Македонија
Активни седум пожари во државата
Благодарение на ангажманот на сите екипи на терен во изминатите часови некои од пожарите се ставени под контрола или целосно изгаснати. Сепак, неколку локации и понатаму се соочуваат со активни жаришта, информира Центарот за управување со кризи.
До 13 часот регистрирани се вкупно 15 пожари, од кои седум се активни, четири се под контрола и четири се изгаснати.
АКТИВНИ ПОЖАРИ (7):
Општина Василево, Радовиш и Берово – с. Нивичино, планината Голем Готен и Малешевските планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација)
Општина Македонски Брод – с. Грешница (мешана шума и сува трева)
Општина Македонски Брод – помеѓу с. Локвица и с. Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација)
Општина Прилеп – с. Бешиште, м.в. Бешишки Рид (ниска вегетација)
Општина Желино – помеѓу селата Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума)
Општина Демир Капија – близу тунелите на автопатот Е-75 (ниска вегетација)
Општина Липково – с. Оризаре (ниска вегетација и стрниште)
ПОЖАРИ ПОД КОНТРОЛА (4):
Општина Македонски Брод – с. Латово, м.в. Маркова Стапалка (грмушки и сува трева)
Општина Ресен – с. Шурленци – с. Езерани (трска и ниска вегетација)
Општина Прилеп – помеѓу с. Царевиќ и с. Смолани, м.в. Радобилски рид (мешана шума и нискостеблеста вегетација)
Општина Прилеп – с. Штавица кон с. Чумово, с. Волково и с. Прилепец (ниска вегетација и деградирана шума)
ИЗГАСНАТИ ПОЖАРИ (4):
Општина Дојран – с. Николиќ (мешана шума)
Општина Гостивар – с. Беловиште (нискостеблеста дабова шума)
Општина Велес – кај с. Џидимирци – Крушје – Иванковци (мешана нискостеблеста деградирана шума)
Општина Куманово – с. Речица (ниска вегетација)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ангелова: Опозицијата шири лаги за инфлацијата и покрај јасните и јавно достапни податоци кои покажуваат дека инфлацијата во државата се стабилизира
И покрај јасните и јавно достапни податоци кои покажуваат дека инфлацијата во државата се стабилизира и дека мерките на владата директно го ублажуваат ударот врз животниот стандард на граѓаните, опозицијата упорно пласира лажна слика за, наводно, економски распад и Македонија на дното по животен стандард. Наместо факти и аргументи, слушаме политички конструкции, дневна пропаганда и ширење паника меѓу граѓаните, без ниту еден конкретен предлог или одговорност за состојбите коишто тие сами ги оставија зад себе. Инфлацијата во државата се стабилизира, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова поставувајќи пратеничко прашање кон претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Ангелова се осврна на енергетската состојба во државата и преземените мерки од страна на Владата за стабилизирање на овој сектор за обезбедување ценовна сигурност и со тоа и заштита на домаќинствата, наспроти лагите на опозицијата кои имаат за цел сеат страв кај граѓаните.
„Во услови кога владата презема континуирани и одговорни мерки за стабилизирање на енергетскиот сектор, заштитата на домаќинствата и обезбедување ценовна сигурност во јавноста повторно се пласираат шпекулации од страна на опозицијата за наводно зголемување на цената на електричната енергија од јануари за 5%. Наместо проверени информации, одговорен пристап, опозицијата повторно избира да шири паника меѓу граѓаните со тврдења кои не се поткрепени со одлуки, факти или официјални податоци, игнорирајќи ги вложувањата и мерките што Владата ги презема за ценовна стабилност и енергетска безбедност“, истакна Ангелова.
Таа зборуваше и за состојбите во правосудниот систем и нарушената доверба на граѓани, при што премиерот го праша за мислење и што очекува да се промени во Јавното обвинителство со разрешувањето на досегашниот државен обвинител и изборот на вршителот на должност.
„По подолг период на нарушена доверба во правосудниот систем, особено во јавното обвинителство, Владата презеде конкретни чекори за враќање на институционалната стабилност, одговорноста и владеењето на правото. Изборот на вршител на должност државен јавен обвинител се случува во момент кога граѓаните очекуваат јасен пресврт, а институциите конечно ослободување од политички влијанија и селективна правда. За разлика од ова, опозицијата повторно се обидува да го дискредитира процесот со паушални обвинувања и политички конструкции без да понуди решение или да покаже вистинска грижа за реформите во правосудството иако токму во нивно време довербата во обвинителството беше на најниско ниво. Оттука моето прашање, се избра в.д. државен јавен обвинител, кое е вашето мислење и што очекувате ви да се промени во Јавното обвинителство“, праша Ангелова.
Македонија
Герасимовски: Рекорден буџет и големи капитални вложувања за Центар во 2026
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, на денешната прес-конференција информираше дека усвоениот буџет за 2026 година е највисок досега и изнесува 1.217.450.000 денари, при што 43 проценти од вкупните средства се наменети за капитални проекти, предвидени во неговата програма за втор мандат.
