Македонија
Анѓушев: Ако од ВМРО-ДПМНЕ не се извинат за лагите, ќе треба да ги објаснат пред суд
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска преку соопштение реагираше на, како што вели, постојаните обвинувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Изминатиов период сум предмет на интересирање на опозицијата. Се посочуваат обвинувања, од тоа дека имам финансиска корист од преговорите околу разликата со името со Грција, до тоа дека сум влегол во политиката да ги вратам наводните долгови на компаниите што ги поседувам. Сите овие обвинувања може да се објаснат со два збора – бескрупулозни лаги“, се вели во реакцијата на Анѓушев.
Тој истакнува дека одлучил да се обрати на ваков начин бидејќи нема намера секој ден да се занимава со луѓе кои, како што вели, немаат друга работа освен да држат прес-конференции каде повикуваат да се даде одговор на непостоечки обвинувања.
„На почеток на мандатот, во законски рок транспарентно го објавив имотниот лист и се гордеам со сè што сум направил во Република Македонија. Јас немам што да кријам, но, за жал, луѓе кои се навикнати да живеат од рекет и криминал и воедно немаат друг аргумент за тоа како некој друг може да биде чесен и успешен на поинаков начин од нивниот, се занимаваат со лаги и во нивните глави замислени шеми“, истакнува вицепремиерот во соопштението.
Додава дека нема намера да влегува во политичката шема на ВМРО–ДПМНЕ кои, според него, изминатите 10 години покажале како не треба да се владее.
„Мојата работа изминатиот период покажува резултати, тие се видливи, а за сè друго ВМРО-ДПМНЕ и нивните претставници кои ги изнесуваат секојдневно лагите ќе мора јавно да се извинат во рок од 24 часа за изнесените невистини или истото да го докажуваат пред судските инстанции во земјава каде ќе поведам постапки за навреда и клевета“, потенцира Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

