Македонија
Андоновски најави владин центар за одговор на сајбер-инциденти
Следната фаза во јакнењето на националната сајбер безбедност е изградбата на новиот Владин Центар за одговор на сајбер инциденти – GOVCIRT, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на форумот „Технологии и добри практики во сајбер безбедноста. Искуства од Република Италија“, одржан денеска во Скопје.
На настанот присуствуваа претставници од италијанските институции и компании, како и експерти и претставници од македонските институции, кои дискутираа за новите модели и решенија за унапредување на сајбер отпорноста.
Министерот Андоновски истакна дека Владата е целосно посветена на создавање безбеден, стабилен и модерен дигитален екосистем, и дека новиот Закон за сајбер безбедност, усвоен оваа година, претставува темел за европски стандард во оваа област.
„Со овој закон ја поставуваме јасната рамка за управување со ризици, брз одговор на инциденти и координација меѓу институциите. Тоа е сигнал дека Македонија е подготвена да функционира безбедно дури и во време на комплексни дигитални закани,“ истакна министерот.
Тој потсети и на Националната стратегија за сајбер безбедност, која ја дефинира визијата за создавање сајбер-отпорно општество и поставува приоритети за критичната инфраструктура, човечки ресурси и меѓународна соработка.
Министерот го најави создавањето на новиот Владин Центар за одговор на сајбер инциденти (GOVCIRT) како централна институција за заштита на националните дигитални системи.
„Инвестираме во инфраструктура, модерни алатки и 24/7 оперативна подготвеност. Во тек е финализирањето на Патоказот за развој на GOVCIRT, кој ќе ја прошири експертизата на тимот и ќе овозможи интеграција во европските мрежи за размена на информации,“ изјави Андоновски.
Во завршницата од обраќањето, министерот Андоновски порача дека сајбер безбедноста е тивката архитектура на дигиталната држава и дека Македонија решително го гради тој систем преку законски решенија, стратегии и меѓународни партнерства.
„Со новиот Закон, со Националната стратегија и со развојот на GOVCIRT, ја поставуваме основата на довербата што ја држи дигиталната држава. Тоа е нашата следна фаза – да изградиме стабилен и европски модел на сајбер безбедност,“ заврши министерот Андоновски.
Министерот Андоновски изрази благодарност до Италија за поддршката и споделените искуства во областа на сајбер безбедноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковиќ – Месаровиќ: Заедничка цел стабилен и економски поврзан регион
Заменик-претседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денеска во Белград оствари работна средба со потпретседателката на Владата и министерка за економија на Р Србија, Адријана Месаровиќ.
На средбата се разговараше за повеќе теми, имајќи го предвид заедничкиот интерес на двете земји за натамошно унапредување и продлабочување на економската соработка, поттикнување на заеднички инвестициони проекти, како и за заеднички настап на трети пазари, во пресрет на македонско-српскиот бизнис форум кој ќе се одржи во Скопје на 3 декември.
„Бидејќи наша заедничка цел е интензивирање на економската соработка и зголемување на надворешнотрговската размена, денеска остварив мошне конструктивен состанок со потпретседателката на Владата на Р Србија, г-ѓа Адријана Месаровиќ. Бројките веќе покажуваат дека оваа година, и покрај сите предизвици, економската размена ќе биде поголема од минатата, имајќи предвид дека за првите девет месеци е остварена размена од повеќе од 1,1 милијарда евра, додека во 2024 година таа изнесуваше 1,4 милијарда евра“, истакна по средбата Стоилковиќ.
Тој додаде дека посетата претставува уште една потврда на континуираниот дијалог и партнерството меѓу двете земји, насочени кон стабилен, економски поврзан и европски ориентиран регион на Западен Балкан.
„Стопанствениците бараат соработка и нашата цел е да излеземе во пресрет на нивните барања и дополнително да ги поврземе. Со поддршка на претседателот на Владата на РС Македонија, г. Христијан Мицкоски, на 3 декември во Скопје ќе организираме голем Бизнис форум на кој ќе разговараме за понатамошно унапредување на соработката, пласман на македонските и српските производи на пазарите на двете држави, за што постојат сериозни потенцијали. Владата на Христијан Мицкоски води одговорна политика која носи конкретни резултати – стабилен економски раст, отворање на нови пазари и зајакнување на регионалната стабилност и поврзаност. Благодарение на таквите политики, нашите стопанственици ќе имаат сè повеќе можности за пласман на своите производи и услуги на други пазари“, изјави Стоилковиќ.
Средбата потврди дека меѓусебната соработка меѓу РС Македонија и Р Србија продолжува да се развива во духот на партнерство, доверба и заеднички интереси на економскиот и регионалниот план.
Македонија
Утре ведро и студено претпладне, преку денот сончево
Времето утре, наутро ќе биде ведро и студено, а во текот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Во наредните денови Сседува период на стабилно и суво време со постудени утра и со услови за утринска магла по одделни котлини. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Дневните температури ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Дел од корисниците на Центар утре без вода
Дел од корисниците на Центар, поради дефект, утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 13.11.2025 година, четврток, поради уличен дефект на ул. 8 -ма Ударна Бригада 39, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица,вклучително и објектот на Амбасадата на Италија. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Центар)“, информира РЦУК.

