Македонија
Ангел Анѓушев: високотехнолошките производи се начинот како да расте македонската економија
Македонските фирми треба да целат кон тоа повеќе да произведуваат производи со висока технологија и повисока додадена вредност во нив, бидејќи така ќе имаат и подобра заработка, ќе има и за подобри плати за вработените и за поредовно плаќање даноци кон државата, изјави Ангел Анѓушев во поткастот на Стопанската комора со Бранко Азески.
Ангел Анѓушев, оперативен директор на Грин Машинс на БРАКО, смета дека тоа е рецептот за развој на економијата во Македонија, и дека земјава не би требало да се нуди само како место каде има ефтина работна сила.
Ангел Анѓушев ги сподели искуствата од своето школување на универзитетите во Германија и во Австрија, предностите да се открие како функционираат и како се организирани поразвиените општества и економии, извозот на Грин Машинс низ целиот свет, преку кој се има увид и во работните навики во други култури, од каде секогаш може да се земе добар пример за дома.
Иако по одлука на неговиот татко, Ангел ја почнал својата работа во БРАКО во, според него, натешкиот дел од фабриката, а тоа е производството на жица и жичани производи, вели дека тоа било значајно и корисно искуство за него како машински инженер, додека денес е оперативен директор на технолошки најнапредниот дел од фабриката, програмата за производство на возила за чистење на водороден, електричен и класичен погон.
Во овој контекст, во однос на енергетската транзиција, Ангел Анѓушев смета дека таа треба да се реализира правилно, меѓу другото и со инвестирање во напредни технологии кои треба да го направат животот на луѓето подобар, давајќи ги за пример електричните и водородните возила за чистење на Грин Машинс кои одржуваат хигиена во урбани средини со нула загадување од нивното работење.
Ангел Анѓушев во поткастот зборуваше и за традицијата за наследување семејни имиња, за своите претци кои биле претприемачи уште пред еден век, како и за општествената одговорност на компаниите Фероинвест и БРАКО денес преку помагање во спортот, образованието, здравството, верски објекти итн.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поголем дел од Карпош без струја поради испад на трафостаница
Општина Карпош информира дека поради испад на трафостаница без електрична енергија е поголем дел од општина Карпош и тоа населбите Карпош 1, Карпош 2, Карпош 3, Карпош 4, Тафталиџе, како и делови од Влае и Злокуќани.
„Од ЕВН не информираа дека нивните екипи се веќе на терен и работат на поправка на дефектот“, велат од Општина Карпош.
Се огласија и од ЕВН. Оттаму велат:
„Поради испад на 100/35/10 кВ трафостаница „Запад”, дел од Карпош остана без снабдувањето со електрична енергија. Екипите на Електродистрибуција веднаш излегоа на терен и го вратија снабдувањето со електрична енергија во поголемиот дел од општината. Се продолжува со работа се до потполно отстранување на дефектот и нормализирање на снабдувањето за сите засегнати корисници“, ни одговорија од ЕВН.
Македонија
Еуроњуз: Македонија има најмногу смртни случаи во Европа како последица на загадувањето
Најпогодена држава од загадувањето на воздухот е Македонија, а по неа следи Србија, објави „Еуроњуз“ повикувајќи се на извештај на Европската комисија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Соседните држави Албанија и Бугарија, како и Црна Гора исто така се наведуваат како земји со високо ниво на загаден воздух.
Според извештаите на Европската агенција за животна средина, изложеноста на PM2.5 честичките предизвикало околу 239.000 предвремени смртни случаи во Европа во 2021 година, додека уште 48.000 луѓе починале како резултат на изложеност на азот диоксид.
Институтот за јавно здравје лани објави извештај според кој речиси 18% од вкупната смртност во Македонија може да се препишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички.
Претходно УНИЦЕФ објави алармантна статистика дека секој деветти смртен случај кај новороденчиња во земјава е поврзан со загаден воздух.
Македонија
На Попова Шапка повеќе од половина метар снег
До крајот на денот нè очекува облачно и студено време со повремени врнежи од снег. Поради ниските температуре и северниот ветер ќе има појава на голомразица и снежни наноси, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Како што информираат од УХМР, највисока снежна покривка измерена е во Попова Шапка со 64 сантиметри снег, Маврови Анови 50 сантиметри, Штип 30 сантиметри, Тетово 26 сантиметри, додека во Крушево 24 сантиметри.
Најниски температури измерени се во Маврови Анови и Попова Шапка -7 степени Целзиусови, во Крушево -6 степени Целзиусови, додека во Берово и Прилеп измерени се -3 степени Целзиусови.
Од УХМР велат дека утре времето ќе биде претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од -3 до 3 степени Целзиусови.
Во Скопје претежно облачно и студено со повремен снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 2 степени Целзиусови.
Во вторник ќе провејува слаб снег и ќе дува слаб до умерен северен ветер. Утринските температури насекаде ќе бидат негативни, а и дневните наместа ќе се задржат под нула. Потоа во следните денови ќе преовладува стабилно и натаму студено време, со ниски утринските температури кои поради разведрувањето дополнително ќе опаднат и наместа ќе се спуштат под -10 степени.