Македонија
Активен викенд на Галичица – трката „Охрид Ултра-Треил®“ ќе се одржи од 18 до 20 септември
Во овие невообичаени времиња кога нашето секојдневние е нарушено, многу спортски настани се откажаа насекаде низ светот. Сепак, на големо задоволство и радост на оние кои активно се занимаваат со спортови во природа, трката во планинско трчање Охрид Ултра-Треил® ќе се одржи од 18-20 септември 2020 година во Националниот Парк Галичица, Преспанско-Охридскиот регион. Пријавувањето веќе е отворено и трае до 7 септември на вебсајтот на настанот www.ohridtrail.mk.
„Ова е второ издание на Охрид Ултра-Треил® кое го сочинуваат 3 планински трки со различни должини од 18км, 66км, а новина е трката од 107 км што ја сместува во „посебната“ група на спортски настани со ултра-дистанци привлекувајќи професионални планински тркачи од цела Европа воедно поттикнувајќи ги домашните натпреварувачи да постигнат значаен меѓународен успех“, појаснува директорот на настанот Дејан Крле.
„Стотката“, како што планинските тркачи ја нарекуваат жаргонски, е трката – знаменосец и започнува од Кејот Македонија во центарот на Охрид, во 23 часот на 18 септември, петок. Натпреварувачите втрчуваат во оваа авантура најпрво низ стариот дел на градот – варошот, преку Самоиловата тврдина па покрај туристичкиот симбол на нашата земја – Канео. Потоа, во текот на ноќта минуваат по макадамски патишта во пониските делови на планината Галичица низ сите села и населби кон живописниот манастир Св.Наум на јужната страна на брегот од Охридското Езеро.
Таму, во рана зора, на 19 септември, сабота, во спокојот на изворите на реката Црн Дрим, им се придружуваат учесниците кои стартуваат на втората трка „Галичица Ултра“- на едно незаборавно патешествие од 66 км. Заедничката маршрута го следи главното било во срцето на Националниот Парк Галичица, откривајќи чудесни пејсажи кон двете езера Преспанското и Охридското – истовремено.
Третата трка – „Летница Треил“ – стартува во 10 часот во сабота на 19 септември од селото Рамне и нуди релативно кратка но еуфорична планинска дистанца од 18 км. Маршрутите на сите трки се соединуваат над селото Велестово и сите планински тркачи пристигнуваат, еден по друг, во текот на целиот ден, на целта во Охрид на Кејот Македонија.
Секој оној кој се чувствува физички подготвен и посакува да го искуси планинското трчање, но и оние искусни момци и девојки кои бараат сериозен психо-физички предизвик можат да дознаат повеќе детали и да се пријават на една од трките на www.ohridtrail.mk
Охрид Ултра-Треил® е меѓународна планинска трка која е организирана од здруженијата „ТРЕКС“ од Скопје и „Спорт за сите – сите за спорт“ од Охрид, по безбедносни критериуми според ITRA (International Trail Running Association www.itra.run) каде сите финишери се стекнуваат со квалификациски поени за најпозната светска трка во планинско трчање Ultra Trail du Mont Blanc® на Алпите. Настанот е под покровителство од Преспа-Охрид Нејчр Траст (ПОНТ), Општина Охрид, Делегација на Европската Унија во земјава и е поддржан од претседателот, Стево Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

