Култура
„Одбрана и заштита“ – моќниот перфероманс на Маја Зеќо денес во Скопје

Уметницата Маја Зеќо ќе го изведе перформансот „Одбрана и заштита“ денес, 19 јуни со почеток во 19:30 часот. Перформансот започнува од споменикот на Цар Самоил на Плоштад Македонија, и ќе трае околу 90 минути. Публиката може да го проследи целиот перформанс или дел од него.
Овој моќен перформанс е дел од нејзината тековна изложба „Нарушени иднини“ во КСП Центар- Јадро, а претходно е изведен во Загреб и Лондон.
Во „Одбрана и заштита“, уметницата носи засилен костим со вградени звучници кои емитуваат звуци од воени дронови и поврзани фреквенции. Делото се осврнува на постепеното губење на нашето колективно чувство на сигурност и на потребата сè повеќе сами да се грижиме за сопствениот опстанок во денешниот, крајно сложен глобален политички контекст.
Публиката е поканета активно да учествува: на лице место ќе биде достапен QR-код со кој присутните ќе можат да се приклучат и да ги репродуцираат звуците преку своите уреди.
Зеќо во своите делата користи стратегии на перформанс и звучна уметност за да се справи со современите ургентности за местото, идентитетот, миграцијата, деколонијалните и балканските футуризми. Таа изложувала меѓународно во Абердин, Единбург, Загреб, Сараево и Мелбурн, Австралија.
Изложбата „Нарушени иднини“е отворена во КСП Центар- Јадро до 26 јуни.
Маја Зеќо е родена во Сараево а живее во Шкотска од 2015 година. Таа е интердисциплинарна уметница која работи на пресекот меѓу перформанс, звук и подвижна слика. Во нејзината истражувачки ориентирана пракса, таа се занимава со теми како идентитети, деколонијалност и идеи за балкански футуризми. Критичкото истражување на овие теми ја води Маја кон акти на само-погребување, нуркање во вода за повикување сеќавања, експерименти со сензорно попречување и практики на издржливост. Таа заврши докторски студии базирани на пракса во 2019 година и ги има претставено своите дела низ Обединетото Кралство и на меѓународно ниво, вклучувајќи ги Лондон, Лестер, Линколн, Единбург, Перт, Абердин, Цирих, Сараево и Загреб.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Недела на франкофонски филм од 23 до 30 јуни во Кинотека

Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со Амбасадите на земјите членки на Меѓународната организација на Францоконијата: Грција, Бугарија, Швајцарија, Романија, Северна Македонија, Албанија, Белгија, Франција и Канада) и годинава ја организираат традиционалната Недела на франкофонски филм, којашто ќе се одржи од 23 до 30 јуни, во Кинотеката на Северна Македонија.
Манифестацијата ќе започне в понеделник, 23.06. со почеток во 20 ч., во Кинотеката, со проекцијата на филмот „Ривиера“, на Орфеас Перецис, во француска и грчка копродукција.
Настанот ќе го отворат Кристина Василату, Вршителка на должност во Амбасадата на Грција во Северна Македонија, и Иго Бештел, Директор на Францускиот институт во Скопје и Советник за култура и соработка во Амбасадата на Франција.
Следат проекциите на:
Вторник 24 јуни, од 20 ч., „Странецот“, на Ники Илиев, во организација на Амбасадата на Бугарија и Бугарскиот културно-информативен центар;
Среда 25 јуни, од 20 ч., „Куче на суд“, на Летисија Дош, во организација на Амбасадата на Швајцарија;
Четврток 26 јуни, од 20 ч., „Таа Нова година што никогаш не дојде“, на Богдан Мурешану, во организација на Амбасадата на Романија;
Петок 27 јуни, од 18 ч., „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец, во организација на Кинотеката на Северна Македонија;
Петок 27 јуни, од 20 ч., „Слогани“ на Ѓерѓ Џувани, во организација на Амбасадата на Албанија;
Сабота 28 март, од 18 ч., „Вереницата на поетот“ на Јоланда Моро, во организација на Амбасадата на Белгија во Софија,
Сабота 28 јуни, од 20ч., „Вашите лица секогаш ќе ми бидат пред очи“, петкратен добитник на наградите Цезар, на Жана Ери, во организација на Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција;
Понеделник 30 јуни, 20ч., затворање на Неделата на Франкофонскиот филм, со проекција на филмот „Ру“, на Шарл-Оливие Мишо во организација на Амбасадата на Канада во Белград.
Сите филмови се со превод на македонски јазик, а за дел од филмовите од нефранкофонско говорно подрачје обезбеден е и превод на француски јазик.
Влезници за проекциите се резервираат и се подигнуваат во Кинотеката.
Култура
Интердисциплинарна работилница во МНТ за напреден сценски и аудиовизуелен дизајн

