Македонија
АВМУ: Скандалозни решенија во измените на Изборниот законик

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги осудува усвоените измени во Изборниот законик донесени вчера, по скратена постапка, во Собранието, а по претходен договор на лидерските средби на политичките партии.
Со измените, платеното политичко рекламирање за време на изборните процеси што досега учесниците во изборите им го плаќаа на медиумите од своите сметки, ќе се плаќа од Буџетот преку Министерството за финансии.
„Ако досега, трошоците за платено политичко рекламирање и неговиот обем по медиумите беа ограничени од финансиските можности на политичките субјекти, ваквото решение овозможува тие да се зголемат затоа што ќе се плаќаат од парите на граѓаните. Во европската пракса постојат изолирани случаи за надоместување на трошоците на медиумите од државните буџети за време на избори, но за медиумите на кои им се наметнуваат обврски за бесплатно политичко претставување на учесниците во изборите, во услови кога е забрането платеното политичко рекламирање, што не е случај во Република Македонија“, се наведува во соопштението.
Според АВМУ, новата одредба за дополнителните лимити за платено политичко рекламирање на радијата и телевизиите, повторно не обезбедува еднакви услови за пристап до платеното политичко рекламирање за сите учесници во изборниот процес, затоа што им дава предност на партиите од власта и од парламентарната опозиција, а воопшто не предвидува време за рекламирање за независните кандидати.
„Мешање во уредувачката слобода на медиумите е законското решение со кое учесниците во изборната кампања ќе ги изготвуваат медиа плановите за платено политичко рекламирање, наместо медиумите. И на крајот, наместо да се избрише обврската за мониторинг на медиумското претставување на интернет порталите по двегодишните укажувања од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинарите на Македонија, граѓанскиот сектор и стручната јавност, затоа што е спротивна на европските стандарди, со измените обврски за мониторинг на порталите и се наметнуваат на Државната изборна комисија“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес температура до 25 степени, вечерва пороен дожд и грмежи

Променливо облачно со сончеви периоди, прогнозираат за денес од Управата за хидрометеорологија. Попладне и во вечерните часови наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 17 до 25 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во делови од котлината ќе има умерен развој на нестабилна облачност со услови за пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен југозападен ветер. Максималната температура ќе достигне до 25 степени.
Македонија
Денес без струја делови од Кисела Вода

ЕВН Македонија извести дека денес 11.05.2025 година ( недела ) без електрична енергија ќе останат неколку делови од општина Кисела Вода.
Во периодот од 08:00 до 14:00 часот без стрја ќе бидат корисниците од Киро Фетах, улица Драчево, улица Герника. околината на Амигос сокара и Драчвски патак.
Во периодот од 09:00 до 12:00 часот нема да имаат струја корисниците од улицата Борис Трајковски 7 компаниите Ѓоко Мицевски ДООЕЛ и Јогомеркур.
Прекините се поради изведување технички зафати во електродистрибутивната мрежа,
Македонија
Работна посета на министерот Муцунски на Кралството Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во наредните два дена ќе престојува во работна посета на Кралството Шведска, на покана на шведската министерка за надворешни работи, Мариа Малмер Стенергард.
Во рамки на посетата, покрај билатералната средба со министерката Стенергард, предвидено е министерот Муцунски да оствари средби и со министерката за европски прашања, Џесика Розенкранц, како и со државниот секретар за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија, Хакан Јеврел.
Во шведскиот Парламент – Риксдаг, министерот ќе се сретне со Шерштин Лундгрен, трет заменик-претседател на Риксдагот. На средбата ќе присуствуваат и високи претставници и членови на парламентарните комисии за надворешни работи и европски прашања, како и членови на Групата за пријателство и соработка со Собранието на Република Северна Македонија.
Во рамки на престојот, министерот Муцунски ќе оствари средби и со претставници на македонската дијаспора, како и посета на црквата „Св. Наум Охридски“ во Малме.
Целта на посетата е интензивирање на севкупните билатерални односи преку зајакнување на политичкиот дијалог и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Во фокус на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, реафирмирањето на шведската поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања.