Македонија
Албанскиот опозициски фронт: Дали ѝ кажавте на Фон дер Лајен за авантурата за враќање на Груевски?
Албанскиот опозициски фронт ја поздрави посетата на претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, која, како што велат, ги вложува сите напори за забрзување на целосната интеграција на Северна Македонија во ЕУ.
Велат дека со особено внимание ги слушнале нејзините пораки за неопходноста од коренити внатрешни реформи во сите сфери, со фокус на справување со високата корупција и во целина ги делат нејзините препораки.
Како што велат, тоа се и нивните заложби, кои ги повторуваат во континуитет и за кои нудат „ефикасни решенија и политики“.

„Денес сме овде пред Владата бидејќи знаеме дека најголемиот проблем за нашето полноправно членство во ЕУ седи овде, во овој објект. Затоа, денес ја користиме можноста да ги поставиме следните прашања:
Дали ѝ кажавте на г-ѓа Фон дер Лајен за авантурата за враќање на Груевски? Ѝ објаснивте ли дека главната лажна надеж за ЕУ стана политичарот што најмногу ја оддалечи земјата од ЕУ додека беше премиер? Дали ѝ објаснивте дека, всушност, ДУИ е откажана од уставните измени? Дали ѝ кажавте дека единствениот фокус на ДУИ е преку враќањето на Груевски да се обиде да обезбеди пазар со ВМРО-ДПМНЕ, каде што на маса ги става и пратениците на СДСМ? Дали дозна г-ѓа Фон дер Лајен дека ДУИ бара концентрациска влада по парламентарните избори за да го зачува нелегално стекнатиот капитал?
Измените на Кривичниот закон, кои овозможија амнестија за многу поранешни функционери преку злоупотреба на ЕУ-знаме, е најдобра потврда дека ДУИ ги злоупотребува европските интеграции како параван за остварување лични бизнис и теснопартиски интереси“, рече Башким Хасани од Албанскиот опозициски фронт.
Од таму додаваат дека Албанците никогаш нема ѝ го простат ова кокетирање на ДУИ со Никола Груевски, кој, како што велат, на нашиот народ му нанесе големо зло.
На изборите, кога и да се одржат, следува казна за ДУИ, додава Башким Хасани од Албанскиот опозициски фронт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

