Македонија
Ако СДС сака да стане сериозен општествен фактор, да им се извини на граѓаните што му дозволи на Груби да ја краде Македонија, вели ВМРО-ДПМНЕ

„СДС се тие кои дозволија Артан Груби да прави што сака и да ја краде државата. Артан Груби со друга владина структура не би можел така да се однесува. Но, бидејќи СДС беа гладни за власт и сакаат да останат во владините фотелји што подолго и по секоја цена, му дозволија на Груби да краде од Државна лотарија и од други институции, да игра фудбал по државни институции и да покажува ароганција на највисоко ниво“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС со сигурност од прв ден знаеле што прави Груби. Затоа што не е можно да не знаеле а заедно, седум години, да ја водат владата, која впрочем, поради ДУИ и опстојувала.
Ако целта не им беше само гола власт и ако барем малку се грижеа за државата и граѓаните, СДС ќе го спречеа криминалното делување на Груби и истиот ќе го изведеа пред лицето на правдата. Но, очигледно, наместо државните интереси, на СДС на прво место им бил интересот да останат на власт.
И сега во опозиција СДС мудро молчи по однос на бегалецот од правдата, Груби. Ниту се оградуваат од него, ниту го повикуваат да се врати во Македонија за да се соочи со правдата. Нема ниту извинување до македонските граѓани затоа што го створија и го толерираа Артан Груби.
Од Груби се откажаа и самите ДУИ, како и Тетовскиот Универзитет кој што му даде отказ од работното место, но СДС од него никако не се откажува.
Доколку СДС како партија сака да стане сериозен општествен чинител во Македонија, треба да им се извини на македонските граѓани затоа што го толерирале Артан Груби и затоа што против него не покренаа никаква постапка пред правосудните органи. После тоа да ги повикаат и сите нивни функционери кои тоа го овозможиле.
Во спротивно ќе продолжат да тонат на македонската политичка сцена и наместо со политичките партии, по рејтинг да се споредуваат со невладини организации“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.