Култура
Претстави, музика, изложба и стендап-комедија оваа недела на „Бит-фест“

Денес, 8 јули, од 21 часот, на „Бит-фест“, на малото плато пред Офицерскиот дом, гостува театарската претстава „Нушиќ лично“ на Народното позориште „Тимочке Краине“. Театарската претстава доаѓа од фестивалот „Актерот на Европа“.
На 9.7.2025, со почеток од 21 часот, на малото плато пред Офицерскиот дом, ќе се одигра театарската претстава „Сега му е мајката“, во продукција на Алтернативен театар „Пробатон“ од Свети Николе. Претставата е по текст на Горан Стефановски, во режија на Владо Денчов. Музиката е на Дарко Станојков, светло и тон – Иван Гичев, а улогите ги толкуваат Стефан Ѓорчев и Антониј Ѓорѓиев.
На 10 јули, од 20 часот, во изложбениот салон на Културниот центар „Магаза“ во Битола, со поддршка од „Бит-фест“, ќе биде отворена традиционалната годишна изложба на Друштвото на ликовните уметници на Битола, кое повеќе од пет децении активно придонесува за развојот на ликовната сцена во градот.
На изложбата ќе бидат претставени 35 дела – слики, дигитални графики и скулптури, создадени во 2024 и во 2025 година – 34 уметници од Битола и други македонски градови. Изложбата се одликува со изразена стилска разновидност и свежина, што ја рефлектира динамиката на современото ликовно творештво.
Во изложбата учествуваат: Симеон Силјановски, Роберт Михајловски, Драган Најденовски, Слободан Рајчевски, Ване Костуранов, Вангел Срнаков, Синиша Кашавелски, Владимир Илиевски, Владимир Младеноски, Стефан Анчевски, Маријан Котевски, Тони Попов, Татјана Манева, Филип Јовески, Бојана Артиновска, Симона Мирчевска, Дијана Колонџоска, Димитри Балојани, Мирјана Бубевска, Маја Танева, Петар Кирановски, Александар М. Поповски, Ѓорѓи Зајаковски, Душан Шешиќ, Златко Крстевски, Бојана Тошевска, Валентина Илијевска, Дејан Макаријовски, Љупка Галазка-Василев, Билјана Толевска Наумовска, Николче Српчански, Динко Ненов и Виктор Лозанов. Гостин на изложбата е Александар Сотировски.
В петок и в сабота, 11 и 12 јули, ќе се одржи 13. издание на фестивалот на електронска музика СМОТРА. Почетокот на програмата е во 21 часот, првиот ден е резервиран за Старата битолска чаршија, а в сабота програмските содржини ќе се реализираат во Безистенот.
Идејата за овој фестивал датира од 2011 година, а настана како одговор на потребата за алтернативна сцена во Битола. Целта беше да се понуди поинтимна атмосфера на необични локации на кои ќе се презентира поквалитетен избор на електронска музика и диџеи/презентери и каде што младите ќе може да се изразат преку која било уметничка форма.
Со необичните локации (запуштени објекти во поранешната касарна, Старата чаршија и др.) и внимателно избрани изведувачи, кои настапуваат со енергични диџеј-сетови и настапи во живо, СМОТРА претставува одлично место за сите перфекционисти и љубители на алтернативната култура.
Во изминатите 12 изданија СМОТРА константно еволуира апсорбирајќи нови содржини од современиот електронски звук и проширувајќи ги вообичаените рамки на дејствување според барањата и очекувањата на посетителите и развојот на современите технологии.
Работната недела в петок на 11 јули на „Бит-фест“ ќе биде заокружена со вечер исполнета со смеа и добра енергија и со настап на Бојан Велевски – еден од најпознатите македонски стендап-комичари, кој доаѓа во Битола со нова доза хумор и животни ситуации, кои сите ги препознаваме. Настанот ќе се одржи во амфитеатарот „Тумбе кафе“, со почеток во 20.30 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Откажан вечерашниот концерт на Скопско лето, програмата продолжува утре

