Македонија
Аеродром, Гази Баба и Центар за две години ќе бидат поврзани со нов мост, во тек е изградбата
Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, и вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, направија увид во градежните активности за проширување на булеварот АСНОМ и изградба на нов мост на реката Вардар. Според интензитетот на градба, општините Аеродром, Гази Баба и Центар за помалку од две години ќе бидат поврзани со нов мост и модерно булеварско решение што ќе го релаксира сообраќајот во овој дел од Скопје.


Новиот мост на Вардар ќе ги поврзува улицата Васко Карангелевски во Аеродром со улицата Индустриска во населбата Ќерамидница во Гази Баба. Вкупната должина на трасата изнесува 400 метри. Самиот мост ќе биде долг 150 метри, со 6 коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни. Вредноста на договорот за изведба на оваа фаза изнесува 365,6 милиони денари со вклучен ДДВ.
„Денеска вршиме увид на интензивните градежни активности за изградбат на новиот мост на булеварот АСНОМ, односно втората фаза од пробивањето на булеварот. Веќе се поставени темелите, а мостот ќе биде со големина како мостот ‘Гоце Делчев’ и ќе овозможиме нов сообраќаен коридор од општина Аеродорм кон општина Гази Баба. Работите се одвиваат според предвиденото темпо и очекувам кон средината на идната година да го завршиме овој капитален проект имајќи предвид дека вистински мостови во Скопје не се градени повеќе од 20 години“, изјави градоначалникот Шилегов.

По изградбата на новиот мост и пробивањето на новиот коридор, граѓаните од Ново Лисиче до Судската палата со автомобил ќе се стигнуваат за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. По овој мост ќе сообраќаат и нови автобуски линии, кои дополнително ќе го намалат сообраќајниот метеж.
Од Град Скопје велат дека изградбата на ваков мост на реката Вардар во планската документација на Скопје постоела уште од 1965 година, но, за жал, поради отсуство на визија за развој на градот и немање чувство за вистинските приоритети, неговата изградба била одложувана за некои подобри времиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

