Македонија
Агенцијата за заштита на личните податоци: Ако се врши само визуелна проверка на сертификатите, нема повреда на законот

Ако се врши само визуелна проверка на сертификатите за вакцинација при влез во угостителски објект, семинар, веселба, културен или спортски настан, нема повреда на Законот за заштита на личните податоци и следствено не претставува злоупотреба на личните податоци, велат од Агенцијата за заштита на личните податоци.
„Законот за заштита на личните податоци се применува само во случај кога се врши обработка на личните податоци. Под обработка на лични податоци во согласност со законот се смета секоја операција или збир на операции што се извршуваат врз личните податоци или група на лични податоци, автоматски или на друг начин, како што се: собирање, евидентирање, организирање, структурирање, чување, приспособување или промена, повлекување, консултирање, увид, употреба, откривање преку пренесување, објавување или на друг начин правење достапни, усогласување или комбинирање, ограничување, бришење или уништување. Оттука, известуваме дека ако се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација од вирусот Sars-Cov-2 (без оглед дали е во хартиена форма или се чува на дигитален уред) и притоа не се задржуваат личните податоци при ваквата проверка, тоа не претставува „обработка на личните податоци“ и следствено ваквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци“, се наведува во соопштението.
Имајќи го предвид погоре наведеното, а со оглед дека со донесената одлука произлегува дека доколку при реализацијата на оваа одлука се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација од вирусот по принципот „приложил“ или „не приложил“ потврда, велат од Агенцијата, таквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци и следствено не би претставувала злоупотреба на личните податоци.
Владата донесе одлука со која, меѓу другото, се забранува влез во секаков објект, вклучително и во угостителски објекти, каде што има повеќе од 30 присутни посетители/гости/лица за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан), без поседување и приложување потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза вакцина, почнувајќи од 16 август.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре многу топло време, од четврток заладување

Утре времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 33 до 41 степен.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 41 степен.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура насекаде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
В недела во попладневните и во вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
В среда и в четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура.
Македонија
Ѓорѓиевски: 34 отсто од граѓаните живеат надвор од земјата

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска зеде учество на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“, организиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Демографските предизвици бараат здружен одговор од сите сектори – институции, општини, граѓански организации, но и секој поединец. Локалната самоуправа, како прв контакт со граѓаните, има клучна улога“, нагласи Ѓорѓиевски, додавајќи дека ЗЕЛС е подготвен активно да се вклучи во процесот.
Тој потсети дека демографскиот пад е сериозен – 34% од граѓаните живеат надвор од земјата.
„Младите заминуваат не само од економски причини, туку и поради слаба инфраструктура, недостиг на квалитетни услуги, недостаток на перспектива, или поради чувство дека институциите не работат за нив. Дел од нив се иселуваат и поради замор од постојани пречки – било домашни, било европски – на патот кон реализација на нивните соништа“, рече Ѓорѓиевски.
Во своето обраќање тој се задржа и на позитивните резултати кои се бежат во оваа сфера во Општина Кисела Вода .
„ Од аспект на градоначалник на Кисела Вода, сакам да назначам дека ние имаме позитивни резултати. Општина Кисела Вода во последните години бележи пораст на бројот на жители. Тоа е резултат на активни локални политики насочени кон задржување и враќање на младите. Но, мораме да бидеме свесни – не може и не смее целата држава да се потпира на неколку урбани општини. Преселувањето од внатрешноста кон градовите е само привид на раст – вистинскиот напредок се гради преку рамномерен развој на сите општини во државата“, рече Ѓорѓиевски.
Македонија
Општина Аеродром почна со обнова и реконструкција на училиштата и градинките

Во текот на летниот период интензивно се работи на подобрување на условите во детските градинки и во основните училишта во Општина Аеродром, каде што покрај редовното бојадисување и темелно чистење, се вршат и поголеми зафати, објавија од Општината.
Во детската градинка „Буба Мара“ во Ново Лисиче, беа санирани дел од тоалетите, а целосна реконструкција се направи и на големата тераса на која старите и дотраени плочки се заменија со нови за безбедна настава и игра на дечињата.
Исто така, набавени се и нови детски реквизити што во наредниот период ќе бидат монтирани во дворот на градинката, со што децата ќе имаат можност на уште позабавен начин да го минуваат времето надвор.
Денеска, покрај „Буба Мара“, в.д. градоначалникот, Дејан Митески, го посети и ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, каде што исто така летниот распуст се користи за значајни зафати за обнова и реконструкција.
Она е што е ново е поставувањето на фотоволтаици, кои се донација од општествено-одговорна компанија, како и инсталирање паметен систем за следење и управување со потрошувачката на електрична енергија во училиште, во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Македонски Телеком.
Со овој проект, Оптшината очекува во голема мера да се намалат сметките, но и паметно да се управува со потрошувачката на електричната енергија.
Во овој период во ООУ „Лазо Ангеловски“ се молерисуваат 14 училници, се отстрануваат дрвените панели од ходниците и естетски се уредуваат ѕидовите, се врши санација на таванскиот дел меѓу училиштето и фискултурната сала, а се менуваат и влезните врати на училиштето и на фискултурната сала.
„Продолжуваме и во наредниот период интензивно да работиме на реконструкција и санација и во други училишта и детски градинки, а оваа година за таа немена издвоени се околу 9 милиони денари“, велат од Општина Аеродром.