Македонија
Акција за чистење на јавните површини во Скопје, граѓаните може да помогнат преку „Вибер“ и „Фејсбук“

Од Град Скопје информираа дека оваа пролет ќе организираат акција за чистење на јавните површини и за миење на градските улици. Акцијата ќе ја спроведат јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, а се повикуваат и граѓаните да се вклучат во оваа акција и да придонесат за почисто Скопје.
„Ги повикуваме и нашите сограѓани да придонесат во акцијата и да ни помогнат да ги лоцираме дивите депонии во градот. Од денеска сите совесни граѓани може да пријавуваат диви депонии до Град Скопје со испраќање фотографија и локација на депонијата преку ‘Вибер’ на бројот 070/270-557 или со порака на нашата официјална фејсбук-страница на Град Скопје“, стои во соопштението.
На денешната прес-конференција, портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху, ги повика сите општествено одговорни компании и институции да се приклучат и да помогнат со својата механизација за почисто Скопје.
„Со мотив и идеја градот да биде почист, наша цел е ваквите акции да станат редовна пракса одржувајќи ги улиците постојано чисти во градот, без диви и нови депонии“, нагласи Салиху.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Скопјанец преку веб-страница продавал билети за непостоен концерт

Полицијата поднесе кривична пријава за скопјанец кој преку веб-страница продавал билети за непостоен концерт.
Денеска, Секторот за компјутерски криминал поднесе кривична пријава против А. Х. (25) од Скопје за сторено кривично дело компјутерска измама.
Според информациите од МВР, А. Х., во периодот од 4.4.2025 до 13.6.2025, како одговорно лице на компанија што организира музички настани, преку веб-страница за продавање билети овозможил електронско купување билети за концерт што воопшто не бил предвиден да се одржи, односно не бил склучен никаков договор за негово одржување, со што ги довел лицата во заблуда да купат билети за концертот и притоа не ги рефундирал парите.
Од МВР најавија дека продолжува активно да спроведува мониторинг на содржините на социјалните мрежи и на целокупниот интернет-простор, со цел превенција од повикување на насилство, загрозување на сигурноста, ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, злоупотреба на лични податоци и говор на омраза со елементи од кривични дела за кои се постапува по службена должност.
Македонија
Утре, сончево време, со локална појава на дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне, претежно во северните делови, ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Потоа следува период на стабилно и топло време со пораст на дневната температура.
Македонија
„Влен“ најави нова болница во Кичево, инвестиција од 47,5 милиони евра

Кичево ќе има нова, целосно модерна болница, достојна за 21 век и за граѓаните кои живеат со гордост, достоинство и доверба во оваа земја, изјави Беким Сали од ВЛЕН.
„Инвестицијата од 47,5 милиони евра во Кичево ќе овозможи изградба на регионален центар по европски стандарди, со нова модерна инфраструктура, најсовремена медицинска опрема и услови што инспирираат безбедност и доверба кај пациентите и стручниот персонал. Тоа ќе биде болница каде што здраството се среќава со етиката, каде што професионализмот се среќава со почитта и каде што услугата не е привилегија, туку човеково право“, рече Сали.
Тој додаде дека граѓаните од Кичево, Македонски Брод, Пласница, Зајаз, Вранештица, Демир Хисар и пошироко ќе гравитираат кон овој здравствен центар, и за прв пат по многу децении ќе се чувствуваат рамноправни, застапени и згрижени.
Сали, исто така, кажа дека само во Тетово, инвестицијата во подобрување на болничката инфраструктура достигнала 77,5 милиони евра, што вклучува изградба на два нови објекти, реновирање на блокот за хирургија и интерна медицина, како и нов Медицински факултет.