Вечерашниот концерт „Четири раце“ на Димчо Величков (Бугарија) и Мариана Ковал (Украина), кој требаше да се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност во 20:30ч, се откажува, поради лоши временски услови кои попречија во патувањето на овие меѓународно познати и признати уметници.
Програмата на 46. „Скопско лето“ продолжува утре вечер – 10.07.2025г. (четврток) со концерт на Алтус НЗ Ансамблот со почеток во 19:19 часот во Салон 19’19.
Билетите се во продажба на karti.com.mk, а ќе се продаваат и пред почетокот на настанот, на влез на Салон 19’19.
На 11.07.2025г. (петок), со почеток во 11:00 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи промоција на книгата „Предизвикот Ништо“ од Давор Тоциновски. Претставува текстуално документирани ликовни перформанси.
Исто така во петок, со почеток во 20:00 часот на Амфитеатарот позади Спомен куќата Мајка Тереза ќе се одигра детска театарска претстава „Штурците и мравките“ во продукција на Театар Провокација.
Претставата е мјузикл за најмалата публика, која е работена по мотиви од басната „Штурецот и мравката“.
Билетите по цена од 300 денари се во продажба на karti.com.mk, а ќе се продаваат и пред почетокот на настанот на влезот на Амфитеатарот позади Спомен куќата Мајка Тереза.
На 12.07.2025г. (сабота) ќе биде отворена изложба на Ирена Расовиќ (Црна Гора), под наслов „Соништата“, во 20:00 часот во Националната галерија на Македонија – Мала станица.
Делата на Ирена Расовиќ припаѓаат на правецот на фантастичен реализам и надреализам, носејќи визии на светот исполнети со симболика, но и топлина и сигурност. Водата, сонцето и каменот се доминантни мотиви, прикажани како носители на живот и хармонија. Водата во нејзините дела не потопува, туку дава живот и ги смирува и прочистува.
Инспирацијата ја црпи од природата и пејсажите на Црна Гора, која ја гледа како вистински предизвик за уметничко изразување. Изложбата „Соништата“ беше прикажана минатата година во Црна Гора.
Култура
(Фото) Од минатото за сегашноста – „Нушиќ лично“ на „Бит-фест“

На Малото плато пред Офицерски дом во Битола, синоќа на Бит фест гостуваше театарската претстава „Нушиќ лично“ на Народен театар на Тимочка Краина „Зоран Радмиловиќ“ од Заечар и Фондацијата „Нушиќ“ од Белград.
Текстот и режијата на претставата се на Миодраг Илиќ, кој во освртот кон своето дело нагласува:
„Каде е денес Нушиќ?“ – е прашање што често го слушаме кога се соочуваме со апсурдите на времето во кое живееме. Понекогаш некој современ писател со духовити забелешки и хумористичен стил го нарекуваме „новиот Нушиќ“, но таквото споредување не опстанува во јавниот дискурс, бидејќи никој досега не успеал да го заземе местото на таков мајстор на комичната сцена каков што беше Бранислав Нушиќ“, вели Миодраг Мија Илиќ.
Писателот посебно ја истакнува благодарноста до актерот Милош Танасковиќ, кој храбро се зафати со градењето на ликот на веќе остарениот комедиограф, како и до актерите што ги позајмија своите гласови за имагинарните дијалози во претставата. Целиот изведувачки тим на театарот од Заечар – дизајнерите на звук, светло, костимите и авторот на визуелното сценско решение – заслужуваат признание за инспирацијата и професионалниот придонес во севкупниот ефект.
Монодрамата која синоќа со внимание беше проследена од битолската публика на БИТ ФЕСТ е во официјалната конкуренција на Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“.
Вечерва како дел од програмата на Битолското културно лето, на Малото плато пред Офицерски дом ќе се одигра театарската претстава „Сега му е мајката“, во продукција на Алтернативен театар „Пробатон“ од Свети Николе. Претставата е по текст на Горан Стефановски, во режија на Владо Денчов. Музиката е на Дарко Станојков, а за светло и тон е задолжен Иван Гичев. Улогите ги толкуваат Стефан Ѓорчев и Антониј Ѓорѓиев.
Култура
Изложба на фотографија на Виктор Трајковски

На 10 јули, четврток, со почеток во 20 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложба на уметничка фотографија со наслов „Street life“ од Виктор Трајковски.
Виктор Трајковски (роден во 1977 година во Минстер, Германија) е фотограф кој живее во Куманово, Македонија. Повеќе од десет години е посветен на улична фотографија, истражувајќи го човечкото присуство, движењето и светлината во јавните простори.
Учествувал на групни изложби организирани од фото-кино клубот „Козјак“ во Куманово и освоил бројни награди на меѓународни и национални фотографски изложби.
Неговата главна инспирација е Алекс Веб, особено за неговата употреба на боја, композиција и слоевитост во уличната фотографија. Виктор продолжува да создава со длабока страст за секојдневниот живот и уметноста скриена во него. Активен член на Фото клуб Куманово.
Изложбата ќе биде поставена до 24.07.2025 година.