Македонија
Ангелова: Опозицијата шири лаги за инфлацијата и покрај јасните и јавно достапни податоци, кои покажуваат дека инфлацијата во државата се стабилизира
И покрај јасните и јавно достапни податоци кои покажуваат дека инфлацијата во државата се стабилизира и дека мерките на владата директно го ублажуваат ударот врз животниот стандард на граѓаните, опозицијата упорно пласира лажна слика за, наводно, економски распад и Македонија на дното по животен стандард. Наместо факти и аргументи, слушаме политички конструкции, дневна пропаганда и ширење паника меѓу граѓаните, без ниту еден конкретен предлог или одговорност за состојбите коишто тие сами ги оставија зад себе. Инфлацијата во државата се стабилизира, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова поставувајќи пратеничко прашање кон претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Ангелова се осврна на енергетската состојба во државата и преземените мерки од страна на Владата за стабилизирање на овој сектор за обезбедување ценовна сигурност и со тоа и заштита на домаќинствата, наспроти лагите на опозицијата кои имаат за цел сеат страв кај граѓаните.
„Во услови кога владата презема континуирани и одговорни мерки за стабилизирање на енергетскиот сектор, заштитата на домаќинствата и обезбедување ценовна сигурност во јавноста повторно се пласираат шпекулации од страна на опозицијата за наводно зголемување на цената на електричната енергија од јануари за 5%. Наместо проверени информации, одговорен пристап, опозицијата повторно избира да шири паника меѓу граѓаните со тврдења кои не се поткрепени со одлуки, факти или официјални податоци, игнорирајќи ги вложувањата и мерките што Владата ги презема за ценовна стабилност и енергетска безбедност“, истакна Ангелова.
Таа зборуваше и за состојбите во правосудниот систем и нарушената доверба на граѓани, при што премиерот го праша за мислење и што очекува да се промени во Јавното обвинителство со разрешувањето на досегашниот државен обвинител и изборот на вршителот на должност.
„По подолг период на нарушена доверба во правосудниот систем, особено во јавното обвинителство, Владата презеде конкретни чекори за враќање на институционалната стабилност, одговорноста и владеењето на правото. Изборот на вршител на должност државен јавен обвинител се случува во момент кога граѓаните очекуваат јасен пресврт, а институциите конечно ослободување од политички влијанија и селективна правда. За разлика од ова, опозицијата повторно се обидува да го дискредитира процесот со паушални обвинувања и политички конструкции без да понуди решение или да покаже вистинска грижа за реформите во правосудството иако токму во нивно време довербата во обвинителството беше на најниско ниво. Оттука моето прашање, се избра в.д. државен јавен обвинител, кое е вашето мислење и што очекувате ви да се промени во Јавното обвинителство“, праша Ангелова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Срушена дивоградба во Јурумлери, инспекции во Општина Гази Баба
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, информира дека во Јурумлери на ул. 9 е отстранета дивоградба по постапување на општинската инспекција и донесено решение за рушење.
Сопственикот постапил по решението и сам ја отстранил дивоградбата.
Градоначалникот најави дека инспекциите се на терен и вели дека нема да дозволи диво градење и непочитување на прописите.
„Ставаме ред и почитување на Законот за градење. Инспекциските служби континуирано се на терен и постапуваат таму каде што има неправилности. Нема да дозволиме диво градење и непочитување на прописите“, вели Стефковски.
Тој упати апел до сите граѓани да го почитуваат Законот за градење.
Македонија
(Видео) По барањето за извинување од „Пирамид билдинг солушнс“, СДСМ тврди: Сè е јавно достапно
Откако компанијата „Пирамид билдинг солушнс“ побара извинување од СДСМ, од опозициската партија велат: „Тоа што АКТ го објави се факти, аргументи и докази. Станува збор за 51 тендер во општините, во вредност од 16 милиони евра, и сите податоци се јавно достапни.
Петар Огњеновиќ рече дека фирмата може да се обрати до Јавното обвинителство и од таму да бара извинување.
СДСМ прашува дали е спорен мандатот на Доновски како член на избирачки одбор од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и дали станува збор за клевета или за факти што, како што тврдат, укажуваат на тендерски шеми.
Според СДСМ, сопругата на Доновски е сопственичка на три фирми, а една од нив, „Аксес инженеринг груп ДОО увоз-извоз Скопје“, е основана во 2019 година со Филип Гулевски, кој подоцна станал сопственик и на „Аксес констракшн груп увоз-извоз Скопје“.
СДСМ тврди дека оваа фирма на 4 декември 2025 година добила тендер од 1,1 милион евра за спортски сали во Крушево и Аеродром, доделeн од Министерството за спорт.
Од партијата порачуваат дека Антикорупцискиот тим ќе продолжи со јавно објавување на информации и докази, наведувајќи дека, според нив, „работата не е завршена“.
Македонија
Општина Аеродром објави оглас за давање под закуп покриен шанк во паркот „Авионче“
Општина Аеродром објави оглас за давање под закуп на урбана опрема – покриен шанк, по пат на електронско јавно наддавање, што ќе се спроведе преку електронскиот систем www.e-stvari.mk.
Предметот на закуп е покриен шанк со вкупна површина од 118,76 квадратни метри, лоциран во паркот „Авионче“ во Ново Лисиче. Објектот располага со кафе-бар, кујна, тоалети, тераса и помошни простории и се дава под закуп за период од пет години.
Рокот за поднесување пријави е до 13 февруари 2026 година, а електронското јавно наддавање ќе се одржи на 16 февруари 2026 година.
Како дел од посебните услови, најповолниот понудувач ќе има обврска во рок од 90 дена да постави детско игралиште со реквизити во паркот, да обезбеди редовно одржување на просторот, јавен пристап до тоалетите, систем за управување со отпад и 24-часовна чуварска служба.
„Со оваа постапка продолжуваме со транспарентно управување со јавниот простор, унапредување на парковската инфраструктура и создавање подобри услови за граѓаните, како и поддршка на локалниот бизнис сектор“, велат од Општина Аеродром.
Целосната документација и условите за учество се достапни на www.e-stvari.mk и на официјалната веб-страница на Општина Аеродром, односно на следниов линк: https://sn.rs/rvpmd.

