Култура
„Љубов, страст – фламенко“ со оркестарот на Македонската филхармонија
Овој четврток со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените, насловен „Љубов, страст- фламенко!“. Диригент е Кристијан Васкез од Венецуела, а како солистка ќе настапи фламенко пејачката Марина Ередија од Шпанија. На програмата се дела од Лорка, де Фаља и Гинастера.
„Оваа година, традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените го посветивме на исклучителната шпанска форма на танц, песна, инструментална изведба – неповторливото и секогаш возбудливо ФЛАМЕНКО! Во срцето на шпанското фламенко е т.н. „канте“, односно традиционалната форма на песна инспирирана од животот на Циганите во јужна Шпанија. Оваа форма на песна/пеење е динамичка, застрашувачка, екстатична, но во исто време и спонтана и медитативна. Во музиката има драматични промени на расположенија, динамика и темпо што бараат внимание и емпатија. Станува збор за т.н. „длабока песна“, како што ја нарекол познатиот шпански поет и композитор Федерико Гарсија Лорка“ – велат од Филхармонија.
Родена во Гранада, Марина Ередија пее уште од нејзиното детство. На тринаесет години пее на фламенко-албумот за деца „Malgré la nuit“. Соработувала со познати шпански фламенко-уметници како Аркангел и Ева Јербабуена, и на уметнички проекти како во операта „De amore“ од Маурицио Сотело, која премиерно беше изведена во престижниот аудиториум „Карл Орф“ во Минхен и во театарот Зарзуела во Мадрид. Оттогаш нејзината кариера ја води на најзначајните светски сцени како: Театарот де ла Маестранца во Севиља, Гранд театарот во Кордоба, Карнеги хол во Њујорк, Палатата на музиката во Стразбур, Кристалната палата во Порто. Марина Ередија важи за една од најдобрите изведувачки на маестралното дело „Љубов волшебничка“ од Мануел де Фаља. Меѓу другите, настапувала со Симфониските оркестри на Сан Франциско и Чикаго, под диригентската палка на Пабло Херас-Касадо, кој исто така беше заедно со неа на подиумот со Оркестарот на Сент Лука во Карнеги хол во Њујорк, каде што добија стоечки овации. Марина Ередија беше дел и од новата поставка на „Љубов волшебничка“ на познатата шпанска театарска група „Ла фура дел баус“, која премиерно беше изведена на затворањето на фестивалот во Гранада, под диригентската палка на Мануел Хернандез- Силва. Настапувала на најпрестижните фламенко-фестивали во Шпанија, на сцените во Кина, Уругвај, Франција, Португалија, Германија, Велика Британија, Мароко, САД. Во 2004 година ја добива наградата „Андалузиската младина за уметноста“, за нејзината улога во промовирањето на андалузиското фламенко во светот. За нејзиниот фламенко-албум со нови класични песни, ја доби наградата за најдобар фламенко-албум.

Кристијан Васкез е еден од најпрофилираните музички таленти од Венецуела, кој гради успешна интернационална кариера. Познат по својата харизма на сцената и по моќните изведби и музичкиот интегритет, Васкез продолжува да го привлекува вниманието на светската јавност како еден од највпечатливите диригенти на денешнината. Во сезоната 2013-2014 година Васкез станува шеф-диригент на Филхармонискиот оркестар во Ставангер (Норвешка), со кој потпишува четиригодишен договор, кој му е продолжен уште две години – до 2019 година. Со него оркестарот беше на неколку исклучителни турнеи во Скандинавија, Русија, Германија и Холандија.
Васкез е музички директор и на младинскиот оркестар „Тереса Карено“ од Венецуела, со кој реализирал гостувања и настапи во Лондон, Берлин, Лисабон, Хамбург, Милано, Виена, Амстердам, Салцбург. Неговото прво појавување во Европа беше настапот со Симфонискиот оркестар во Гавле, Шведска, каде што беше назначен за гостин шеф-диригент од 2010 до 2013 година. Како диригент настапувал со Виенскиот радио-симфониски оркестар, Филхармонијата на Ротердам, Камерата Салцбург, Рускиот државен симфониски оркестар, Токиската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Сингапур и други. Во 2010 година дебитира со Израелската филхармонија, на покана од Зубин Мехта. Во изминативе години активно настапува со водечките симфониски оркестри во светот, а му беше асистент диригент и на Густаво Дудамел во поставувањето на новата продукција на Моцартовата опера „Свадбата на Фигаро“ во Париската опера, како и во поставувањето на Вагнеровата „Тристан и Изолда“, на истата оперска сцена. Васкез соработувал со врвни музичари како диригентот Сајмон Ратл, виолинистот Франк Петер Цимерман, трубачот Пачо Флорес, меѓу останатите – и со нашиот најдобар пијанист Симон Трпчески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Распишан е конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.
Култура
Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември настапува на меѓународен музички натпревар во Брисел
Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе настапи во финалето на меѓународен музички натпревар во рамките на проектот „Imagine Experience“. Нивниот настап ќе биде на 14 декември, недела, во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија, каде ќе ја делат сцената со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи во живо онлајн и гледачи од дома ќе можат да гласаат.
„Корка“ првично беа победници на националниот натпревар од „Imagine Macedonia“, кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот „Здраво млади“, на кој тие се натпреваруваа со други просперитетни македонски бендови како „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“.
Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се истакнаа со нивниот самонасловен албум, кој беше издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија.
Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Култура
Мултимедијалната изложба „Реминисценции“ на Страхил Петровски на 30 декември во Њујорк
Македонскиот визуелен и мултимедијален уметник, Страхил Петровски, на 30 декември 2025 година ќе ја отвори својата мултимедијална изложба – просторна инсталација со наслов „Реминисценции“ во Македонскиот културен центар во Њујорк, во Галерија МЦ (Gallery MC).
Изложбата ќе биде отворена од 18 до 21 часот, а публиката ќе може да ја посети до 9 јануари 2026 година. Станува збор за најновиот циклус на Петровски, кој опфаќа големоформатни индустриски хартии со димензии до 530 x 83 сантиметри, цртежи во комбинирана техника, како и просторни и мултимедијални елементи кои, како што е наведено во кураторскиот текст, добиваат ново и подлабоко значење во секој изложбен простор.
Кустос на изложбата е историчарката на уметност Сандра Деспотовиќ, која во текстот посочува дека „Реминисценции“ ја означува новата креативна ера во творештвото на Петровски, обележана со апстрактни форми, фрагментација и потрага по значење во современиот свет. Во делата доминираат три бои – белата, црвената и црната – кои, како што се наведува, асоцираат на светлината, земјата и празнината, а визуелниот израз е поврзан со индустриски и прогресивен рок како културна и естетска референца.
Изложбата во Њујорк е дел од серијата самостојни изложби „Реминисценции“, кои Петровски ги реализира во текот на 2025 година во повеќе европски и светски културни центри, меѓу кои Париз, Скопје, Битола и други градови.
Страхил Петровски е роден во 1974 година во Куманово. Дипломирал и магистрирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговата уметничка практика опфаќа сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност, а делата му се застапени во јавни и приватни колекции во земјата и во странство. Петровски е член на ДЛУМ од 1997 година и на ДЛУБ од 2025 година, а од 2024 година работи како советник конзерватор-реставратор во НУ Музеј на македонската борба за самостојност и како вонреден професор по фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет – Скопје.

