песни и стари шлагери во изведба на бендот на Мартина Елиора.
„Ме радува што настанов и годинава привлече голем број посетители. Овие радосни и среќни луѓе се доказ дека на градот му недостигаат вакви содржини. Џез под ламба прерасна во убава традиција, која ја збогати културната сцена во градот“, рече градоначалникот, Горан Герасимовски, кој заедно со скопјани уживаше во празничниот амбиент и џез атмосферата.
Герасимовски, ја искористи можноста да ги покани сограѓаните на централниот предновогодишен настан во организација на Општина Центар.
„Ги поканувам сите скопјани на 29 декември на големата предновогодишна забава “Вечер под ѕвездите” на Боемска улица! Преку ден подготвивме богата детска програма, а во вечерните часови музичка журка со Brass Brothers и Либеро бенд. Ветувам добра забава за сите генерации“, порача градоначалникот.
Култура
Почина Брижит Бардо
Француската актерка Брижит Бардо починала денеска на 91-годишна возраст, пренесе „Гардијан“.
Бардо, француска актерка и пејачка која стана меѓународен секс-симбол, а подоцна ѝ го сврте грбот на филмската индустрија и се посвети на борбата за правата на животните, починала во 91. година од животот.
Меѓународната слава ја стекна со филмот And God Created Woman од 1956 година, кој го напиша и режираше нејзиниот тогашен сопруг Роже Вадим. Во наредните две децении, Бардо беше олицетворение на архетипскиот „секс-симбол“. На почетокот на 1970-тите, таа објави дека се повлекува од глумата и стана сè поактивна во јавниот и политичкиот живот.
Нејзината отворена поддршка за правата на животните со текот на времето беше проследена и со контроверзни изјави за етничките малцинства и јавна поддршка на францускиот крајнодесничарски Национален фронт, поради што беше осудувана за расна омраза.
Родена во 1934 година во Париз, Бардо пораснала во богато, традиционално католичко семејство. Како талентирана танчерка, ѝ било дозволено да студира балет и добила место на престижниот Париски конзерваториум. Паралелно работела како манекенка и во 1950 година, на само 15 години, се појавила на насловната страница на списанието „Ел“.
Манекенската кариера ѝ ги отворила вратите кон филмот, а на една аудиција го запознала Роже Вадим, за кого се омажила во 1952 година, откако наполнила 18 години. По неколку помали улоги, се истакна и во филмот Doctor at Sea од 1955 година, кој беше голем хит во Велика Британија.
Филмот And God Created Woman, во кој ја играше улогата на ослободена тинејџерка во Сен Тропе, го зацврсти нејзиниот имиџ и ја претвори во светска икона. Филмот доживеа голем успех во Франција и во светот и ја лансираше Бардо меѓу најголемите француски филмски ѕвезди.
Во 1960-тите години, Бардо се појави во низа значајни француски филмови, меѓу кои The Truth на Анри-Жорж Клузо, номиниран за Оскар, Very Private Affair на Луј Мал и Contempt на Жан-Лик Годар. Подоцна прифати и холивудски понуди, како Viva Maria! и вестернот Shalako со Шон Конери.
Во интервју за „Гардијан“ во 1996 година, Бардо изјави дека притисокот од славата го доживувала како товар, велејќи дека никогаш не била подготвена за живот на ѕвезда. Од глумата се повлече во 1973 година, на 39-годишна возраст. Потоа целосно се посвети на активизмот за заштита на животните, учествуваше во протести против ловот на фоки и во 1986 година ја основа Фондацијата „Брижит Бардо“.

