Македонија
(Видео) Академик Катица Ќулавкова: Законот не е фокусиран на жените, туку на трансродовите лица, се мешаат поимите пол и род

Новиот предлог закон за родова еднаквост се повикува на правата на жените, но суштински се фокусира на правата на трансродовите индивидуи, смета академик Катица Ќулавкова.
Во обраќање на протестот на МПЦ, таа предупреди дека приказната не е наивна.
„Се прави конфузија помеѓу поимите пол и род. И во самиот закон за родова еднаквост се мешаат категорите пол и род, поради што законот не може да биде одржлив. Трансродовата концепција поттикнува променливост на идентитетот. Ги загрозува правата на жената. Конфликтна е и се служи со говор на омраза. Трансродната приказна ги релативира идентитетите, до тој степен што ги укинува“, рече Ќулавкова.
Таа праша и зошто треба да се парадира со интимата. Децата, вели академик Ќулавкова, уште не научиле да се изразуваат, без изградена самосвест веќе се предмет на едукативно моделирање на умот. Тие не се свесни за замките од промената на биолошкиот пол.
Рече дека веќе се чувствуваат последиците и време е за сериозен дијалог.
Според неа, благородната идеја за отстранување на дискриминација поради еротизам, се претвора во портал за влез во изопачен квир свет.
„Неолибералниот наратив на виножитото требаше да ги симболизира нијансите на идентотот, со цел да нема дискриминација, а за жал воведува нова дискриминација. Бесконечна трансродност и нетрпеливост за хетеросексуалните идентитети“, рече таа додавајќи дека маргиналните појави стануваат авангардни.
Говореше и за вредностите на Западот, каде, како што рече, се случува позитивна дискриминација по трансродова основа.
Се доделуваат финансии на проекти што ги засегаат трансродовите лица, а приоритети на ЕУ стануваат трансродовите инденти, а тоа се бара и од аспирантите за членство и земјите членки.
Приказната за женските права на опшстествена еднаквост со правата на мажите е тажна приказна, оцени таа, објаснувајќи дека кон крајот на 20-от век таа приказна се поткрепи академски и научно со феминистичките студии. Но овие студии за кратко време се претворија во родови студии, нудејќи нова приказна маргинилизирајќи го основниот идентитет на жената и мажот. По родовите студии следи приказната на трансродовите идентитети, со што симпатичната бајка за рамноправност на жените се трансформираше, оцени академик Ќулавкова на денешниот собир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.