Во просториите на Македонскиот народен театар се одржува петдневна работилница посветена на аудиовизуелното и сценско создавање претстава, со фокус на светло и тон.
Работилницата се реализира преку дијалошки пристап, практична работа и теренски активности, со цел учесниците да стекнат конкретни вештини и искуства во процесот на сценско создавање.
Целите и содржината на работилницата се насочени кон процесот на создавање сценска претстава, техничките аспекти на продукцијата: светло, тон и визуелен дизајн и практична примена преку демонстрации.
Предавачите од Финска: Јари Јуутинен, режисер, Теему Нурмелин, дизајнер на светло, видео и сценографија и Виле МЈ Хивонен, аудиовизуелен дизајнер, музички продуцент и кинематограф, преку внимателно структуирана програма на професионалните учесници, низ дискусии и демонстрации, ќе се фокусираат на дизајн на тон, предавања и демонстрации со акцент на дизајнот на светло, креирање сцени и финална демонстрација на резултатите во студио или театарски простор.
Учесниците ќе имаат можност да работат индивидуално или во мали групи што овозможува флексибилен и персонализиран пристап.
Оваа работилница претставува одлична можност за професионалци од областа на театарот, визуелните уметности и продукцијата, кои сакаат да ги продлабочат своето знаење и вештини во комбинирање на светло, звук и наратив во сценска форма.
Култура
Премиера на балетот „Госпоѓа Бовари“ – одбележување на 25 години уметничка дејност на примабалерината Марија Кичевска Шокаровска

На 25 јуни со почеток во 20часо т на сцената на Националната опера и балет, ќе се одржи премиерата на новата балетска продукција „Госпоѓа Бовари“, инспирирана од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Ова сценско остварување е посветено на јубилејот од 25 години уметничка дејност на примабалерината, Марија Кичевска Шокаровска која со својата енергија, емоција и посветеност остави длабок белег во историјата на македонскиот балет.
Ова балетско дело, поставено во два чина ја раскажува драмата на женската душа, копнежот по страст, слобода и трагичниот судир со општествените норми.
Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизност и современ израз го доловува духот на 19 век, додека музичката подлога е составена од дела на К. Сен-Санс, М. Равел, Ж. Масне, Ф. Менделсон и Г. Ф. Хендл, сценографијата и костимографијата се на Андреј Злобин и Гана Ипатиева од Украина, светло дизајн, Милчо Александров, а концерт-мајстор е Климент Тодороски, генерален менаџер на проектот: Киро Павлов.
Особено значајно е што оваа премиера е посветена на Марија Кичевска Шокаровска, која со својата уметничка кариера остави неизбришлив печат во историјата на македонскиот балет.Таа ќе ја толкува главната улога на Ема Бовари, во останатите улоги ќе настапат, Франциско Хименез Руиз (Шарл Бовари), Балаж Лочеи (Рудолф Буланже), Дмитро Чеботар (Трговецот Лере) и Ендру Кук (аптекар) заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.