Македонија
Адеми се сретна со претставници на Националната конвенција за ЕУ
Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, имаше работна средба со претставници од Националната конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија, Милева Ѓуровска, Мухамед Хаљими и Никола Јазанџиски.
На средбата, како што информира собраниската прес-служба, Адеми, истакнал дека Националната конвенција за Европска Унија (НКЕУ-МК) е добра платформа која дава можност парламентот и другите релевантни чинители да имаат активна улога, но и која овозможува инклузивна јавна дебата за европската интеграција; потоа таа ја институционализира јавната дебата поттикнувајќи партнерства на различни сегменти во општеството; како и тоа дека ги поврзува носителите на одлуки на сите нивоа на општеството.
Адеми, посочил дека во насока на исполнување на крајната цел на Република Северна Македонија кон овој процес за полноправно членство во Унијата, Собранието на Република Северна Македонија, а поконкретно Комисијата за европски прашања како клучна институција која го следи процесот на пристапување, доследно ќе се раководи од својата контролна улога на овој план и во европски дух ќе продолжи да ја унапредува политиката на целосна поддршка и отвореност кон граѓанското општество.
Во суштина, на оваа средба се потенцираше важноста на Националната конвенција за ЕУ во Република Северна Македонија. Покрај тоа, оваа средба беше одлична можност и за разменување на предлози и идеи за идни заеднички активности, како и унапредување на соработката, со уверување дека во иднина ќе следат заеднички активности. Претставниците на Европското движење срдечно се заблагодарија на можноста за средба и на искрената поддршка што ја дава претседателот Адеми, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

