Македонија
АВРМ откри обиди за измама преку програмите за самовработување

Агенцијата за вработување информира дека се појавени случаи на обиди за измама на апликантите што учествуваат во програмата за самовработување, со цел изнуда и незаконско стекнување финансиска корист.
До Агенцијата за вработување се обратиле странки, кои рекле дека им се јавило непознато лице од непознат телефонски број, кое им барало извесна сума (процент од грантот), со ветување дека со сигурност ќе им бидат доделени финасиските средства.
„Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП МК) се оградуваат од овие постапки и ги охрабруваат странките за вакви и слични случаи веднаш да ја известат Агенцијата за вработување“, се наведува во соопштението.
Од АВРМ велат дека случајот е пријавен пред надлежните органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Тошковски мораше да го признае скандалот со братот на Стефковски – треба да си даде оставка

Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Стефковски со видео докази, Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае, велат од СДСМ.
„Денешното признание на Тошковски потврдува две работи: прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни — да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот“, велат од СДСМ.
Според нив, веќе не се ни бројат скандалите кои го тресат МВР.
„Владее хаос, своеволие кои допрва ќе излегуваат на виделина. Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка? СДСМ ќе продолжи гласно да ја брани правдата, законитоста и интересите на граѓаните“, велат од СДСМ.
Македонија
Гаши засега ќе се воздржи од коментари за претседателката на Антикорупциска

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.
Македонија
Јаневска: Со буџет од 34 милиони евра, Владата ќе ја поддржи инфраструктурната модернизација на Универзитетот „Мајка Тереза“

Универзитетот „Мајка Тереза“ е нашиот најмлад државен универзитет. Владата е посветена кон обезбедување на ресурси потребни тој и натаму да се развива. Со буџет од 34 милиони евра кои ќе се обезбедуваат етапно, почнувајќи од оваа и во текот на следните пет години, ќе го поддржи градењето на модерен кампус кој ќе биде центар за академска извонредност, за наука и технологија. Студентите и наставниот кадар ќе добијат современи услови за работа и напредување.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната церемонија организирана по повод примопредавањето на должноста ректор на оваа високообразовна установа.
Посакувајќи му добредојде на новата функција на проф. д-р Беким Фетаји, министерката Јаневска изрази очекување дека тој ќе продолжи со визијата за уште поголем раст на квалитетот на студиските програми и со својата стручност ќе придонесе универзитетот да се развива како модерна образовна и научна институција, достојна за поддршката што ја добива.
„Очекувам да внесе нова енергија и да ги мотивира универзитетските професори и истражувачи професионално да напредуваат и да ги инспирираат студентите да тежнеат не само за добивање на диплома, туку да станат вистински академски образувани граѓани, подготвени за меѓународно одмерување на знаењата“, рече Јаневска.
Министерката се заблагодари на досегашниот ректор проф. д-р Изет Зеќири, посочувајќи дека како прв човек на универзитетот и како професор, тој дал важен придонес во градењето на академски генерации кои се веќе интегрирани во општествените процеси и функционирањето на државата.