„Во наредниот период се фокусираме на конкретни и трајни решенија за граѓаните. Инвестираме во дом за стари лица, нова детска градинка, граѓанско-административна зграда и инфраструктура за пофункционален Центар“, рече Герасимовски.
„Планирани се и значајни инвестиции во уличната инфраструктура, реконструкција и уредување на јавни површини, како што е потегот од Зелено пазарче до улица Македонија, но и изградбата на нова катна гаража во Буњаковец, со капацитет од околу 250 возила.
Се предвидуваат и значителни вложувања во зеленилото, а од септември 2026 година се воведува бесплатен оброк за учениците во целодневната настава, како директна поддршка за семејствата во Центар.
Зголемени се средствата за социјална заштита, во делот на поддршката на пензионерите и семејствата. За социјално загрозените пензионери се дуплира еднократната парична помош, додека еднократната поддршка за новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари.
Општина Центар и во 2026 останува посветена на подобрување на квалитетот и условите за живот на своите жители“, се додава во соопштението од Општината
Македонија
„Катаклизма е комплимент за она што вие го оставивте како влада во енергетскиот сектор“, му одговори Мицкоски на Филипче
„Ќе ве потсетам, август 2017 година нула долгови, 25 милиони евра депозити, милијарда и пол денари и некаде приближно 380 милиони денари на сметката на тогашната АД ЕЛЕМ и нула долгови, исплатени плати, приближно дата на пресек 7-8 август 2017. Во 2024 во август 7 % состојба на акумулации на електрична енергија, нула откривка во РЕК Битола, нула откриен јаглен, на депонија околу 20-30 илјади тони, неремонтирани блокови во Битола, неремонтирани во Осломеј, една катаклизмична состојба и долгови од 150 милиони евра. Јас не знам како се оперира глава срце итн., но знам кого да прашам. Другпат кога ќе ви ги постават овие прашања и кога ќе ве носат повторно во длабоко, бидејќи не е ова ваша тема, барем прашајте некој којшто ги разбира овие работи, затоа што тоа што вие го оставивте како влада во енергетскиот сектор, катаклизма е комплимент, но затоа оставивте позади себе десетици-стотици милионери, политички профитери и лешинари коишто се талогот на општеството“.
Вака одговори премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање на Венко Филипче за тоа зошто не е направено ништо за зајакнување на енергетскиот сектор и производството на струја и зошто сега мора да има поскапување на цената на струјата.
Што се однесува на поскапувањето на струјата Мицкоски го упати Филипче да го праша новиот член на раководството на СДСМ кој е брат на претседателот на РКЕ, кое пак е независно тело.
„Зошто поскапување на струјата? Ова прашање господине Филипче можеби најдобро ќе ви го одговори новиот член на вашиот Извршен комитет, господинот Бислимоски којшто е брат на претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски. РКЕ по закон, по Устав е независно тело. Не знам зошто мене ми го поставувате ова прашање. Претпоставувам треба да му го поставите на Марко Бислимоски чијшто брат сега ви е соработник во Извршниот комитет или како и да ви се вика Одбор на СДСМ и се надевам дека тој ќе ви даде попрецизен одговор од мене. А зошто ја манипулиравте јавноста со поскапување над 5%, над 10%, па не излезе толку, излезе 2 запирка нешто проценти претпоставувам дека тие исто така можат да ви дадат одговор“, потенцираше Мицкоски.
Што се однесува на обвинувањето на Филипче дека ништо не се направило за година ипол во енергетскиот сектор и дека истиот се уништува, Мицкоски го потсети Филипче дека 50 луѓе се под истрага или се водат судски процеси за уништување на тоа што било оставено од поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, а поранешниот директор на ЕСМ и висок функционер на СДСМ е во бегство.
„Е сега околу енергетските капацитети. Изминативе година ипол повеќе од 50 луѓе коишто го уништувале тоа коешто е оставено од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, односно од времето кога јас бев директор на тогашното ЕЛЕМ се или под истрага или се водат судски процеси, а поранешниот директор, висок поранешен функционер на СДСМ е во бегство. Ако е невин, ако е чесен ќе дојде тука и ќе се соочи со органите, ќе даде исказ и ќе каже зошто е така. Е сега дали можеби кога зборите за енергетските капацитети мислите и на компании коишто во минатото добиваа ексклузивно право да увезуваат јаглен и за тоа одредени јавни личности и политичари беа наградувани со скапи џипови коишто ги возеа со полномоштво на такви фирми и се префрлаа средства во соседството. Дали на тоа мислите кога зборите за уништување на енергетскиот систем или мислите за уништување на енергетскиот систем кога се купуваа хемикалии и останати средства коишто не се потребни за да се делат провизии за високи поранешни функционери од редовите на СДСМ во Вардарскиот Регион во Пелагонискиот Регион итн“, нагласи Мицкоски.

