Македонија
Албанската опозиција обединета во Европскиот Сојуз за Промени најавува убедлива победа

Додека стоиме пред вас убедени дека имаме моќ и знаење да ја направиме промената, во позадина е мозаикот на Договорот од Лежа, на историскиот сојуз на тогашните албански кнежевства. Симболиката на овaа Собрание, кога станува збор за Албанците, и во минатото и сега, беше водич за важни пресвртници. Денес овде сме обединети за да ги предизвикаме следните битки, демонстрирајќи го нашето единство да ставиме крај на лошото владеење, кое Албанците овде во Северна Македонија ги донесе до зид, создавајќи мозаик на голема болка и максимално избледување на надежите и перспективите. Но, еве сме, тука, со вас и на првите борбени линии, решени да донесеме промени, велат од коалицијата на опозициските партии на Албанците во Македонија.
– Оваа коалиција не претендира да има монопол на желбата за промени. Нам ни е потребен секој човек. Денес сме три партии, очекуваме „Европскиот Сојуз за промени“ да се окрупнува дополнително. Вратата е отворена за сите слободоумни индивидуи, луѓе со интегритет, невладини организации, но и политичари и партии кои се подготвени со нас да ги споделуваат идеолошките вредности и програмски приоритети на кои почива оваа коалиција. Како што можете да видите на логото на коалицијата сега има три sвезди кои сме сигурни дека ќе станат многу повеќе, – велат оттаму.
– Денеска сакам да упатам уште еден апел. Во куполата на трансформираната ДУИ со изминат рок, која повеќе од 20 години подфрлуваше и ги разочаруваше очекувањата на чесните граѓани, се инсталираа грст криминални платеници, кои партијата и политиката ја искористија како отскочна даска за лични кариери и за да станат новите олигарси. Овој грст криминалци, утре ќе ја напуштат партијата како што ги напуштија формираните невладини организации или како што целосно ја напуштија државата во тие 18 месеци додека ДУИ беше во опозиција, а цената ќе ја платат основачите, членовите и чесните структури кои ќе наследат идеолошки и морално здробен политички субјект, – додаде Изет Меџити.
– Ние, Европскиот Сојуз за Промени, ќе ја донесеме долгоочекуваната промена на албанската политичка сцена во земјата, а за оваа нашата врата е широко отворена и ни треба секој чесен и праведен човек како основни вредности и предуслови за ослободување на земјата од канџите на оние кои повеќе се грижат за својот џеб отколку за иднината на албанскиот народ, – заклучуваат од коалицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски во Париз ја реафирмира стратешката ориентација на државата кон членството во ЕУ

Во рамки на работната посета на Париз, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари одделни средби со претседателката на Интерпарламентарната група за пријателство Франција – Западен Балкан, сенаторката Марта де Сидрак, и со советникот на францускиот претседател Емануел Макрон за Континентална Европа и Турција, Бертран Бишвалтер.
На средбата во францускиот Сенат беше истакнато значењето на парламентарната дипломатија во градењето на стабилни и севкупни односи меѓу двете земји. Се разговараше за европската перспектива на Северна Македонија и регионот, како и за можностите за унапредување на парламентарната соработка и продлабочување на политичките и економските врски. Посебен акцент беше ставен на доследната поддршка од француска страна за македонските евроинтеграции.
На средбата со советникот Бишвалтер беа отворени прашања од заеднички интерес, вклучително и актуелните геополитички предизвици во Европа, важноста на регионалната соработка, партнерството и придонесот на Република Северна Македонија во рамките на НАТО Алијансата, како и понатамошното јакнење на соработка во контекст на европската и регионалната стабилност.
Министерот Муцунски ја реафирмираше стратешката ориентација на државата кон членството во Европската Унија, како и континуираната посветеност на реформските процеси и на добрососедските односи. Воедно, беше потврдена значајната улога на Франција како силен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија и на регионот, со цврста определба оваа поддршка да продолжи со несмален интензитет и во наредниот период.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: По трагедијата во Кочани целосно се забрани употреба на пиротехника во затворен простор

СДС брутално и очигледно ја злоупотребува трагедијата во Кочани, со очајнички обиди да фрлат песок во очите на јавноста и со нивните лаги да ја засенат вистината, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на обвинувањата од потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„За разлика од претходната власт сега има сеопфатна, темелна истрага за трагедијата во Кочани во која беа опфатени поранешни и сегашни функционери, од кои некои се во притвор, а тоа е доказ дека сега има одговорност и неселективност. Владата на ВМРО-ДПМНЕ за разлика од претходната власт, донесе серија законски, измени со кои тотално се забранува употреба на пиротехнички средства во затворен простор, со цел да нема импровизации кои во иднина би резултирале со несреќи“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека санкциите за прекршување на оваа забрана драстично се зголемени, но исто така утврдена е и строга одговорност за нелегално присуство на малолетници по полноќ во угостителски објекти, со цел заштита на младата популација.
„Ова се ефикасни законски мерки со кои се воведува одговорност и ефективен надзор, мерки кои гарантираат заштита на јавноста во затворени простории. Оваа Влада демонстрира одговорност со максимална сериозност и законски механизми ја брани јавната безбедност, води транспарентна и структурирана одговорност кон сите виновници без исклучок“, велат од партијата.
Македонија
АХВ: Засилени мерки по појавата на ново жариште на чума кај малите преживари во Албанија

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) воведе мерки на засилен надзор на болеста чума кај малите преживари, особено во регионот на Западна Македонија, со цел спречување на внесување и ширење на болеста од соседна Албанија во земјава.
Засилена е контролата на движењето и транспортот на животни од видовите овци и кози по добиеното известување вчера вечер преку европскиот систем за пријава на болести (ADIS) на Светската организација за здравствена заштита на животните – WOAH, дека во Република Албанија во областа Дебар, во место Кастриот, на фарма со 200 кози има појава на ново жариште на болеста, по пријавата на првиот случај неодамна во областа Скадар.
АХВ донесе Решение за забрана за увоз и транзит на живи домашни и диви мали преживари, семе, јајце клетки и емброни од домашни и диви мали преживари, месо од домашни и диви мали праживари, производи и преработки од месо од домашни и диви мали преживари, млеко и производи од млеко од домашни и диви мали преживари, како и нуспроизводи од домашни и диви мали преживари во Република Северна Македонија од РепубликаАлбанија, со цел спречување на можноста за ширење на болеста.
Со оглед на новонастаната состојба, а заради намалување на ризикот од појава и проширување на болеста, АХВ ги извести ветеринарните друштва и официјалните ветеринари за спроведување на засилен надзор на одгледувалиштата со овци и кози и пријавување на секој сомнителен случај на болеста. На сила останува Решението за безбедносни мерки во однос на болеста чума кај мали преживари кое Агенцијата за храна и ветеринарство го донесе на 09.08.2024 година.
Агенцијата за храна и ветеринарство го извести Министерството за внатрешни работи за новонастанатата ситуација со појава на болеста во пограничниот регион со Македонија за преземање на засилени мерки за надзор и спречување на евентуален шверц со живи животни од видовите овци и кози од Албанија во нашата земја.