Македонија
Акција за чистење на шест локации во Центар, Герасимовски повика граѓаните да пријавуваат диви депонии во Општината
Општина Центар денес спроведува голема акција за чистење и подигање на сметот, во која истовремено се чистат шест различни локации низ општината. Во рамки на акцијата „Центар не чека, Центар чисти“, јавните површини во централното градско подрачје добиваат нов сјај, со помош на тимската работа на општинските служби и поддршката од граѓаните.

Чистењето денес опфаќа:
– Паркот кај Домот на АРМ, позади споменикот „Мајка Тереза“;
– Реонот околу Зелено Пазарче;
– Плочникот и клупите кај Градски ѕид;
– Паркингот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“
– Паркингот кај Министерството за внатрешни работи
– Депонијата позади трговскиот центар „Буњаковец“
Со ангажман на механизација и рачна работа, се отстрануваат отпадоци, се санираат оштетени површини и се враќа чистиот изглед на овие фреквентни јавни простори.

„Денес покажуваме дека Центар е синоним за акција и грижа за заедницата. Шест локации во еден ден значат шест големи чекори напред кон чиста, уредна и здрава средина. Акцијата ќе трае и ќе се проширува во текот на пролетта со генерални акции за чистење во училиштата, градинките и секое ќоше на општината. Верувам дека граѓаните ги препознаваат напорите и помагаат пред се’ со тоа што внимаваат на животната средина и не фрлаат ѓубре. За чист Центар потребно е сите да дадат поддршка“, рече градоначалникот на Центар Горан Гераисмовски.
Центар не само што чисти, туку поставува стандарди за другите општини кои во изминатите денови започнаа со слични акции.
Општината ги повикува граѓаните да пријават проблеми со јавната чистота на територија на Центар со цел брза интервенција. Граѓаните можат да пријават смет и диви депонии на следните телефонски броеви: 076/350-767 и 02/3203-693. Од Општината уверуваат дека службите веднаш ќе излезат на терен и ќе се погрижат за хигиената во општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

